11.7 C
Ohrid
недела, септември 27, 2020
Почетна Македонија МАСАКРОТ КАЈ КАРПАЛАК 2001 - ЕНИГМА БЕЗ ИСТРАГА, ЗЛОСТОРНИЦИТЕ НА СЛОБОДА...

МАСАКРОТ КАЈ КАРПАЛАК 2001 – ЕНИГМА БЕЗ ИСТРАГА, ЗЛОСТОРНИЦИТЕ НА СЛОБОДА…

Translate (Eng):[gtranslate]

8 август 2020 година, Тетово, Македонија – На денешен ден, на 8 август, пред 19 години, кај месноста Карпалак се случи најброен масакр во војната 2001 година врз Вооружените сили на Македонија. Беа убиени десет а ранети тројца резервисти припадници на Вооружените сили на Македонија кај месноста Марков Ѕид близу Групчин, убиените и ранетите беа резервисти од прилепската касарна, застрелани од заседа со зољи и минофрлачи од припадници на терористичката формација ОНА…

Беа убиени Сашо Китаноски (39) од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од Новоселани прилепско, Нане Наумоски (48) од Прилеп, Љубе Грујоски (31) од Пашино Рувци прилепско, Бранко Секулоски (42) од Прилеп, Дарко Вељаноски (27) од Ропотово прилепско, Горан Миноски (29) од Прилеп, Пеце Секулоски (29) од Бело Поле прилепско, Веби Рушидоски (26) од Прилеп и Ердован Шабаноски (20) од Прилеп.

На 8 август 2001 година кај месноста Карпалак конвојот од хермелин, два автобуси, камион и комбе на патот кон Тетово, бил начекан во терористичка заседа во 9.30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Со ракетен фрлач било погодено едно транспортно возило при што загинале осум војници и двајца офицери, како и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови.

РЕКЛАМА

Конвојот со 13 транспортери, 15 тенкови, 30-тина камиони, потешко пешадиско оружје топчиња, хаубици и два автобуса со резервисти од Прилеп одел кон Тетово, Еребино, за да изврши смена на силите и да однесе дополнителна опрема за војската којашто била сместена таму. Со минофрлачи, тромблони, зољи и автомати од клисурата Карпалак бил погоден еден камион и едно цивилно возило кои се запали, а куршумите од автоматското оружје завршиле и во автобусите со кои се транспортирале војниците, но возачот успеал да го оддалечи автобусот од местото на заседата.

Индиции укажуваат на симулиран масакар во пресрет на потпишувањето на Рамковниот договор на 13 август 2001 година. Имено, познато е дека во клисурата Карпалак од самиот почеток на воената криза имало полициски пункт. Без знаење на Министерството за одбрана овој пункт бил повлечен на 6 август 2001 година, два дена пред да се случи масакрот кај Карпалак. Причината за повлекување на полицискиот пункт и кој ја издал таа наредба од МВР останаа непознати до денес.

Набљудувањата потврдуваат дека кај месноста Карпалак не се забележани терористи, а просторот бил надвор од зоната опфатена со воени дејства. Сообраќајот од Скопје за Тетово и обратно, како и Тетово-Гостивар-Маврово се одвивал без било каков инцидент. И ОБСЕ и НАТО го набљудувале целиот простор. На патните правци Битола-Кичево-Гостивар-Тетово и Битола-Прилеп-Скопје-Тетово секојдневно имало проток на воени возила.

На 8 август 2001 година командантот од Прилеп требал да изврши замена на еден дел од артилериската единица на позиции во Тетовско, со нови војници, како што се правело и секогаш. Единицата тргнала од Прилеп-Скопје-Ѓорче Петров-Тетово. Конвојот со 13 транспортери, 15 тенкови, 30-тина камиони, потешко пешадиско оружје: топчиња, хаубици и два автобуса со резервисти одел кон Тетово, Еребино, за да изврши смена на силите и да однесе дополнителна опрема за војската која што била сместена во Тетовско. Чиста случајност била што единицата од Прилеп во временски раздел од 30 минути излегла пред борбените единици кои во 9 часот тргнале од Скопје за Еребино по автопатот за Тетово.

