10 C
Ohrid
петок, март 29, 2024
ПочетнаМакедонијаБитбоксерот Мартин Атанасовски – „Со челична волја и здрави навики успеав да...

Битбоксерот Мартин Атанасовски – „Со челична волја и здрави навики успеав да симнам 40 килограми“

Секој личен успех секогаш е најголема победа, најголемо задоволство, но и најголем мотив за сите околу нас. Битбоксерот Мартин Атанасовски ни покажа дека кога во себе ќе ја зацрташ својата цел, кога ќе донесеш цврста и правилна одлука, килограмите стануваат само бројка која постојано се намалува. Неговата борба со вишокот килограми е најубав доказ дека буквално секоја работа во која ќе вложиме труд, време и љубов ќе ни донесе голем успех.

Пред некое време започна една ваша лична борба, борбата за вашето здравје. Кога решивте да се посветите на создавање на здрави навики и што беше пресудно да ја донесете оваа одлука?

Изминатата година како што ни е познато ни се случи глобална пандемија, која влијаеше на нашите животи при што сакал јас или не, ме натера да посериозно размислам за важноста на сопственото здравје. Морам да посочам дека како млад човек, пред тоа и не сум размислувал многу на таа тема. Со намалени социјални активности, со постојано „висење“ на социјалните мрежи, со многу слободно време за размислување, сфатив дека здравјето е непроценливо. Со поддршка од моите родители и другари решив да го сменам начинот на размислување и стил на живот. Започнав од средината на минатата година, кога во голема мера успеав да го променам начинот на исхрана и да ја зголемам физичката активност. И со тоа да обрнам внимание пред сè на моето здравје и физичкиот изглед секако.

Луѓето што се борат со вишок килограми, покрај низата здравствени проблеми со кои можат да се соочат, често се и жртви на говор на омраза навреди и слично. Имате ли вие вакво искуство?

На почеток сакам да кажам дека за среќа, јас сум немал никаков здравствен проблем во врска со мојата прекумерна тежина. Лошо искуство секако дека сум имал особено во ова наше општество, што е сурово и често се навредуваат луѓето врз основа на физички изглед. Дел од работите што ми ги кажале некогаш биле на шега, дел биле кажани како навреда или слично, но најважно е да нагласам дека тие не биле пресудни за да почнам со овој процес, односно не ме допирале тие навреди или таа омраза.

Сигурно сте пробувале и други начини за слабеење, диети, рестриктивни начини на исхрана и слично. Зашто сметате дека токму сега постигнавте успех?

Јас отсекогаш сум знаел што треба да се исфрли од моето секојдневно мени за да почнам да ги губам моите вишок килограми. Всушност секој од нас знае што е штетно, што не е, секој од нас знае дека чипс, газирани сокови, грицки, пржена храна, фаст фуд се штетни за нашето здравје. Само проблемот е кој сака да ги острани и колку сака да ги отстрани од своето мени, за да почне со тој процес, на градење здрави навики, прво и основно преку здрава исхрана. Тоа е една од најтешките одлуки во овој процес дефинитивно барем за мене, да се одлучиш и да пресечеш дека од утре нема да ги конзумираш тие работи за твое добро. Самиот процес е психичка контрола, мора со многу голема желба, труд и одрекување да се одржува таа. Самоконтрола постојано. Сега постигнувам најголем успех поради тоа што ги имам сите непотребни и штетни работи исфрлено од моето мени, веќе 9 месеци и навистина сум многу посветен на тоа правилно да се хранам. Исхраната ми се состои најмногу од зеленчук и овошје, и на неа гледам како на начин на живот, односно ова е процес кој се чекори на долги патеки цел живот, јас не применувам диета, јас менувам начин на живот и на исхрана тотално од корен. Избрав да започнам буквално сè ново и многу сум среќен поради тоа.

Кои се придобивките за вашето здравје кои ви ги донесе новиот начин на живот. По колку време започнавте да забележувате резултати?

Придобивки има навистина многу, полесно се движам, полесно можам да најдам парче облека, не сум толку мрзелив како порано, можам да отидам до продавница без да се изморам, без да бидам жива вода и ред многу други работи. Подвижен сум многу повеќе и најважно среќен сум, исполнет, имам енергија. Јас започнав од 150 килограми, тоа беше мојата најголема тежина во мојот живот, што е претерано висока бројка која ја носев на себе. Уште првиот месец почнав да забележувам на мене разлика, од секој дел на телото, но како бев истраен и упорен веќе се повеќе и повеќе ја забележував промената и јас и сите околу мене. Тоа е најубавиот дел од процесот, секако и најмотивирачки. Моментално сум на -40 килограми што тоа значи дека имам 110 и веќе е повеќе од видливо и се одразува на мене и мојот секојдневен живот. Голема е разликата со 150 килограми и сега, а и убаво е кога ке слушнеш милион пофалби, за тоа што го правиш дека веќе се гледа резултатот и добивам од сите голема поддршка и мотив да продолжам.

