15.4 C
Ohrid
сабота, октомври 12, 2024
ПочетнаМакедонијаКој бил Ванчо Михајлов?!- Фашист,терорист, наредбодавец на масовни убиства !!!

Кој бил Ванчо Михајлов?!- Фашист,терорист, наредбодавец на масовни убиства !!!

КОЈ БИЛ ВАНЧО МИХАЈЛОВ
Иван (Ванчо) Михајлов во историската меморија на македонскиот народ останува запаметен како организатор и наредбодавец за голем број убиства на истакнати македонски интелектуалци и дејци, во пресрет на Втората светска војна. Во европската и во светската историја останува запаметен како соработник на нацистичка Германија.

Човекот што го обезглави македонското национално движење

Иван Михајлов во македонското движење се оформува како крупна фигура по организирањето серија убиства на истакнати Македонци. Во септември 1924 година, Михајлов и неговите соработници ги организираат и спроведуваат горноџумајските атентати и убиства. Ликвидациите започнуваат во Горна Џумаја (Благоевград), а се прошируваат низ Бугарија и Европа. Меѓу првите што се убиени по наредба на Михајлов се Димо Хаџи Димов и Арсениј Јовков – еден од раководителите на Илинденската организација и уредник на весникот „Илинден“. За овие настани, Димитар Влахов во своите мемоари запишува: „Иван Михајлов, Протогеров, Шанданов, Монев, Караџов и многу други уште главорези го извршија во Пиринска Македонија, познатото клање на македонските дејатели.“ Според Влахов, по извршените „погроми во Пиринска Македонија и во некои градови во Бугарија, бугарските фашисти организираа индивидуални убиства на одделни прогресивни дејатели – убиствата на Чаулев во Милано и на Тодор Паница во Виена, а па подоцна и на Симеон Кавракиров, Димитар Сурлев, Христо Трајков, Трајко Христов и многу други“. Во овој период, по наредба на Михајлов беа убиени и најзначајните санданисти – приврзаници на великиот македонски водач Јане Сандански. Меѓу убиените беа: Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов, Георги Скрижовски и др. Со овие убиства беше ослабено македонското национално движење во пресрет на Втората светска војна.

Наредбодавец за масовни убиства

Иван Михајлов во македонската и во бугарската историјата останува и запаметен како наредбодавец за неколку масовни убиства во Бугарија. Во јули и август 1925 година, неговите приврзаници преземаат оружени акции врз жителите на селата Градево и Крупник. Биле убиени повеќе лица, а меѓу нив биле Стоил Груев, Благој Мазнеов, Петар Мазнеов, Јане Маламов, Максим Мирасчиски, Асен Пазов, Борис Туфекчиев, Иван Христов, Јордан Цицков, Стоица Цицков, Стојан Газерски, Ангел Кипров, Партени Партениев, Симеон Попов, Костадин Трендафилов, Трошан Трошанов, Крало Цветков, Јосиф Чакалски.
Убиствата биле набљудувани и координирани од Јордан Ѓурков, Аргир Манасиев, К. Димитров и Г. Талев, кои добивале директни наредби од Иван Михајлов, кој престојувал во Горна Џумаја. Девет години по убиствата била пронајдена и откопана масовната гробница на жртвите од селото Крупник. Судските испитувања покажале дека на посмртните останки на жртвите, односно на черепите и коските, немало траги на употреба на оружје. Според истражителите, смртта кај жртвите настанала од удари со остро оружје – ножеви и задушување со јажиња и ремени.