Организаторите на масакрот истовремено на автопатот за Тетово на местото Карпалак поставиле 200 килограми експлозив. Подоцна истрагата ќе открие дека жиците за активирање на експлозивот во пропусниот канал под автопатот кај клисурата Карпалак се наоѓале на местото од каде се пукало со минофрлачи, тромблони, зољи и автомати врз конвојот.

Борбените дејствија на хеликоптерите од воздух кои ја прателе колоната тенкови и транспортери за 10-15 минути отпочнале со борбено дејство во реонот каде што била организирана заседата, што придонело терористите да не можат да го активираат експлозивот. Во извештајот од Военото воздухопловство и Против-воздушната одбрана на Македонија, стои дека пет минути пред да се случи заседата хеликоптер на КФОР го надлетал просторот на Карпалак, а два џипа од КФОР под дејство на нашите хеликоптери избегале и тоа едниот за Скопје а другиот се скрил во Ново Село. По нападот Вооружените сили на Македонија ги употребиле авионите “Сухои“ за надлетување на теренот, а за цело време надлетувале и хеликопетрите. Автопатот Скопје-Тетово бил затворен за сообраќај.

Индикативно е што во почетокот на јули 2001 година, четириесетина дена пред масакрот кај Карпалак, во македонската Служба за државна безбедност постоеле две службени белешки со податоци, дека на ридот од каде се пукало врз конвојот се наоѓа вооружена група од 10-15 лица. Тие преку ден биле присутни во ископаните ровови, а ноќта се повлекувале кај своите јатаци во едно соседно село со Албанци. Службата за државна безбедност добро “го работела“ овој случај и успеала дури да уфрли свој човек-соработник во терористичката група. При едно нивно вообичаено ноќно повлекување кај јатаците, комбиниран тим на припадници на државната и на јавната безбедност при МВР, дури и го посетиле ова место и извршиле снимање и увид на локацијата. Преку соработникот се извршила дури и идентификација на терористичката група, по што од оперативните евиденции на МВР можело да се види дека овие лица се всушност поранешни криминалци и наркозависници, претходно добро познати на македонската полиција.

На пет дена пред потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, а на ден пред масакрот кај Карпалак сите спорни прашања биле усогласени. Вооружените сили на Македонија во сите воени операции во директни борби со терористичката ОНА загубија тројца припадници, а сите останати се убиени на кукавички начин во заседи. За жал некому му било потребно поцрвсто алиби пред потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, заради одвраќање од предумисла на потписниците за потпишување.

Остана нејасно кој наредил на 6 август 2001 година, два дена пред масакрот, да се повлече полицискиот пункт од месноста Карпалак а Министерството за одбрана и Генералштабот да не бидат за тоа информирани. И после 19 години, ниту еден државен орган не се обиде да направи истрага, да утврди што точно се случи со сомнителното убиство на припадниците на Вооружените сили на Македонија кај Карпалак… За жал, никој не одговараше за командна одговорност, иако вината е на тогашниот министер за одбрана Владо Бучковски… Не се процесуирани, иако се познати учесниците во терористичката група кај Карпалак…

Вистината за таа историја еден ден мора да излезе на виделина, иако и сега постојат индиции… Вечна им слава на убиените припадници на Вооружените сили на Македонија на 2 август 2001 година кај Карпалак, нека душите им почиваат во царството небесно на праведниците… Споменик за убиените припадници на Вооружените сили на Македонија кај Карпалак е изграден во прилепската касарна, а спомен плоча е поставена на местото на настанот… Хероите никогаш не умираат, нека е вечен поменот и споменот за нив… Амин…

Тодор Петров-Светски Македонски Конгрес

 

- Реклами -