0.9 C
Ohrid
недела, декември 22, 2024
ПочетнаUncategorized @mkБРАЌА ИСЦЕЛИТЕЛИ: Свети Козма и Дамјан – Господови лекари

БРАЌА ИСЦЕЛИТЕЛИ: Свети Козма и Дамјан – Господови лекари

spot_img

Меѓу поголемите есенски празници што се празнуваат со домашни служби спаѓа и празникот на Светите врачи Кузман и Дамјан. Овој празник меѓу народот е познат како Свети врачи или едноставно како Световрача. Зборот врач (враж) и денес во некои словенски јазици (на пр. во рускиот јазик) значи лекар.

Овие господови лекари наречени и Свети бесребреници имаат два празника на 1 јули (Свети врачи – летни) и на 1 ноември (според стариот календар). Наречени се бесребреници или безмитни затоа што бесплатно ги лекувале сиромашните болни, а среброто е поим за алчност. Среброљубец се вели за човек алчен за пари.

За двајцата браќа исцелители Кузман и Дамјан има малку податоци како за нивното раѓање така и за нивната смрт. Според една верзија родени се во провинцијата Асија во Мала Азија. Татко им бил паганин, а мајка им христијанка. Набргу татко им умрел, а мајка им Теодотија ги воспитувала во вистински христијански дух. Останувајќи верни на ветувањето што ѝ го дале на мајка си, а за да бидат што повеќе корисни, двајцата браќа го изучувале лекарскиот занает, ги научиле исцелителните својства на сите билки и се афирмирале како добри лекари. Господ ги благословил и тие секогаш лечеле повикувајќи се на божјата сила. Се откажале од овоземните богатства, лекувале бесплатно според Господовата заповед: „Болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте“. (Матеј, 10, 8) Поради тоа и двајцата се наречени бесребреници.

Житието раскажува дека еднаш некоја жена по име Паладија, што долго време била болна од некоја неизлечлива болест и што за лекување потрошила големо богатство, ги повикала и овие двајца лекари. Тие со Божја помош ја излекувале и таа сакала да ги награди. Но бидејќи двајцата браќа биле заколнати да не примаат никакви дарови тоа го одбиле. Сепак, помладиот Дамјан, по многу молби и откако го заколнала во Света Тројца, зел три јајца како симбол на светото тројство. Кога за тоа разбрал постариот Кузман многу се налутил и пред селаните побарал кога ќе умрат да не ги погребуваат во ист гроб, туку Дамјан бидејќи погрешил и ја подгазил дадената заклетва да биде погребан во друг гроб.

Кузман умрел порано, а кога умрел и помладиот Дајман селаните решиле дека, сепак, казната што ја одредил Кузман е престрога и дека Дамјан трите јајца не ги зел како надоместок за лекувањето туку како симбол на Светата Троица. Поради тоа, но и затоа што заедно лекувале, ги погребале во ист гроб. Подоцна над гробот била изградена црква, а од моштите на светите Врачи се случувале многу чуда и многу болни оздравеле.
Според друга верзија родени се во Рим. И во однос на нивната смрт, исто така, податоците се непрецизни, односно различни.

Според едно предание умреле од своја смрт во Мала Азија во местото Ферман. Според друго предание, пак, откако биле наклеветени пред царот дека се занимаваат со маѓии, и откако го излекувале и царот по што тој станал христијанин, нивниот учител завидувајќи им на славата ги однесол во планината да берат лековити билки и ги каменувал. Ако се земе предвид дека во историјата нема податок дека некој цар го примил христијанството од овие причини, ова предание останува малку веројатно. Според трето предание загинале во Рим во 284 година при едно големо прогонување на христијаните.

Овие свети браќа, Господови исцелители освен за време на животот се прославиле и после смртта. Имено кога на некој човек при спиењето му влегла змија низ устата и кога му се заканувала сигурна смрт се спасил со тоа што во претсмртната агонија ги повикал св. Кузман и Дамјан. И така Господ и по смртта ги прославил тие што го славеле во текот на целиот свој живот.

Според некои истражувачи нивниот спомен се празнува два пати во годината, веројатно затоа што едниот од браќата умрел на 1 јули, а другиот на 1 ноември. Меѓутоа има некои истражувачи што сметаат дека се работи за две или три личности исцелители со исти имиња Кузман и Дамјан, поради што доаѓа и до мешање на нивните празници.
На иконите светите врачи Кузман и Дамјан се претставени заедно со крстови во рацете или, со кутивче со лекови и со лажиче со кое на болните бесплатно им давале од лековите.

Во народниот живот овој празник повеќе го празнуваат оние што се занимаваат со народна медицина: лекување, баење, лекување со билки итн. Тие на овој празник не работат зашто во спротивно нема да им фати лекот. Култот кон овие светци бил изразен во повеќе места на Македонија. На пр. има села што носат името на светите врачи, (Светораче, Кичевско) во селото Едуарци, во минатото се одржувал голем собир, а градот Сандански во пиринскиот дел на Македонија порано го носел името Свети Врачи.

Мала црква посветена на светите врачи Кузман и Дамјан има во скопското село Говрлево. Во црквата има и света вода, а според преданието оваа црква е изградена откако на некој човек му се сонило дека на местото каде што извира водата треба да се изгради црква. Според други преданија Јустинијан Први во 6 век на тоа место бил излекуван. До црквата има уште една чешма за која се верува дека подмладува поради што, овде луѓето доживуваат длабока старост.

Тропар
Светите бесребреници Кузман и Дамјан

Свети бесребреници и чудотворци, Козмане и Дамјане, нашите слабости посетете ги, дарови добивте, дарови дајте ни. (Подготви Марко Китевски)

Denesen.mk

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид Вчера (21.12.2024 ) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид и волонтерите од Црвениот...

Нема вина кај сопствениците чие куче усмрти дете во Пинтија, утврди истрагата

Затворена е постапката за сопствениците на кучето кое во април минатата година усмрти осум годишно дете. Обвинитествлтвото преземало низа дејствија за да утврди вина...

Две колешки од велешка пошта се степале на работа

Две колешки од велешка пошта се степале на работа Две вработени од велешката пошта се степале вчера додека биле на работа, соопшти полицијата. Инцидентот го...

Претреси во Тетово, пронајдени над 75.000 парчиња пиротехника.

Полициски службеници од СВР Тетово со судска наредба денеска во периодот од 9:30 до 14:20 часот извршиле претреси на повеќе локации во Тетово и...