3.9 C
Ohrid
понеделник, декември 23, 2024
ПочетнаМакедонијаГоце Михајловски: Не сакаа татко ми да го примат на инфективно, немало...

Гоце Михајловски: Не сакаа татко ми да го примат на инфективно, немало место

spot_img

Статус на Гоце Михајловски: ЕДЕН МЕСЕЦ ПОДОЦНА: Битката ја добив, војната ја изгубив(ме)

,,Сосема беше во право британскиот премиер Борис Џонсон, кога кажа дека новиот вирус е како крадец. Доаѓа од “нигде-никаде”, и за брзо остава пустош зад себе. Во случајот со моето семејство, зеде и живот – на татко ми.

Последниот викенд во Прилеп

Во семејната куќа во Прилеп вирусот “влегол” кон крајот на март. Викендот 28-29 март бев во посета на родителите, неполни 24 часа, тогаш полицискиот час беше од 16 часот. Подоцна се покажа дека тоа е и последна средба со татко ми. Никој немаше никакви симптоми и не можеше ниту да претпоставиме дека “непријателот” е тука. Од каде дошол не знаеме, можеме само да погодуваме, ама тоа сега веќе е и ирелеватно.

5 април, недела: Седум дена подоцна, на 5 април недела, додека се уште бев на работа, попладнето околу 16 часот почувствував омалаксаност. Веднаш заминав дома (тоа беше мојот последен ден на работа), а вечерта добив покачена температура (38.4) и треска.

Нормално, веднаш се појави стравот дека можеби “ова е тоа” за кое толку слушавме и зборувавме. Вредно е да спомнам дека практично од петокот, помеѓу двете интервјуа, ми додеваше главоболка на која тогаш не и обрнав особено внимание со оглед дека ја имам често кога сум под стрес и под притисок. Траеше прилично долго, три дена. Не помагаа никакви апчиња, а исчезна дури неделата вечер, кога се појавија температурата и треската, па гледано од денешна перспектива можно е таа да беше поврзана со вирусот.

Претходните денови, во кои бев преокупиран со веќе познатите две интервјуа, повеќепати разговарав со татко ми за емисиите, но во ниту еден момент не се пожали дека има некакви здравствени проблеми. Но, во саботата на 4 април, мајка ми, помалку изнудено (да ме одврати од идејата да го однесам детето на чување неколку дена) и помалку бенигно, ми кажа дека заедно со татко ми 2-3 дена “имаат некоја настинка, повремено со покачена температура и трески”.

6 април, понеделник: Ова беше доволен аларм за мене веднаш, веќе понеделникот, на 6 април, да ја контактирам ординацијата на матичниот лекар. Ги кажав симтомите и информацијата дека моите родители имаат слични такви, но според електронскиот прашалник излезе дека нема доволно индикации да бидам тестиран (не знам дали е се уште истиот прашалник, но доколку е, тогаш е пропуст на системот кој мора итно да биде корегиран).

Веднаш почнав да барам алтернатива во приватните лаборатории кои прават такви т.н. молекуларни тестови, но без успех. Две ми одговорија дека ги прават само преку закажување од матичен, а третата дека имаат термин дури следната недела. (Како е сега, не знам)

Попладнето се слушнав повторно со мајка ми. Ми кажа дека таа е веќе добра, но дека состојбата на татко ми е влошена. “Тешко дише ноќе, го открив и дека во тоалет исплукува к рв и има дијареја”, ми рече.

7 април, вторник: Во вторникот наутро, 7 април, татко ми, кој како по обичај дотогаш велел дека “ништо не му е”, самиот побарал мајка ми да го однесе во прилепската болница. Таму му била дадена инфузија, земени тестови, и пуштен дома.
Јас, пак, утрото ја продолжив потрагата по лабораторија.

Последна опција ми остана Систина, со т.н. брзи тестови за антитела во крвта. Иако за нивната релеваност веќе со денови се водеше расправа, одлучив да се тестирам. Ми закажаа термин за истиот ден, и веќе околу 13 часот го добив резултатот и тој беше негативен. Сепак, немаше простор за радост со оглед што попладнето, веќе трет ден по ред, се врати темературата и треската.

8 април, среда: По уште една тешка ноќ, во средата наутро мајка ми повторно го однела татко ми во болница. Поради сериозната состојба лекарите одлучиле да го хоспитализираат и покрај тоа што се уште не биле стигнати резултатите од тестот за вирусот. Од тогаш веќе никој од семејството не го виде.

