4.4 C
Ohrid
понеделник, декември 23, 2024
ПочетнаМакедонијаДАЛИ ЗНАЕВТЕ ДЕКА И ОХРИЃАНИ СЕ ВО КНИГАТА НА ГИНИСОВИ РЕКОРДИ? ВО...

ДАЛИ ЗНАЕВТЕ ДЕКА И ОХРИЃАНИ СЕ ВО КНИГАТА НА ГИНИСОВИ РЕКОРДИ? ВО ОХРИД БИЛЕ ПОСТИГНАТИ 223 ГОЛОВИ НА 2 ФУДБАЛСКИ НАТПРЕВАРИ

spot_img

Дали некој ќе поверува дека на две средби, за 90 минути, па дури и ако се играше и 115 минути еден меч, можат да се постигнат 223 гола. Секој паметен човек, дури и оној што не се разбира многу во фудбалот, ќе рече: Тоа е невозможно, мора да е некоја шега. Барем за фудбалерите на тие две средби.

Првата во селото Велгошти, каде што домашниот Илинден 903та го победи Младост од Вапила со 134:1, втората во Долно Лакочереј. Таму домашниот Градинар загуби од Дебарца од Белчишта со “помал” резултат 0:88. На тој ден, на 24 јуни 1979 година, во тие две села тоа беше можно. Тоа беше ден кога фудбалот стана кошарка, кога тие два резултата го обиколија фудбалскиот свет, кога во Охрид допатуваа стотина новинари, не само од поранешна Југославија туку и од другите европски држави, да се уверат во оваа сензационална, неверојатна вест за постигнатите резултати. На кого му беше потребна оваа фарса на која и се смееше светот.

Општинската лига на Охрид, Илинден 903та и Дебарца водеа “мртва трка” за првото место во лигата која водеше директно во Пелагонискиот регион. Пред тоа последно, решавачко коло и двете екипи имаа ист број бодови, но Дебарца беше прва благодарение на подобрата гол-разлика за еден гол. Илинден 903та имаше полесна задача, играше на свој терен со многу послаб противник, Дебарца многу потешка, бидејќи требаше да му гостува и да игра против Градинар, чиј натпревар во Белчишта во есенската сезона беше прекинат при резултат 2:1, откако играчите на Градинар го напуштија теренот сметајќи дека вториот гол што го постигнала Дебарца не бил регуларен. Натпреварот го загубија со службен резултат од 3:0 и оттогаш односите меѓу двата клуба се заладија. “Игрите” почнаа кога раководството на Дебарца ги убедуваше играчите на Младост да не патуваат за Велгошти, да го предадат натпреварот и да загубат службено со 3:0, со што би им ја олесниле работата бидејќи, веројатно, уште тогаш било договорено да го победат Градинар со повисок резултат од тие 3:0 за Илинден 903та. Што е уште поинтересно, тренерот на Младост, Ристевски, се согласил со оваа понуда (зошто) и ги убедувал своите играчи да не патуваат на натпреварот со Илинден 903та. Дури дента пред одигрувањето им ги земал натпреварувачките книшки, но тие на сила му ги зеле од неговиот автомобил и отпатувале за Велгошти за да играат и да примат, ни малку ни повеќе, туку 134 гола. Во тоа време немаше мобилни телефони, сигурно читателите ќе се запрашаат како е воспоставена врска меѓу двете села, кои не се блиску, за да се дознае како се движи резултатот. Била направена цела стратегија за тоа. Обезбедена радиоврска, двете пошти не работеле во неделата, “шпионите” се криеле на околните дрвја во селата, во куќите и кај своите пријатели. Се било во тајност, но сепак, сите знаеле како се движат резултатите. Едно време во селото Горно Лакочереј настанала цела потрага по тие “шпиони” за да се откријат и фатат. Еден невиден циркус кој почна во неделата на 24 јуни во 9.30 часот во Велгошти, но подоцна, во 9.52 часот во Долно Лакочереј, според изјавата на делегатот Живко Живковиќ. Зошто подоцна. И тоа била разработена тактика. Играчите на Градинар се појавиле на игралиштето без натпреварувачки легитимации, само со лични карти, и не можел да почне мечот сў додека не ги донеле легитимациите, наводно заборавени во домовите на играчите. Дури потоа, со 22 минути задоцнување, почнала средбата. Да се навратиме прво на тој натпревар во Долно Лакочереј меѓу Градинар и Дебарца (0:88).

Во првото полувреме било 0:14. Имало многу комични ситуации, дури на трипати домашните играчи, не знаејќи што да прават со топката шутирале во својата мрежа постигнувајќи автоголови. Често паѓале на теренот, се превиткувале за судијата да го продолжи натпреварот и да добијат во време. Некаде, според извештаите од тогашниот печат, во 89 минута било 0:57. Кога дознале дека во Велгошти резултатот е многу повисок, почнале да паѓаат голови како на филмска лента. Судијата Андреј Ристевски, самоволно го продолжил натпреварот за 20 минути, се играло точно 115 минути. И замислете каква “ефикасност” е тоа, од 89 минута, па сў до крајот, беа постигнати дури 31 гол ! Тоа е уметност, нели. Сепак, и овие 88:0 не и беа доволни на Дебарца да биде прва во лигата и да се пласира во Пелагонискиот регион. Впрочем, и сите четири екипи го извлекоа, по целата оваа трагикомедија, подебелиот крај и ги почувствуваа острите санкции на дисциплинските органи на Општинската фудбалска лига на Охрид.

