8.9 C
Ohrid
среда, декември 11, 2024
ПочетнаМакедонијаДЕДОТО ШТО СО ‘РЃОАСАН ЈАТАГАН ИМ СЕ ПРИКЛУЧИЛ НА ВОСТАНИЦИТЕ, КАКО ДОКАЗ...

ДЕДОТО ШТО СО ‘РЃОАСАН ЈАТАГАН ИМ СЕ ПРИКЛУЧИЛ НА ВОСТАНИЦИТЕ, КАКО ДОКАЗ ДЕКА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД НЕ БИЛ РАСПОЛОЖЕН ДА БИДЕ POБ

spot_img

Илинденски ретроспективи

Илинденското востание е резултат на десетгодишната револуционерна активност на Внатрешната организација предводена од Даме Груев, Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев и плејада други македонски револуционери, а самото востание е најголемото достигнување на македонското револуционерно движење од крајот на 19 век и почетокот на 20 век.

Гоце Делчев во своето писмо до Ефрем Каранов од 1897 година пишува: Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него. Максимата на Гоце Делчев, големиот идеолог на Внатрешната организација, беше дека ропството се должи, пред сѐ, на самиот роб и се крепи од него повеќе отколку мачителот и дека кога робот престанува во душата да биде таков, ропството исчезнува. Гоцевите спознанија за ропството се речиси идентични со оние на Александар Кожев. Овој француски филозоф истакнува дека сите човечки антропогенетички желби – желбите што ја создаваат самосвеста, човечката стварност – се, конечно, функција на желбата за признавање. И ризикувањето на животот, преку кое човечката стварност излегува на виделина, е ризик во името на таа желба. Затоа, за да говориме за потекло на самосвеста, нужно е да говориме за борбата за признавање – до смрт.

Како посведочи Илинденското востание дека македонскиот народ нема ропска расположба

Во текот на востанието, дедо Стојан од селото Орланци (Кичевско) со ’рѓосан јатаган ги придружувал востаниците кај месноста Рабетин Кол. Силната потера од војската ги принудила востаниците да се повлечат на планината Песјак, меѓутоа дедо Стојан бил стигнат од едно одделение војници, на чело со еден млад офицер. Офицерот гледал со љубопитност и заповедал да не го убиваат. По арогантните одговори што ги дал, офицерот му рекол дека со камен ќе му ја скрши главата како на змија. Му ја ставиле главата на еден камен, а војник со друг камен стоел над него. Наместо молба и аман, дедо Стојан извикал: „Удрете, бе кучиња, јас и да умрам не жалам, штом се дигна востание и земјата ќе си ја земеме.“

Политичкото значење на Илинденското востание лежи во фактот дека Внатрешната организација успеа да го одвои македонското прашање од општото источно прашање. Во историската литература може да се сретнат искажувања дека востанието е предвремено, меѓутоа тие се резултат на недостиг од една подлабока анализа. Крсте Петков Мисирков во својата статија „Борба за автономија“, објавена во 1914 година, анализирајќи ги последиците од востаничката 1903 година, забележува: „Јулското или, како што го викаат Македонците, востанието од 1903 година, Илинденското востание ги имаше за своја последица не само македонските реформи; тоа помогна за воведување устав во Турција, која преку симнувањето на Абдул-Хамид се надеваше дека ќе се избави од замешувањето на Европа во нејзините работи. Сите поважни настани во внатрешната политика на Турција од последната деценија се во тесна врска со ова востание, со македонските востанички движења и со македонското прашање воопшто. Не случајно зборникот ’Илинден’ истакнува дека востанието беше неизбежно, тоа требаше да стане и стана. Кој говори, дека тоа не требало да стане, должен е да докаже дека султанот сам би ги дал Мирцштегските реформи, финансиската контрола и автономијата.“

Павел Делирадев истакнува дека најкрупна пројава на независната борба за чисто македонски цели беше Илинденското востание во текот на 1903 година, објавено за национален празник на федеративна Македонија. Димитар Влахов забележува дека повеќе од половина век нелегалната оружена борба што ја водеше македонскиот народ покажа на блискиот и далечниот свет, на своите и туѓите народи дека духот на македонскиот народ е нескршлив. Какви ли пречки требаше да премине нашиот народ за да го постигне своето духовно ослободување, да го реализира својот сон за национално и политичко ослободување. Македонскиот народ покажа чуда од хероизам, храброст и саможртвеност во своите борби за ослободување, борби што најдоа свој израз во знаменитиот Илинден, знаменитата Крушевска Република, бележитите Невска и Клисурска Република создадоа народна револуционерна власт во стотици села. Илинден влеа вера во македонскиот народ, во неговите сопствени сили, и му покажа дека само со оружена борба, која го беше опфатила целиот македонски народ, при општи дејства со другите братски народи, македонскиот народ може да го постигне своето ослободување.

