5.9 C
Ohrid
недела, декември 22, 2024
ПочетнаМакедонијаИнтервју за Фокус со Бисера и Мухамед Зекири: Љубовта не знае за...

Интервју за Фокус со Бисера и Мухамед Зекири: Љубовта не знае за пречки, треба да се следи срцето

spot_img

Свадбата на Бисера Јордановска и Мухамед Зекири, која се одржа минатиот викенд во хотелот „Double Tree by Hilton“ беше настан што го привлече вниманието на јавноста и предизвика многу реакции на социјалните мрежи.

Невестата, поранешна директорка на телевизија Алсат-М, младоженецот – своевремено главен и одговорен уредник во истата телевизија пред да влезе во политиката, а денес пратеник и потпретседател на СДСМ. Таа православна, тој муслиман, нешто сосема неважно во современиот свет, но овде кај нас, сепак, сѐ уште табу-тема и потешко разбирливо и прифатливо од добар дел од народот.

На двајцата им е втор брак. Бисера има син, Мухамед две ќерки, а на пат е и нивното заедничко дете, за кое откриваат дека ќе биде девојче. Врските меѓу зрели личности, исполнети со љубов, најчесто е очекувано да завршат со брак и проширување на семејството. Сепак, оваа љубовна приказна, како што раскажуваат блиските на парот, поминала долг пат и многу пречки, за да има среќен крај. Различностите, убедувањата на нивните блиски луѓе, околностите, сето тоа создало ситуации, кои парот, борејќи се за својата љубов, ги менаџирал, за доброто на сите. Горди се што се избориле за својата љубов и порачуваат дека треба да се следи срцето, оти нештата направени од срце, првин ја менуваат самата личност, а потоа и луѓето околу неа.

Фокус: Кога и како почна вашата љубовна приказна, своевремено бевте колеги, Бисера директорка, вие главен уредник во Алсат – М, дали новинарството на некој начин ве спои?

Зекири: Ако нешто нè научи нашиот пат е дека не постои околност или начин, средство или човек што може да спои две души што не се за спојување, или да раздвои две што ги споила љубов. Кога ни го поставувале истово прашање други луѓе, често помислуваме на мисла од Руми, која ќе ја парафразирам: „Не е дека љубовниците конечно некаде ќе се сретнат, туку тие постојат еден во друг од почетокот на времето“. Ние секогаш сме имале длабоко меѓусебно почитување и љубов како личности, можеби конвенциите само ни отежнувале тоа што е во срцето да дојде и до главата за да добие и една ваква форма…

Фокус: Како сфативте дека сте еден за друг, кој беше пресудниот момент, љубов на прв поглед, или сѐ течеше спонтано?

Зекири: Тешко дека може да се зборува за еден пресуден момент, професионално многу години сме делеле секојдневие и двостраното присуство во животот на другиот во тие рамки некако се подразбирало. Некаде по пат се случувале ситуации кои тоа го ставале под прашање – како на пример, едниот да добие понуда за работа што подразбира заминување од земјата, или, пак, да се донесе некоја одлука за приватниот живот со слични последици. Во такви моменти, човек сфаќал дека сопствената реакција на разочараност и немоќ, иако во суштина му ја посакуваш сета среќа на другиот, ги надминува рамките на пријателската релација што сме ја негувале. Почнуваш да се прашуваш зошто се чувствуваш така и од каде тоа потекнува… Кој нè познава како луѓе, знае или може да претпостави какви биле тие внатрешни битки што сме морале да ги извојуваме, најпрво самите со себе. Колку нè кочела почитта еден кон друг, одговорноста што сме ја чувствувале, за на крајот, всушност да  дојдеме до искрен одговор на тие прашања. Долг беше патот до пресудното сознание – и признание еден пред друг.

Фокус: Покрај веста за свадбата, вчера во повеќе медиуми беа пренесени изјави од ваши пријатели, во стилот дека љубовта ви ги надминала многубројните пречки. Со оглед на тоа дека се работи за зрели и успешни луѓе, за какви пречки станува збор кога љубовта е во прашање?

Зекири: Љубовта не знае за пречки, а најубав доказ за тоа сме ние. Но, луѓето знаат! Нашата зрелост, успешност или карактер немаат врска со она што може да ти се попречи на патот. Некогаш блиските, убедени во своите најдобри намери, се немоќни да сфатат дека тоа што за нив е исправно, не мора да биде за друг, макар било тоа син или ќерка, брат или сестра, татко итн… па, создаваат ситуации кои мора да се менаџираат во интерес на доброто на сите. Некогаш објективни околности, како на пример, општата ситуација во земјава и должностите конкретно на Мухамед беа приоритетни во однос на некои наши планови, па сме ги одложувале. Ние двајцата сме многу свесни луѓе и секогаш мошне толерантни и трпеливи за сè што се случува околу нас бидејќи си знаеме дека нашата приказна не е за ден или два, па оставивме доволно време да покажеме дека она што на луѓето им се чини невозможно, може да е невозможно за нив, но не е и за нас!

