16.9 C
Ohrid
сабота, септември 26, 2020
Почетна Македонија Сопствениците на миленици бараат измени во полицискиот час за да ги шетаат...

Сопствениците на миленици бараат измени во полицискиот час за да ги шетаат своите кучиња.

Translate (Eng):[gtranslate]

Мерките за ограничување на движењето за време на викендите, во период од 16 до 5 часот наредниот ден што ги опфаќа сите граѓани, предизвика бурни реакции кај Здруженијата за заштита на животните и сопствениците на миленици. Апелираат да се конкретизира мерката во однос на сопствениците на миленици кои што имаат потреби да ги извршуваат своите физиолошки потреби во природата.

Од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ бараат Владата да донесе исклучок за граѓаните кои се грижат за миленици, со цел да се заштити благосостојбата на животните. Воедно бараат да биде направена отстапка по примерот на Италија и Бугарија, каде што е дозволено шетање на кучето во близина на местото на живеење.

„Во земјава има околу 80.000 регистрирани миленици. Тоа значи сопственици кои уредно го чипирале сопствениот миленик, редовно го носат на вакцини, се грижат за него. Тој миленик е член на нивното семејство и неговата среќа и благосостојба е еднакво важна како и човечката. Но, освен сопствениците на миленици, има уште најмалку толку луѓе, активисти, љубители, кои прибираат во своите домови (и мали станови, да!) бездомни животни од улиците на градовите во земјава, ги лекуваат тие животни и им наоѓаат постојани домови. Тие луѓе имаат и повеќе животни за кои се грижат истовремено, па понекогаш се принудени во смени да ги изнесуваат надвор“, велат од Анима Мунди.

РЕКЛАМА

Членот 4 од Законот за заштита и благосостојба на животните наложува на животните да им се озбезбеди нормално однесување имајќи го предвид видот, старосната категорија и нивните физиолошки и етолошки потреби.

Ива Андреевска од Скопје, сопственичка на куче, вели дека иако на интернет се шират информации дека на сопствениците ќе им биде дозволено кратка прошетка во околина од 200 метри на местото на живеење, сепак тоа не е јавно кажано.

„Околу полицискиот час мислам дека треба да се донесе конкретен одговор или одлука бидејќи ние граѓаните што имаме домашни миленици сме во заблуда во врска на таа тема. Сепак мислам дека надлежните треба поконректно да се изјаснат. Тоа е навистина проблем за луѓето што живеат во стан, а чуваат поголеми кучиња кои се навикнати и имаат потреба од прошетка во текот на денот повеќе од 3 до 4 пати“ – додава Андреевска.

Сепак, некои од граѓаните сметаат дека е можно изнаоѓање алтернативи во врска со шетањето миленици за време на полициски час.

Филип Мишов, сопственик на куче вели дека својот миленик го чува во стан и на прошетка го носи еднаш до два пати дневно, во зависност од обврските, а неколку пати дополнително, пред зградата за да ги изврши своите физиолошки потреби.

„Искрено, мислам дека не претставува проблем новата мерка, туку потребна е само подобра организација и привремена измена на дневната рутина кај сопствениците во вонредни услови. Сосема доволна е утринска прошетка, потоа уште една кратка пред 16 часот и во периодот од 20 – 21 часот излегување пред зграда единствено миленикот да изврши нужда. Не верувам дека полициските службеници би направиле проблем доколку забележат сопственик со куче пред влез на буквално неколку минути“, додава Мишов.

На социјалните мрежи свое мислење за мерката го споделија многумина, вклучувајќи ги и ветеринарите. Ветеринарка од Скопје на својот фејсбук профил ги советува граѓаните за време на викендите, кучињата да ги шетаат во радиус од 50 метри на домот, а со себе да носат лична карта и пасош од миленикот како доказ за сопственост и место на живеење. Во случај на интервенција од страна на полиција, тие да се повикаат на законот за благосостојба на животните, бидејќи ако кучето трпи повеќе од 8 часа, тоа му го загрозува здравјето. Овие информации може да се проверат кај ветеринар или во Агенција за храна и ветерина и Ветеринарна комора – советува ветеринарката. Taa aпелира да не се злоупотребуваат кучињата како изговор за шетање, туку по завршувањето на физиолошките потреби на миленикот, сопственикот веднаш да се врати дома. Исто така, посочува да не се оди „фамилијарно“ на прошетките, ниту пак да „се позајмуваат милениците“ на соседите.

Извор:Meta.mk

- Реклами -