Дали Илинденското востание во 1903-та ја постигна својата цел

Меѓутоа Илинденското востание и Внатрешната организација не ја постигнаа својата цел – создавање самостојна македонска држава. Оттука, Димо Хаџи Димов истакнува: „Македонија го имаше својот прв Илинден, по кој следуваа крвавите денови на разурнувања и тешки страдања во текот на четврт век. Таа ќе има и свој втор Илинден, веќе при настапувачката нова и сигурна епоха на блиски победи и ослободување. Овој втор Илинден е наблизу, тој доаѓа. И тогаш преостанатите живи стари и нови илинденци братски ќе се прегрнат и ќе го прославуваат постигнатиот идеал, а духовите на загинатите нивни другари од оние времиња и од денес, успокоени и восторожени, ќе се сретнат и ќе летнат смирени над слободна и независна Македонија. Впрочем, да бидеме готови сите за новиот Илинден, кој ќе му стави крај на беспримерното мачеништво на храбрата и за слобода достојна Македонија.“

Како резултат на повеќе од половина век револуционерна и политичка дејност, на 2 август 1944 година се одржа Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ). Заседанието беше отворено од Панко Брашнаров, кој меѓу другото истакна: „Душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.“ АСНОМ донесе повеќе историски одлуки.

Христо Калајџиев забележува: „На 2 август, денот на Илинденското востание, се оствари вековната мечта на македонскиот народ – да има своја самостојна држава. На тој ден минатата година во Пчињскиот манастир – Кумановско, македонскиот народ обединет… преку своите најдобри претставници, ја основа и го објави на светот раѓањето на новата држава – федерална Македонија, како дел од демократската, федеративната Титова Југославија. Федерална Македонија е плод на долгите историски револуционерни борби на целиот македонски народ. Најдобро тоа го разбрале самите творци и водачи на македонската држава. Овие денови имаме искажување на министерот-претседател на Македонија, Лазар Колишевски, дадено за весникот политика во Белград и објавено во бугарските весници. Колишевски многу јасно и недвосмислено ја истакнува врската меѓу македонската држава и историскиот процес на нејзиното создавање. Признавањето на Илинден за национален празник и Гоце Делчев за национален водач исто така силно го подвлекува тоа. Целта на НОФ и на неговиот АСНОМ е зачувувањето на слободата на Македонија, заздравување на нејзината држава по патот на една широка народна демократија. Слободата на Македонија е поврзана со слободата и рамноправноста на сите народности што ја населуваат Македонија. Таа е поврзана со закрепнувањето на македонското национално сознание. Федерална Македонија денес е фокусот околу кој се концентрираат сите македонски надежи; матица околу која се сплотени сите Македонци; кораб што ги носи македонските идеали; срцето преку кое бие пулсот на цела Македонија.“

Македонците не се ниту Срби ниту Бугари

Бугарскиот генерал Владимир Кецкаров, по потекло Македонец и син на македонскиот револуционер Антон Кецкаров, истакнува: „Во Македонија е изградено едно неразрушливо сознание за својата македонска државност, одделна од другите национални државности, но силно врзани со општата државност на другите народи на Титова Југославија. Во градењето на ова сознание влегуваат и другите национални малцинства, кои се особено задоволни од вистинската слобода што ја добија во слободната македонска република.“

На 31 декември 1946 година, Уставотворното собрание на Народна Република Македонија го донесе Уставот на НР Македонија. Според Јордан Анастасов, донесувањето на овој устав е венец на борбите што македонскиот народ ги водел во продолжение на половина век, од Илинденското востание до АСНОМ. Таа борба доведе до национално, политичко и економско ослободување на народот во Вардарска Македонија, а Уставот ѝ дава правна форма на таа борба.

Создавањето македонска држава во рамките на границите на Југославија беше изненадување за голем дел од македонската емиграција и бугарското општество. Јордан Анастасов забележува дека ова изненадување било особено засилено од информациите дека во својата држава Македонците за официјален јазик го воведуваат македонскиот и дека не се ниту Срби ниту Бугари, туку одделна јужнословенска народност – македонска.