Фашист и соработник на нацистичка Германија

Во почетокот на 30-тите години на 20 век, Иван Михајлов ја продлабочува соработката со хрватските усташи, италијанските фашисти и со нацистичка Германија. Од оваа соработка ќе произлезе тајната операција „Тевтонски меч“ – убиството на кралот Александар Караѓорѓевиќ. Голем број историски документи посочуваат дека операцијата била испланирана и подготвувана од водачите на Третиот рајх – Адолф Хитлер, Хајнрих Химлер и Херман Геринг. Директен раководител на тајната операција бил германскиот генерал Ханс Шпајдел, за што сведочат повеќе писма испратени до Геринг.
Целта на операцијата е преку убиството на Александар Караѓорѓевиќ да се дестабилизираат југословенско-француските односи и Кралството Југославија да се најде под влијание на Германија и на Италија. Атентатот е извршен на 9 октомври 1934 година, во Марсеј, од страна на Владо Черноземски, познат михајловист. За поврзаноста на нацистичка Германија со атентатот на југословенскиот крал, како и за соработката на усташката организација и михјаловистите со Италија и со Германија, посведочил и самиот Анте Павелиќ (водач на усташкото движење), кој истакнал дека имал средба со Хајнрих Химлер, на која биле утврдени плановите за атентатот.
Во 1934 година, бугарската влада ги забранува македонските организации, вклучувајќи ја и онаа на Иван Михајлов, во Бугарија. Михајлов ја напушта бугарската држава, престојува најпрво во Турција, а потоа во неколку европски земји. Го дочекува создавањето на Независната Држава Хрватска (НДХ) на неговиот стар пријател и соработник Анте Павелиќ. По негова покана пристигнува во Загреб, таму го дочекува крајот на Втората светска војна. Оваа соработка на Михајлов со усташкиот водач се констатира во еден доверлив документ на ЦИА од 1953 година, во кој се вели дека „Михајлов е близок пријател и соработник на Анте Павелиќ, хрватскиот усташки лидер.“
Од овој период има повеќе историски документи за соработката и контактите на Михајлов со нацистите. Од дипломатската кореспонденција помеѓу амбасадорот на НДХ во Софија, д-р Владимир Жидовац, и Анте Павелиќ дознаваме дека германскиот дипломатски пратеник во Софија, Бекерле, имал добро мислење за Иван Михајлов, „но смета дека би било подобро, кога трите националистички струења во Бугарија – михајловистичката ВМРО, движењето „Воин“, како и „Легионерите“, би се здружиле во единствен фронт.“ Последните две се фашистички организации во царска Бугарија.
Во април 1942 година, СС-оберштрумфирерот Рудолф Коб, кој работи за Адолф Хитлер, првиот од Загреб, а потоа и од Софија, стапува во контакт со Ванчо Михајлов. Од Михајлов ги добива адресите на неговите луѓе во Софија, кои ќе ѝ користат на германската разузнавачка служба.

Во документите на ЦИА: Иван Михајлов е гангстер и терорист на кој не може да му веруваат САД или кој било друг

По завршувањето на Втората светска војна, Иван Михајлов повторно заминува во емиграција, во Рим, каде што останува до својата смрт во 1990 година. Во еден доверлив документ на американската ЦИА од 16 април 1953 година се констатира: „Иван Михајлов е гангстер, терорист на кој не може да му веруваат САД или кој било друг.“
Во 1968 година, Михајлов остварува средба со свој соработник и информатор, кој му пренесува детални податоци за Македонија. Во текот на разговорите, Михајлов на својот соработник му пренесува „најнапред да го оштетат или целосно да урнат споменикот на Гоце Делчев во скопскиот парк. Или, на Могилата на непобедените во Прилеп, да им ги симнат главите на спомениците на сите народни херои таму.“ Спротивно од ова, како аманет на приврзаници им оставил „на секој 13 јануари, на местото каде што загина Мара Бунева, младите, во знак на помен, треба да оставаат свежо цвеќе.“ Д.Ст.

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

По повод 11 Октомври, 1200 ученици од Прилеп го формираа македонското знаме!

На плоштадот „Матодија Андонов Ченто“ во Прилеп, околу 1200 основци и средношколци денес го формираа македонското знаме во чест на националниот празник „11 Октомври“.

„Трајан Целески – ТАЧО“ е името на новото повеќенаменско игралиште во населба Видобишта.

„Трајан Целески - ТАЧО“ е името на новото повеќенаменско игралиште во населба Видобишта. Вечерва свечено го отворивме ова повеќенаменско игралиште кое го носи името на...

Денес, во очи на 11 Октомври, Охрид и Македонија го одбележуваат празникот на македонскиот непокор.

Денес, во очи на 11 Најзначајниот период во милениумското битисување на Македонскиот народ е неговото учество во четиригодишната народно-ослободителна епопеја во Втората светска војна,...

Македонија стана нова членка на Советот за човекови права на ОН

Со 168 гласа „за“, Македонија денеска стана нова членка на Советот за човекови права на Обединетите Нации за периодот 2025-2027, на изборот што се...