Македонецот, кој трчаше 600 километри од Скопје до Острог, бос пристигна на својата дестинација и падна на земјата „не од слабост, туку од благодарност“, како што вели тој.
Ова не е само целта на една мисија. Ова е цел живот преточен во вера, болка, љубов и сила. Со молитва во срцето, и со солзи што се претвораат во благослов… Тука паднав не од слабост, туку од благодарност. За сите деца што се борат, за мајка ми и татко ми што ме гледаат од небото, за секој чекор што не беше лесен но беше свет. И кога стигнав, почувствував дека не сум сам. Бог беше секогаш со мене. Ова е моментот кога душата зборува погласно од зборовите. Ова не е крај. Ова е само почеток на нешто многу поголемо. За нив. За љубов. За живот.
Иако подвигот до Острог заврши, сепак мисијата на Антонио Пандовски не престана во Црна Гора. Хуманитарната акција „За нашите мали херои“ продолжува во следните 3 недели, а се собираат средства за дечињата болни од рак кои се лекуваат на Детската Клиника.
Од Фондацијата „Ице Бегов“ од Гевгелија напишаа:
Заврши подвигот, но не и мисијата!
Антонио Пандовски ги истрча своите 600 километри од Скопје до Острог– за секое дете на детската клиника, за секое семејство што се надева. За сите нас.
Но сега е ред на нас.
Хуманитарната акција „За нашите мали херои“ продолжува во следните 3 недели – и секој ваш гест, секоја донација, носи надеж и живот за над 5000 деца кои секој месец добиваат грижа на Универзитетската клиника за детски болести – Скопје.
Нивната потреба е реална. А нашата поддршка мора да биде искрена. Наместо критика, да избереме солидарност. Наместо рамнодушност – да направиме нешто.