7.9 C
Ohrid
петок, април 19, 2024
ПочетнаМакедонијаМПЦ, МАНУ и УКИМ потпишаа Манифест за македонскиот идентитет

МПЦ, МАНУ и УКИМ потпишаа Манифест за македонскиот идентитет

Македонската академија на науките и уметностите, Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје подготвија меморандум насловен „Македонски манифест“. Во продолжение го објавуваме интегрално документот, потпишан од претседателот на МАНУ, акакдемик Љупчо Коцарев, архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, Стефан и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски пишува Религија.МК

Македонски манифест

Во овие судбински денови за европската иднина на македонската суверена и самостојна Република, ние, легитимните претставници на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, изразувајќи ја нашата загриженост за исходот од развојот на настаните поврзани со евроинтеграцијата на нашата држава, условени од апсурдните барања на Република Бугарија, а убедени во фактот дека ги исполнуваме потребните предуслови за отпочнување на преговорите за евроинтеграција, ги повикуваме, и охрабруваме претседателот на македонската држава, Собранието на Републиката, претседателот на Владата, печатените и електронските медиуми, научните, културните и уметничките институции и здруженија, соодветните министерства за образование и наука, за култура и за надворешни работи, собраниските и вонсобраниските политички партии, како и сите граѓани на Македонија:

– преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ;

– да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет;

– да се уважуваат не само објективните факти и научната аргументација, туку и комплексната интерпретација на историските факти, настани и личности;

– да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто :

а) македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет (што значи дека македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и свој временски континуитет (што значи дека македонскиот јазик опстојувал со векови);

б) македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе-вековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор;

в) споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам;

г) историската вистина не е политичка догма, туку дијалошка, повеќедимензионална категорија чувствителна на гледната точка, во тој контекст и на националниот интерес на секоја држава, вклучително и на Републиката.

Имајќи ги предвид овие сознанија, ние, во име на врвните институции што ги претставуваме, категорично апелираме:

– процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите,

– да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи;

– да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност;

– да се почитува волјата на македонските граѓани, припадници на македонската Република, да живеат во цивилизирани добрососедски односи и да се продолжи практиката на соработка меѓу културните, научните, образовните, религиските и економските институции, и

– да не се создава конфликтен амбиент во државата, да се сочува мирот и слободниот развиток кој подразбира просперитет, алтернатива, демократија и достоинствен живот, вклучително и љубов кон сопствената татковина и држава

Претседател на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев

Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, Стефан

Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски

пишува Религија.МК

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Боки 13 тврди дека Камчев и Русковска знаат каде е милионот од Луи Витон торбата од „Рекет“

Бојан Јовановски во јавноста познат како Боки 13 денес на прес-конференција пред Основниот кривичен суд Скопје рече дека бара фер, а не хистерична и...

Се истепале професорки во средно училиште во Битола

Вчера во СВР Битола, 28-годишната Х.Т. од Битола пријавила дека во средно училиште во Битола била физички нападната од нејзината колешка Ј.Н., соопшти МВР. Од...

Се огласи Паљото од Битола: Лажно сум пријавен дека сум пукал со воздушна пушка во бездомно куче од тераса

Зоран Лазаревски – Паљо, познат фитнес тренер и бодибилдер, како и поранешен кандидат за градоначалник на Битола, за „Слободен печат“ вели дека лажно е...

Малолетно момче заедно со неговиот татко натепале полициски службеници со метален предмет !!

Шеесет и четиригодишен кумановец и неговиот малолетен син биле приведени вчера откако со метален предмет нападнале полициски службеници. На 18.04.2024 во 00.35 часот во Куманово,...