Фокус: Како се справувате со различностите на сите основи, иако живееме во 21 век, сепак, кај нас постојат многу табу–теми, премолчени правила околу тоа што е исправно и дозволиво, а што не, и за жал, сѐ уште има луѓе на кои им се неприфатливи врските и бракот меѓу лица со различна вера?

Зекири: Имаме една реченица која често си ја кажуваме: „Јас и ти сме во сè различни, само љубовта ни е иста!“ Притоа, најмалку мислиме на наведениве и од трети лица најчесто спомнувани „разлики“ по етничка или верска припадност. Едноставно, од почеток си се гледаме како двајца луѓе со свој карактер, ставови, навики, бекграунд, животен стил и сето тоа си го вклопуваме во едно заедничко секојдневие што си го правиме убаво еден за друг. Во него не се справуваш со „албанство“, „македонштина“ или „ислам“, туку со повеќе или помалку расположена, здрава, болна или уморна индивидуа, задоволна или изнервирана од работа, од денот. Се справуваш со потреби и распоред на активности на другиот, на децата и слично. „Разликите“, како на пример, празници и традиции нам само ни го збогатуваат домот и животот, подеднакво си ги прифаќаме, почитуваме и уживаме во нив! И Мухамед како домаќин на куќата знае да крши лепче со паричка и Бисера да пости 30 дена заедно со Мухамед. Битно е дека меѓу нас двајца не постојат табу-теми и дека ние за нас си дефинираме што ни е исправно, наместо да се водиме по некои наметнати правила или норми. На крајот на краиштата, бракот е заедница на двајца и ако тие си се прифатиле такви какви што се, мислењето на другите е ирелевантно.

Фокус: Родители сте на три деца, односно Мухамед на две ќерки, а Бисера на еден син од првиот брак. На пат е и вашето заедничко дете. Подготвени ли сте за предизвикот, за сето она што го носи родителството, но и фактот дека не е секогаш баш лесно да се балансира во одредени ситуации?

Зекири: И подготвени и навежбани и пресреќни. Не постои совршен човек, па не постои ни совршен родител. Најважниот предуслов за „успешно“ родителство и среќно дете, според нас, е безусловна љубов за детето, а таа ја негуваме и двајцата!

Бонус е кога покрај тоа родителите се сложни и околу системот на вредности и начинот на воспитување на детето и кога може да му пружат дом во кој има хармонија и разбирање. Заедничката ќерка е долго посакувано дете, за кое мораме да признаеме дека најмногу „навиваше“ нејзиниот постар брат.

Фокус: Свадбата помина со многу гости од државниот врв, кумството со премиерот Заев го предизвика вниманието на јавноста. Познато е дека сте блиски со Заеви, како дојде до кумството, како реагираше премиерот на укажаната чест?

Зекири: Кумството предизвика секакви реакции во јавноста изминативе денови, откако се прошири веста за прославата. Всушност, таквата релација постои многу подолго, далеку од очите на јавноста, кога уште минатата година во верска церемонија, во присуство само на верско лице, нашите четворица сведоци Зоран и Зорица, како и Енко и Едина Колашинац, си дадовме завет пред Бога за нашата љубов. Тоа што сега тие ни го посведочија и граѓански склучениот брак е само логичен след на околностите на нешто што почна и е наша лична приказна што и натаму ќе си ја негуваме надвор од моменталниот статус на засегнатите личности. Зоран, како и останатите споменати, од почеток, веруваа и во нашата врска и во искрената посветеност еден на друг.

Фокус: Кое е наравоучението од вашата приказна со среќен крај? Дали е пораката дека за она што е вредно и кога веруваме во љубовта  треба да се бориме за неа и да научиме да ги прифаќаме различностите?

Зекири: Не постои нешто повредно и позаслужно за борба од она што ти го сака срцето! Некогаш тоа е човек, некогаш тоа е кауза или лична мисија. Што и да ти налага срцето, следи го! Сè што се прави со и од срце, порано или подоцна те менува и тебе и луѓето околу тебе! Зачетокот на секоја позитивна промена е љубов. Но, мораш најпрво ти да веруваш во неа и да се бориш за неа, за потоа таа да си го направи своето!

Разговараше: Вики Клинчарова Фокус

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид Вчера (21.12.2024 ) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид и волонтерите од Црвениот...

Нема вина кај сопствениците чие куче усмрти дете во Пинтија, утврди истрагата

Затворена е постапката за сопствениците на кучето кое во април минатата година усмрти осум годишно дете. Обвинитествлтвото преземало низа дејствија за да утврди вина...

Две колешки од велешка пошта се степале на работа

Две колешки од велешка пошта се степале на работа Две вработени од велешката пошта се степале вчера додека биле на работа, соопшти полицијата. Инцидентот го...

Претреси во Тетово, пронајдени над 75.000 парчиња пиротехника.

Полициски службеници од СВР Тетово со судска наредба денеска во периодот од 9:30 до 14:20 часот извршиле претреси на повеќе локации во Тетово и...