Што се случувало во Велгошти, каде што фудбалерите на Илинден 1903 се покажале како “поефикасни” или, подобро речено, како подобри мајстори во целата оваа фудбалска режија. Како успеале тие за 90 минути (на податок дали се играло подолго како во Горно Лакочереј) да постигнат дури 134 гола, но сепак, им дозволиле на своите противници, играчите на Младост, и тие да постигнат дури еден гол, кога веќе виделе дека претерале и дека не било потребно да постигнат толку. Мечот меѓу Илинден 903та и Младост почнал точно на време, во 9.30 часот. На полувремето ефикасноста не била толку голема, “само” 11:0 за домашните. Ако во Долно Лакочереј средбата почнала со 22 минути задоцнување, во Велгошти второто полувреме почнало со околу 25 минути задоцнување, бидејќи поради поројниот дожд, морале повторно да се обележуваат линиите на теренот. Така бараат пропозициите. Во првото полувреме се играл барем некаков фудбал, но во второто почнал циркусот кога се дознало дека Дебарца води со 40:0. Во Велгошти во тој момент резултатот бил 20:0. И почнала невидена серија голови, речиси на секои 30 секунди бил постигнуван по еден гол. Како, ќе се запрашаат многумина. Лесно. Штом Илинден 1903 ќе постигнел гол, се играло со повеќе топки, бидејќи една од нив веднаш се враќала на центарот за да продолжи акцијата. Пред голот на Младост бил само голманот и двајца играчи за да нема офсајд. Во случај напаѓачите на Илинден 903та да не постигнеле гол, од бековската линија, еден од играчите на Младост ќе ја шутирал топката на неколку метри од голот, токму до противничките играчи, за полесно да постигнат гол. Другите фудбалери биле далеку од голот, се мисли на Младост, тука околу центарот, за да не “пречат” во играта и на противничките фудбалери околу постигнувањето на головите. Кој бил задолжен да ги брои и запишува головите, не знаеме. Најважно е што во протоколот пишува 134:1. Мораше да се додава дополнителна хартија за да се запише кој ги постигнувал головите. Судија на овој натпревар бил Митко Кузмановски. Зошто тој и Андреј Ристевски, кој ја делел “правдата” во Долно Лакочереј, не ги прекинале мечевите, на што имале право, бидејќи било јасно дека не се играл фудбал, туку биле присутни на еден невиден циркус, навистина не ни е јасно, но и тие беа строго казнети на крајот од целата оваа рашомонијада. И, што е уште поинтересно, на крајот од натпреварот во Велгошти, иако загубиле со 134:1, играчите на Младост почнале да се радуваат како мали деца на општо изненадување на гледачите. Која била причината за нивната радост: дознале дека нивниот најголем конкурент за опстанок во лигата, Рибар, загубил од Славеј и со тоа тие се спасиле од испаѓањето. Каква иронија.

И така заврши оваа охридска фудбалска комедија, чии резултати го обиколија светот и кои се најдоа во книгата на Гинисовите рекорди. Како и нема да се најдат, бидејќи и во кошарка е тешко да се постигнат 134 коша, а во селото Велгошти – во фудбал се постигнаа толку голови. Се покажавме навистина како мајстори за постигнување голови. Особено напаѓачот на Илинден 903та Наум Шапкаровски, кој за 90 минути постигнал 58 гола, запишани во протоколот. И еден Пеле да му симне капа за ефикасноста.

Еве го и составот на двата тима:

Илинден 903: Панде Јаноски, Илија Мургоски, Илија Кеверески, Коста Чингоски, Илија Бандески, Слободан Ќорвешоски, Стојан Јаковлески, Боро Балоски (капитен на тимот), Живе Стојковски, Љубе Црковски и Наум Шапкароски.

Резервни играчи: Илче Ѓорески, Илија Малески, Илче Билбилоски, Благоја Митрески и Стојан Дојчиноски.

Младост (Вапила): Славко Симоновски, Ацо Јовановски, Цане Смилески, Владо Настоски, Ристо Николоски, Здравко Николоски (капитен), Ристо Милески, Петре Климоски, Крсте Николоски и Ацо Ангелоски.

Резерви: Иван Младеновски, Никола Колачески, Петре Ристески.

Во текот на играта Илинден 903 има извршено две измени: наместо голманот Јоноски влезе Ѓорески, наместо Ќорвешоски играчот Малески.

Во првото полувреме беше само 11:0 за Илинден, во вториот дел, за 45 минути беа постигнати, ни помалку ни повеќе, туку 124 гола, фудбалерите на Илинден 123, Младост само 1.

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Тик Ток веднаш изреагира за забраната: Во Албанија одлучуваат Албанците, вели Еди Рама !!

По информациите дека кинеската интернет компанија БајтДенс, во чија сопственост е платформата Тик Ток, ќе побара „итно појаснување од албанската влада“ во врска со...

Горан Пандев назначен за спортски директор на македонските репрезентации

Македонската фудбалска легенда, Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите македонски репрезентативни селекции. - Илија Најдоски, еден од великаните на македонскиот фудбал, заедно со...

Баба од Скопје го тепала внукот со тврд предмет.

Во полициска станица во Скопје од 25-годишна жена било пријавено дека во семејниот дом кој се наоѓал на подрачјето на Бит Пазар нејзинот малолетен...

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид Вчера (21.12.2024 ) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид и волонтерите од Црвениот...