8.9 C
Ohrid
четврток, април 18, 2024
ПочетнаМакедонијаЕкспертите на СДСМ и ДУИ не ги прифаќаат препораките од Венецијанската Комисија...

Експертите на СДСМ и ДУИ не ги прифаќаат препораките од Венецијанската Комисија ???

Премиерот Зоран Заев во првата реакција најави дека ќе се почитуваат препораките на Венециската комисија, но ден потоа додаде дека „нема да дозволиме да бидеме наивни да отвораме повторно некои работи кои би можеле да нѐ поделат“.

Зоран Заев, премиер, 7 декември 2019

„Укажувањата на Венецијанската комисија за Законот за употребата на јазиците ќе ги испочитуваме и ќе се даде конкретно ревидирање од надлежното Министерство за правда, заедно со експертите, на прецизен начин како што тоа Венецијанската комисија го кажува и потоа ќе се прати во Парламентот за негово донесување. Но, нема да дозволимe да бидеме наивни никој од нас да отвораме повторно некои работи кои би можеле да нѐ поделат. Секогаш сме биле конзистетни во изјавите и она што сакам уште еднаш да го реафирмирам во јавноста е дека многу убави работи се случија во последните две и пол години со кои што нашиот народ, сите етнички заедници, различни религиозни групи и секако различни културолошки наследства и сличности, успеа да се обедини во концептот на „Едно општество за сите“. Од сите тие работи овој Закон беше едната работа која нѐ обедини“.

Радмила Шекеринска, вицепремиерка, 8 декмври 2019

„Мислењето на Венециската комисија ќе се почитува. Ќе го почекаме официјалниот извештај на Комисијата, ќе го анализираме мислењето, па ќе излеземе со заеднички став. По долгите дискусии за Законот за јазици ние излеговме со текст зад кој застанавме и добивме сериозно мнозинство и во Собранието, кажавме дека имаме и одредени дилеми и за тие дилеми, но и за целиот Закон, самата Влада побара мислење од Венециската комисија“.

Бујар Османи, вицепремиер, 7 ноември 2019

„Секое еднострано поместување на балансот во македонско – албанските односи кои се постигнати со многу труд ќе отвори магичен круг и спирала која ќе нѐ помести од патот кој што сме тргнале. Било кој обид, на пример дали македонските уставни судии да ги надгласуваат албанските уставни судии, дали Министерството за правда без согласност од целата Влада, дали Собранието без согласност и на претставниците на етничките заедници, дали кој било друг во државата ако се обиде на најсензитивното прашање да пристапи еднонасочно, буквално ја урива оската на која се држи балансот на македонско-албанските односи во државата. Колку што ни е важен јазикот, толку ни е важна и правната држава. Го споделуваме ставот дека не смее ниту еден предмет да биде жртва на неизградени капацитети. Фокусот треба да ни биде во забрзана изградба на капацитети и во судството, и во администарцијата, притоа да најдеме начин како ниту еден предмет, од кој и да е тип, да не биде жртва на неизградени капацитети во судство. По однос на банкнотите ќе треба повторно да седнеме инклузивно и да видиме како да се спроведе овој заклучок на Венециската комисија. Сите забелешки на Венециската комисија треба да се имплементираат во акциските планови и во создавањето капацитети“.

Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ

„Ние не сме против унапредување на правата на граѓаните во Македонија, но тоа да биде согласно Уставот и законите. Тоа го бараше ВМРО-ДПМНЕ. Да се седне да се разговара и да се направи функционален закон за употреба на јазиците во Република Македонија. Да се направи законски текст којшто ќе биде согласно Устав, закони, функционалност и сето тоа да се однесе на оценка на Венециската комисија, за да не се доведеме во ситуација како што државата е доведена сега“.

Рецензија

Во својот извештај Венециската комисија ги повика македонските власти да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. „Во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Ја поздравуваме подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците. Но, во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката.

Овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците“.

Премиерот Зоран Заев, 8 октомври 2019

„Сето тоа што го предлагаат е на нивото на европските пракси и сакаме да учиме од Венециската комисија. Рековме дека ја почитуваме Венециската комисија, која ќе го даде нејзиното конечно мислење“.