Во федерација со народи што ги признаваат македонската посебност и засебност

Со намера да ги објасни прашањата пред македонската емиграција и бугарското општество – зошто Македонците отидоа во Југославија, зошто се нарекуваат Македонци и зошто го прифатија за официјален македонскиот јазик, Јордан Анастасов како одговор го пренесува искажувањето на Димитар Влахов. Според Влахов: „Ние отидовме со Србите, Хрватите, Црногорците и Словенците, затоа што нѐ признаваат за рамноправна нација, која има право слободно да се развива, да гради своја култура и стопански живот, како што тој сака, а не да игра по свирката на другите. Отидовме со овие народи зошто тие ни го гарантираа и ни гарантираат нашиот национален суверенитет.“

И за другите две прашања, Анастасов го цитира Димитар Влахов според кого: „Македонците ги поседуваат сите особености со кои научно се карактеризира терминот нација. Македонците имаат општа територија – Македонија, на која живеат; тие живеат при еднакви економски услови; Македонците имаат еднаква психа, или тоа што се нарекува национален карактер. Тие имаат општ македонски јазик. “ Влахов исто така забележал дека кај источномакедонските говори има влијание од бугарскиот јазик, меѓутоа тие говори не се карактеристични за македонскиот јазик. „Ние, Македонците, сега изработивме наш литературен јазик.“

Македонското национално движење по својата суштина никогаш не беше националистичко, македонските дејци никогаш не проповедаа национална исклучивост и никогаш не разгоруваа меѓунационална омраза. Напротив, секогаш се стремеа кон себе да ги привлечат сите, без разлика на вера и народност. За нив, слободата и еднаквоста беа за сите, а тоа е видливо во составот и одлуките на крушевската востаничка власт од 1903 година и АСНОМ од 1944 година.

Мехмед Абдурахман, претставник на турското малцинство, истакнува: „Сите малцинства, без разлика на вера, раса и националност во нашата држава, се рамноправни. Тие се застапени во владата, президиумот и народното собрание. Денес во тоа собрание има 51 народен претставник од националните малцинства. Во продолжение на еден период од 34 години ние немавме ниту едно училиште на мајчин јазик. Денес ние имаме 82 турски училишта, во кои предаваат 150 турски учители и околу 5.600 турски деца.“ Д-р Неџат Аголи, Албанец и втор потпретседател во македонската влада, забележал: „Прифаќањето на Уставот на НР Македонија има голема историска важност не само за македонскиот народ, кој првпат во својата историја создаде своја држава, туку и за албанското малцинство. Албанското малцинство во НР Македонија ги има сите права, пропорционално учество во одборите на народната власт, училишта на свој мајчин јазик по селата и градовите, свој седмичен весник, со еден збор во НР Македонија се создадени сите услови за културно-просветен развој на албанското малцинство.
На 16 октомври 1945 година, првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ го пренесува искажувањето на Рејнс Шакир, началник при Окружниот народноослободителен одбор. Шакир истакнал: „За првпат во историјата ние Албанците го изградивме братството и единство со братскиот македонскиот народ. Нашата слобода може да постои само во единство и братство, кое денес го имаме во федерална Македонија. Ние Албанците се заветуваме дека ќе ги пазиме придобивките на борбата, кои се спечалени преку Народниот фронт и кои се единствена гаранција за да можеме, ние сите малцинства во Македонија, без разлика на вера, народност и јазик, во иднина да живееме поарен и посреќен живот. Нашиот народ знае да ја цени слободата што денеска ја ужива во оваа држава, зашто знае дека таа слобода не е подарок, туку плод на огромните жртви, дадени во борбите против заедничкиот окупатор.“

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Србите бесни: Жестока провокација за Звезда уште пред почетокот на натпреварот со Милан

Милан од 21 часот на стадионот „Сан Сиро“ ќе ја дочекува Црвена Ѕвезда во шестото коло од Лигата на шампионите. Гостите беа разочарани од...

Тошковски: Над 45% од менаџерските функции во МВР се жени

Тошковски: Жените имаат моќна улога во создавањето на позитивни промени, над 45% од менаџерските функции во МВР се жени Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски...

Ахмети: Доколку се утврди вина Груби сам ќе се повлече од ДУИ

Ние не ги оспоруваме одлуките на Американскиот Стејт департмент, господин Груби има право на жалба, ќе го води процесот насочен со факти. Ова право...

Кирил Пецаков : Со чесна и транспарентна работа, промените во Охрид се гледаат

Кирил Пецаков - Градоначалник на Општина Охрид: Со чесна и транспарентна работа, промените во Охрид се гледаат Охрид, со својата историја, култура, природни убавини и...