6 C
Ohrid
петок, октомври 23, 2020
Почетна Македонија 11 годишно девојче од Битола со сребрен медал, во конкуренција над еден...

11 годишно девојче од Битола со сребрен медал, во конкуренција над еден милион испратени писма од целиот свет !!!

Translate (Eng):[gtranslate]

Писмото во кое 11-годишната битолчанка Јана Поповска ги изрази чувствата поради затворените училишта и неможноста на децата да се дружат и заедно да се радуваат на годишните времиња, ѝ го донесе сребрениот медал на 49. литературен конкурс објавен од Светскиот поштенски сојуз. За првпат претставник на Македонски пошти добива медал на Меѓународниот конкурс за млади на Светскиот поштенски сојуз. Награденото писмо на Јана е едно од 1,2 милиони писма кои оваа година пристигнаа на Конкурсот во седиштето на Сојузот во Берн, Швајцарија. Поповска е ученичка во Основното училиште „Елпида Караманди“ во Битола, а нејзин ментор беше профсорката по македонски јазик Сузана Петковска.

Во писмото насловено како „Добар ден, добар човеку“ Јана пишува дека таа е едно обично девојче кое се радува на мали работи, но и многу нешта ја растажуваат.

„Се радувам на дружење со моите другари и другарки, на сладолед во лето, на скијање во зима, на возење велосипед во пролет и… на училиштето во есен!? И самата не знаев дека се радувам и на училиштето во есен и тоа до неодамна, само до пред десетина дена, кога… се случи нешто многу необично! Училиштето ни се затвори. А и другите училишта, не само кај нас… Насекаде! Низ целиот свет. Рекоа: смртоносен вирус! Ние, децата, останавме во своите домови. Не смееме да излеземе надвор. Не смееме да си поиграме со другарчињата…Светот околу нас сега го гледаме само низ прозорското стакло“, пишува таа во писмото.

РЕКЛАМА

Јана Поповска е ученичка во Основното училиште „Елпида Караманди“ во Битола (Фото: СДК.МК)

Понатаму се сеќава и на други проблеми како што се: „обоениот, загаден воздух во зима, оној од кој не можев да дишам со полни гради“, „на ридовите од ѓубре од нечовечка несовесност и на гладните кучиња што бараат остатоци од храна во тој отпад“, „на исчените шуми и падини“. На крај посакува „разнобојни ливади, чисти потоци, зелени планини, разлетани птици, сини езера и разбранувани мориња, сакаме здрав свет“.

„Секое писмо е искра која нè повикува внимателно да слушаме и да посветиме внимание на тоа“, рече генералниот директор на Светскиот поштенски сојуз Хусеин Бишар при онлај прогласувањето на победниците во Берн, Швајцарија.

„Од државата се испраќаа повеќе писма, а годинава беше одлучено да се прати само писмото на Јана. Неочекувано освои сребрен медал на светскиот конкурс. Медалот и дипломата ќе бидат пратени во Македонски пошти во Скопје. Во зависност од тоа каква ќе биде ситуацијата со коронавирусот или ќе ги препратат во школо или ќе организираат настан на доделување. Но, најверојатно ќе го препратат во училиштето. Оваа година за првпат во 49 години откако се организира ова натпреварување за писма, и во Берн, Швајцарија настанот на доделување беше онлајн“, рече мајката на Јана, Наташа Петрова-Поповски.

Извор:Сдк.Мк

за повеќе на следниот линк:https://sdk.mk/index.php/magazin/pismo-za-koronakrizata-na-11-godishnata-jana-popovska-od-bitola-dobi-srebren-medal-vo-konkurentsija-na-nad-milion-pisma-vo-svetot/?fbclid=IwAR2f6bou4CdffCs-DSb8uXEcwoRrpa23UqDXSc2gI-7pNywjNLpKi5jiX0c

- Реклами -