5 C
Ohrid
сабота, април 20, 2024
ПочетнаМакедонијаИзложбата „100 години Требениште“ ја посетиле над 12 илјади посетители, кои се...

Изложбата „100 години Требениште“ ја посетиле над 12 илјади посетители, кои се најинтересните предмети, покрај златните маски?

Скопје, 5. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – За само шест месеци од отворањето изложбата „100 години Требениште“ во Археолошкиот музеј на Македонија, една од најзначајните годинава во домашните музеи, до 31-ви август, кога е затворена, ја посетиле над 12.000 посетители.

За успешната реализација на оваа изложба говори и тоа што по претставувањето пред македонската, српската и бугарската публика, поставката ќе се претстави и пред европската јавност. Интерес за изложбата има во Париз, Берлин, Виена и во Загреб, јави Нова Македонија.

– По две години интензивни преговори и подготовки за одбележувањето на 100-годишнината од откривањето на некрополата на локалитетот Требениште, оваа изложба, која е од особено значење во археологијата, не само во Македонија, туку и на Балканот, а и пошироко беше отворена за посетителите од 15-ти до 31-ви август. На овој комплексен проект работеа експерти од повеќе области, кои несебично ги вложија своето знаење, труд и време што резултира со светски производ, кој веднаш им го привлече вниманието на домашната и на странската јавност, вели по затворањето на поставката Перо Арџанлиев, еден од нејзините автори.

фото: Снежана Алексовска

Според него, тимот составен од претставниците од трите земји (Македонија, Бугарија, Србија) го остварил сонот на многу генерации и направил историски и значаен чекор со кој се надминаа разликите и фокусот се стави кон нештата што обединуваат.

– Овој проект е круна на пријателство на три држави, чии севкупни резултати се важни за претставување на заедничкото културно богатство и за промовирање на културната соработка на земјите од Западен Балкан. Ова пријателство ќе продолжи да се гради и да се одржува преку реализација на уште многу големи и значајни проекти, вели Арџанлиев.

Во рамките на ексклузивната изложба „100 години Требениште“, по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид, во Археолошкиот музеј на Македонија беа претставени златните маски од 6 век пр. н.е. најдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода беа донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и од Бугарија. Но поставката содржи и над 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло, со кои јавноста е помалку запознаена. Арџанлиев издвојува некои од нив.

– Освен безвременските ликови на владетелите од брегот на Охридско Езеро, кои се втиснати во злато, посетителите имаа можност да уживаат и во сребрените ритони, односно рогови со кои овие полубогови консумирале вино, а кои се произведувале во Мала Азија или тогашна Персија. Потоа во поставката беше изложено и исклучителното ремек-дело, изработено од бронза, односно бронзениот кратер што служел за мешање на виното со вода, производ на коринтските тореутски центри. Тука беше изложен и килибарот, кој бил порачуван дури од Балтикот и кој ни кажува доста за вкусот и за моќта на луѓето што можеле да си го дозволат тоа во 6 век пр. н.е. – посочува авторот на изложбата.

Според него, изложбата се состои од повеќе од 400 артефакти изработени од злато, сребро, бронза, килибар, железо и украсувани со најразлични митски суштества и симболи со кои владетелите од охридскиот регион се подготвувале за бесмртноста, односно ги издигнувале на рамниште на полубогови.

– Изложбата беше придружена со специјално изготвениот каталог со текстови од 26 автори, кој е плод на посветената работа на еминентните археолози од Македонија, Србија и во Бугарија, кој беше распродаден во рекордно време. За проектот „100 години Требениште“ е изработена и веб-страница, која има цел на посетителите да им ја приближи приказната, како и да ги воведе во мистиката и убавината на наодите од оваа позната некропола. Во мистиката и убавината на оваа некропола следно ќе ужива српската јавност, најавува Арџанлиев.

Изложбата е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народниот музеј од Белград, Националниот археолошки институт и музеј од Софија и Заводот и музеј од Охрид. Трите матични археолошки музејски институции од Македонија, Србија и од Бугарија со овој проект ја одбележаа стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид, со случајниот пронајдок на 20 март 1918 година. Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог на 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и од Германија. Содржи детални податоци за секој од експонатите, за историјатот на откривањето и истражувањата, географијата и историографските податоци за носителите на требенишката култура и регионот во архајскиот период, како и за типолошко-стилските одлики на наодите. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: Нова Македонија

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Маричиќ до тетка Верица: Како ќе растат внуците, така и пензиите ќе растат !!

Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, оствари средба со граѓаните пензионери од Изборната единици 1, каде што тој е дел...

Повторно го згрешивме знамето: Македонската армија и се заблагодари на Норвешка со знаме на Исланд

Македонската армија преку Фејсбук и се заблагодари на Норвешка, но го згреши знамето, па го искористи тоа на Исланд. „Моторните возила од Кралството Норвешка веќе...

Рибар во албанскиот дел на Охридското Езеро улови коран тежок 13,2 килограми

Рибарот Ylli Jaçellari во албанскиот дел на Охридското Езеро успеа да улови пастрмка – коран тежок 13,2 килограми. Тој е 45-годишен лиценциран риболовец од Уденишт,...

Боки 13 тврди дека Камчев и Русковска знаат каде е милионот од Луи Витон торбата од „Рекет“

Бојан Јовановски во јавноста познат како Боки 13 денес на прес-конференција пред Основниот кривичен суд Скопје рече дека бара фер, а не хистерична и...