Јануари 2019

Зоран Заев, Бујар Османи, Рената Дескоска, Томислав Тунтев, Дамјан Манчевски, Миле Бошњаковски… сите во последниве две години неколку пати ветуваа дека Законот за употреба на јазиците пред усвојувањето ќе оди на рецензија во Венециската комисија. Но, тоа не го направија сѐ до усвојувањето на законот во Собранието, па дури потоа конечно беше испратен.

2017 – 2018

Министри, пратеници, државни службеници независно еден од друг во текот на овие две години изјавуваа дека Законот за употреба на јазиците ќе биде испратен до Венециската комисија. Без разлика кога – пред или после усвојување во Собранието, пред или после потпишување на указот за прогласување на законот. Сите објаснуваа, толкуваа, ја убедуваа јавноста дека евентуалните забелешки од Венециската комисија ќе бидат сигурно вградени во законот, без разлика дали ова законско решение е веќе изгласано од пратениците или сѐ уште е во предлог фаза.

Законот за употребата на јазиците беше донесен во јануари 2018 година, па по вторпат изгласан во март истата година.

Рената Дескоска, министерката за правда изјави дека постои согласност меѓу СДСМ и ДУИ евентуалните забелешки на Венециската комисија да се вградат во законот. „Согласност постои и тоа е целта. Зошто вие би праќале на Венециската комисија ако немате волја после тоа да ги имплементирате забелешките. И самиот договор е ако тоа што е донесено во законот биде потврдено од Венециската комисија, во ред, ако не, ќе се менува согласно насоките од Венециската комисија“, рече Дескоска.

Зоран Заев, јули 2017 година

„Законот за јазици кој беше искористен како алиби за нападот на Собранието на 27 април ќе оди на проверка во Венециската комисија и забелешките на нивните експерти ќе бидат применети.

Бујар Османи, 11 јули 2017

„Додека трае расправата за Законот за јазиците во Собранието, ќе се добие препорака од Венециската комисија“. Тоа никогаш не беше сторено. Законот за јазиците беше испратен во Венециската комисија откако законот беше изгласан.

На 11 јануари 2018 година со 69 гласа „за“ беше донесен Законот за употреба на јазиците како дел од законите со европско знаменце. На оваа седница не присуствуваше опозицијата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. На 17 јануари претседателот Ѓорге Иванов соопшти дека нема да го потпише указот за прогласување на законот. За повторното собраниско разгледување пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа 35.000 амандмани на законот.

Венециската комисија е тело на Советот на Европа чие мислење е само советодавно, без обврзувачки елементи. Експертите на Венециската комисија во март 2011 година за нацрт-законот во Украина се согласиле дека украинскиот јазик е основа за кохезија на украинското општество и за заемно разбирање на нејзините членови. Во декември 2017 година, Венециската комисија за Украина објави дека е легитимна и препорачлива целта на државите да го промовираат зајакнувањето на употребата на државниот јазик од сите нејзини граѓани и да презема акции тој јазик да биде изучуван од сите, како начин за решавање на постоечките нееднаквости и за поедноставно и поефикасно интегрирање на лицата кои припаѓаат на националните малцинства во општеството.

mkd.mk

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Да беше жив, денес ќе славеше 73 години !!

Ќе наполнеше 73 години Роден на 19 Април 1951та во Скопје! Беше еден од најкреативните, најталентираните и најшармантните актери во Македонија! Беше еден од ретките,...

Доживотен затвор за кочанскиот монструм кој уби жена со 41 убод од нож

По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кочани, а по признание на вина, Основниот суд во Кочани донесе осудителна пресуда за едно лице за...

Ахмети на импровизирана седница го избра Села за претседател на Собранието, ги усвои и измените на Уставот!

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети го прогласи лидерот на Алијанса за Албанците, дел од Европскиот фронт, Зијадин Села за претседател на Собранието на Македонија,...

ВМРО-ДПМНЕ традиционално ја стартува кампањата од Охрид, вечерва митинг на Градскиот плоштад

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, со голем народен митинг, вечерва традиционално ќе ја започнат кампањата за парламентарните избори од Охрид. На настанот, кој со почеток...