Како што се колнеше во жицата така се колнеше и во Катицата: Таа е институција, стојам зад неа како личност
Денешното сведочење на обвинителката Лиле Стефанова од СЈО во случајот „Рекет“ несоменено нè навраќа една година наназад да се потсетиме и да се запрашаме што се случи со капацитетот на специјалната, кој за тогашниот премиер беше неосвоива тврдина, пишува Република.
Не се откажувам од Јанева, зашто таа е капацитет, ќе му рече Заев на Мицкоски на едно ТВ-соочување, па уште и ќе запраша „дали Мицкоски и ВМРО ќе ја блокираат иднината на Северна Македонија штитејќи криминал, дали ќе се блокира земјата и ќе се изгубат преговорите за ЕУ за заштита на криминалци“.
Набрзо прашањата на Заев добија конкретен одговор, а на јавноста ѝ се одговорија и многу други прашња за „жицата и Катицата“.
Не дека немам разбирање за опозицијата, но на крај памет не ми е да ја сменам Катица Јанева, дециден беше премиерот Зоран Заев лани во март и без око да му трепне категорично ја отфрлаше можноста да се исполни барањето на опозицијата за промена на тимот обвинители предводен од Катица Јанева.
– Апсолутно не. Тоа е за мене институционално прашање, од причина што навистина Катица Јанева и нејзиниот тим на обвинители, истражители и сите што работат беа во едно многу тешко време трошката надеж на враќање на правната држава, која ете почна да се враќа во нашата земја. Јас сум убеден дека не смееме да испраќаме лоши пораки до оние кои опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во уставот и законите, во тешко време. Треба да ги поддржиме нивните капацитети. Јас ги слушам и критиките од опозицијата, и не дека немам разбирање за нив, но предностите на вака создадена институција, со овие луѓе е навистина голема предност за Северна Македонија, велеше Заев.
Сепак, Заев вели дека е подготвен да разговара со опозицијата, за проблемот со СЈО да не биде пречка на евроинтегративниот пат на земјата.
– Јас сум флексибилен човек кој знае дека двете страни треба да имаат разбирање една за друга, но тоа да не биде на штета на државата, на институциите на системот. Подготвен сум да разговарам со опозицијата за секое аргументирано прашање. Драго ми е што почнаа разговорите, знам дека до крајот на оваа недела веќе ќе има конкретни писмени материјали околу некои предлози, верувам дека е можно навремено да го донесеме Законот за јавно обвинителство, каде е инкорпорирано СЈО како создаден капацитет. Уште еднаш напоменувам, тоа јавно обвинителство веќе, како што е поставено и во новиот закон, ќе ја гони власта, сегашната власт. Тоа јавно обвинителство е капацитет кон кој ќе тежнеат и другите обвинителства, и материјален и финансиски и со опрема. Да дадеме шанса на еден ваков закон, и сите сме тука во државата со доверба кон институциите, да продолжиме да ги градиме реформите, изјави Заев.
До средината на годината, околу јули, омекна, па во периодот на бомбите на „Ла верита“ и аферата „Рекет“ преку министерката за правда Рената Дескоска прати абер дека Јанева и не е толку важна.
– Не инсистираме Катица Јанева да биде главен специјален јавен обвинител. Сакам да потенцирам дека во досегашните преговори со ВМРО-ДПМНЕ воопшто не ја ни спомнуваме Катица Јанева. Нам не ни е во интерес да разговараме кој ќе биде специјален јавен обвинител. Тоа не било никогаш предмет на дебата и не нѐ интересира. Законот содржи принципиелни решенија: кои се условите за избор на специјален јавен обвинител, кои се условите за избор на јавен обвинител, која е постапката и кој ќе ги бира. Значи, воопшто не зборуваме за имиња и не сме оптоварени дали ќе биде Катица или ќе биде Фатиме или Ленче или некој сосема друг, рече Дескоска.
До август, пак, работите драстично се сменија. Каде згасна капацитетот на Катица и како фаталната љубов меѓу премиерот и специјалната доби фатален крај? Зошто Заев реши да ѝ го замени удобниот кауч од Камчев со тврдите дрвени клупи во Шутка и дали можеби одговорот лежи во предупредувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека ако ѕверот се почувствува загрозено, ќе нападне?
ИЗВОР: Република