Како наоѓате мотив да издржите и да не се вратите на стариот начин на живот?

Мотив наоѓам со тоа што знам низ што сум прошол со мојот стар начин на исхрана, знам колку ми било мачно тешко низ целиот период да носам 130-150 килограми и никако не би ми паднало на памет да се вратам на нешто такво пак, мотив ми се пријателите, моето друштво, моите родители, сите блиски што ги познавам, но морам и да кажам дека многу е заслужен за ова и Панчо од ДНК, тој не е професионален спортист, не е нутриционист, но со неговото досегашно познавање околу спортот мене ми помага во овој процес многу, се консултирам со него што да јадам како да јадам, колку да јадам, односно неговото искуство има големо значење за мене. Последниве два месеци сме без исклучок два пати неделно на Водно и тоа е голем успех за мене, навистина многу сум му благодарен на него посебно и на сите останати за поддршката. За крај заборавив уште две мои најголеми поддршки огледалото и вагата хаха.

Имате ли некоја мотивирачка, инспиративна порака за луѓето што се борат со ваков вид на проблеми?

Нормално знам колку е тешко да имаш прекумерна тежина, знам како им е на сите оние кои се мачат со тоа и каков проблем всушност имаат. Јас нависитина би сакал сите да ги мотивирам, ова мое искуство да биде инспиративно за сите. Секој што почнал со овој процес или што сака да почне или почнал па се откажал за еден месец како и 80% од луѓето, сакам да им препорачам од сè срце да почнат со ова, да ја направат таа промена да се нафатат на овој чекор кој навистина е тежок и долготраен. Се работи за нашето здравје не се работи дали некој ќе каже гледај каков си, на што личиш и слично, секој кој сака да ја направи оваа промена МОЖЕ! Мора многу да го сака тоа, да се сака себеси. Кога не се грижиме за нас и за нашето здравје, излегува како да не се сакаме себеси. Од кога почнав јас со овој процес на сите околу мене пробувам да им го пренесам моето искуство, да ги насочам колку знам и можам, дури и на моите дома и на сите пријатели, да не купуваат штетни работи да не се хранат нездраво, а особено на оние кои ја имаат таа прекумерна тежина и сакаат да ја победат и да почнат нов живот. Многу ќе ви биде подобро во секој поглед јас ви гарантирам, еднаш се живее па баш затоа да го живееме животот што е можно подолго и поздраво. Запаметете ова на е процес од денес за утре или преку ноќ ова бара многу посветеност, истрајност, психолошка подготвеност, цврст карактер и многу труд, вежбање и волја. И да на крајот сакам да им кажам на сите дека Водно е најубавото и најудобното место за слабеење, пешачење, спортување, тоа ни е дар од Бога дефинитивно. Чувајте се, сакајте се. Променете го вашиот лош начин на живот. Бидете живи и здрави. И за крај како и за сè во животот патот на успехот се состои од безброј чекори, но пресудно е да се донесе цврста одлука и да се направи првиот најтежок чекор.

Мартин ти благодариме што со нас го сподели секој убав збор, инспиративна мисла и стекнато искуство. Среќни сме што на било кој начин сме дел од ова твое прекрасно патување! Се читаме повторно за неколку месеци, уште подобри и посреќни.

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Сашо Донев, Лидија Петкоска и Грација Бакраческа кандидати за пратеници од Охрид

Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги усвои пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за наредните парламентарни избори. На листата во петтата изборна единица има...

Села оди во коалиција со Ахмети, очекува најмалку пет пратенички мандати

Алијанса на Зијадин Села оди во коалиција со Али Ахмети. Со само еден делегат против било одлучено АА да стапи во коалиција со ДУИ...

Тепачка помеѓу вработени во болница во Карпош

Вчера во здравствена установа на подрачјето на Карпош во Скопје, по претходни недоразбирања, настанала физичка пресметка помеѓу Р.М.(43) и В.Р., од Скопје, двајцата вработени...

Општините ќе можат да конфискуваат дивоградби и наместо да ги уриваат да ги доделат на користење на ранливи групи

Општините ќе можат да конфискуваат дивоградби и наместо да ги уриваат да ги доделат на користење на ранливи групи или младински организации. Како што...