Манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ или познат како е средновековен храм кој се наоѓа на 3 километри над селото Сливница во Преспа.
Манастирот датира од 1607 година, а е сместен во густата листопадна шума на еден стрмен и длабоко засечен дол, на западната падина на планината Баба, високо над источниот брег од Преспанското Езеро.
Бујната природа го одзема здивот во текот на сите годишни времиња. Во лето плени зелената боја, а на есен жолто златната боја и позлатениот тепих од лисје кој ниту уметник не би го насликал подобро.
Доаѓате во селото Сливница и добро е за секој случај да побарате клуч од мештаните, бидејќи кога нема никој, манастирската црква е заклучена.
Се движите по тесен асфалтиран пат околу 10 тина минути со автомобил и доаѓате пред едно прекрасно здание кое од првиот поглед ќе ве привлечи како магнет.
Манастирот има широк двор со зеленило, 20 конаци кои имаат 90 легла, кујна и трпезарија. На средина се наоѓа манастирската црква и камбанарија, а од левата страна на црковниот храм има лековита вода за која се верува дека помага за пород и лечи од болести.
Голем број жени кои немаат пород доаѓаат, се мијат и пијат од водата и ја молат мајката Божја да им помогне да добијат чедо.
Целиот комплекс е граден со камен, па изгледот е уште поавтентичен и прекрасен за око.
Густата шума, погледот кон Преспанското езеро и Божјиот мир и спокој кои владеаат наоколу, ќе ви вгнездат убаво чувство и насмевка на лицето.
Ќе уживате во секој миг и ќе сакате да се задржите што повеќе.
Влегувате во манастирската црква, а внатре ќе забележите прекрасен живопис, а срцето ќе ви доживее некое посебно чувство кое веројатно само меѓу тие четири ѕида постои.
На средина се наоѓа икона од Мајката Божја Богородица, а она што ќе ве трогне се големиот број молитви напишани од жени што сакаат да добијат пород.
Живописот во олтарот и наосот на храмот е изведен од зографска тајфа од која се издвојува работата на двајца мајстори. Тие успеале да пренесат содржина од сложена тематско-иконографска програма, особено карактеристична во наосот, каде се испреплетени сцени од неколку циклуси: Големите Христови Празници, Страдања и Параболи. Посебна ликовна разработка добил Христос-агнец на кого му се поклонуваат архиереите. На јужниот ѕид во олтарот е насликан Св. Кирил Филозоф со што Сливничкиот Манастир добил уште еден од повекето показатели за нагласениот однос на неговите ктитори кон словенската црковна традиција. Најголема специфика на овој живопис е портретот на младиот битолчанец Купен кој добил значајно место во олтарната програма кој е насликан со посебно внимание.
Присуството на првиот мајстор е нагласено кај претставите во олтарот и сводот, фигурите во првата зона на наосот и ликовите во повеќефигуралните композиции од втората зона. Вториот зограф се препознава по поизразениот шематизам вкочанетост на фигурите и посиромашната колорична палета.
Манастирот е граден со помош на сите околни села и од населението од подалечните места. Најголемо учество во изградбата на манастирот според натписот над вратата во манастирот дале следниве лица: Михаило Петков од Битола (9000 гроша), неговиот брат Грујо (1000 гроша), Стојко Милев од Сливница, Стојан и Милко од Ротино, Битола (1000 гроша), Тодор од Љубојно, Јосиф од Харвати (Арвати) и еромонах Стефан од Кономлати (1000 гроша), Сотир и неговиот брат Никола од Бохуно денешно Болно по 500 гроша, еромонах Стефан и Михаил и други.
Манастирот од сите страни бил опколен со згради. Се влегувало низ две големи и две помали порти. Во горните делови на зградата се наоѓале простории за престој на гости. Некои од собите биле сопственост на селата Болно, Љубојно, Герман, Кономлади, Горица, Битола, Прилеп, Костур и др. Во манастирот се наоѓала најголемата библиотека, но грчкиот владика, целиот библиотекарски фонд го изгорел, поради тоа што бил на славјански. Палењето траело цела недела на три огништа. Во манастирот постоело и училиште во кое учеле и работеле деца од околните преспански села каде учители биле свештениците.
Во близина на Сливничкиот манастир се наоѓа и еден од четирите најстари манастири во Европа, светилиштето Св. Ѓорѓи во село Курбиново, потоа новиот манасир Свети Апостол Петар и Павле во село Подмочани и црквата Св. Илија во село Грнчари.
Преспа изобилува со големи богатства и убавини, посетете ја, не се само плажите и топлото сонце во лето привлечни, има многу повеќе од тоа да се истражи.