Јас и средата бев исто како и претходните денови. На дистанца од сопругата и синот колку што дозволуваа можностите, со повремено покачена темература и трески, без кашлица или отежнато дишење. Се “лекував” дома со чаеви, витамини и парацетамол. Ми се појави и силна болка во грлото, па матичниот лекар ми препиша антибиотик, мислам беше Амоксиклав. Тие денови полека го изгубив и чувството за мирис и вкус.

Критичниот ден – 9 април, четврток: Од веќе напластените грижи, ноќта не спиев добро, а утрото околу 7 часот ме разбуди повик на мој близок роднина. “Татко ти ноќта ја поминал лошо во болница и покрај кислородната поддршка, треба да го однесат на Инфективна клиника во Скопје, но не сакаат да го примат, немало место. Види што можеш” ми рече роднината. Веднаш откако спуштив почнав да размислувам што да правам, а веќе следниот момент колабирав, ја изгубив свеста. Не знам по колку време, се разбудив во локна к рв, испружен на подот во дневната соба. Полека се созедов, се уште не свесен што се случи и од што е крвта, дали од физичка повреда или од белите дробови. За брзо дојде сопругата од другата соба и дилемата беше расчистена. Имав голема расекотина на брадата која мораше да биде сошиена.

Дестинацијата веќе ја знаев – градската болница “8 Септември”, одредена за интервенции кај суспектни од коронавирусот. Додека се подготвував, роднината се јави повторно, овој пат со добра вест. Проблемот бил надминат, татко ми за брзо ќе го транспортираат на клиника.

Јас се појавив сам пред влезот на “воена” некаде околу 8, се уште немаше движење. Ме дочекаа вообичаено тмурните лица од обезбедувањето, кои по правило не се расположени да дадат ниту основна информација каде да се упатиш. Нејсе, по неколку минути веќе бев пред шалтерот на “приемно”, во ургентниот центар, сега ковид центар.

Таму на љубезната медицинска сестра, облечена во скафандер и сета друга заштитна опрема, и кажав зошто сум дојден, со дополнување дека иако имам негативен тест од Систина, неколку дена имам температура и трески, а и татко ми е суспектен на вирусот. За кратко, вратата ми беше отворена, а истото го повторив пред дежурниот лекар. И тој беше крајно љубезен, па откако ме ислуша, почна со испитувања.

Притисок, сатурација, кр вна слика, рентген на белите дробови… на крајот ми ја сошија раната, и таман помислив дека си одам дома, околу 10 часот докторот ми рече: “има некои отстапувања на рентгенот, пневмонија која можеби поминала, но според протоколот мораме да те задржиме”.

Веќе следниот момент ми дадоа болнички пижами и ме однесоа на третиот кат во одделение на кое пишуваше Дигестивна хирургија, сега пренаменето за карантин. Бев сам во собата 312, во која имаше уште 4 кревети.

Околу пладне, ми се јави татко ми, да ми каже дека веќе стигнал во Скопје и го сместиле на клиниката. Тешко зборуваше, а за да не се вознемири дополнително не му кажав дека и јас сум во болница. Тоа беше нашиот последен телефонски разговор.

Попладнето почнав да примам терапија, а околу 17 часот добив информација дека татко ми е позитивен на вирусот. Поради големиот јавен интерес (интервјуата со лидерите пред една недела) уште вечерта итно ми беше земен брис и мене. Докторката ми рече дека “резултатот ќе биде во најбрзо време, можеби истата вечер”, но тоа не се случи.

10 април, петок: Веќе бев буден, беше околу 8.30, кога ми заѕвони телефонот и ја добив информацијата дека и мојот тест е позитивен. Според се, не беше изненадување, но секако беше огромен шок. Во 10 часот веќе беше прес конференцијата на министерот и веста ја дозна целата јавност.

Од фејсбук и порталите попладнето веста ја дознал и татко ми, кој само успеа да ми пише на месинџир “биди силен”. Тој ден бев преместен и во друго одделение, мислам дека беше кардиолошкиот центар, сега исто наменет за ковид 19. Тоа беше и првиот ден без покачена температура.

11 април, сабота: Денот почна повторно со “селење”. Бев вратен во истата соба на третиот кат, овој пат прво со двајца “цимери”, подоцна тројца, на крајот четворица…

Тој ден беше и последната комуникација со татко ми преку месинџер. Утрото рече дека е подобар, но вечерта ми пиша дека состојбата му се влошила. Јас го уверував дека сум добар, дека нема потреба воопшто да се грижи за мене, но колку во тоа поверува не знам. Го храбрев дека е во добри раце и се поздравивме со договор следното утро да ми пише како е.

12 април, недела: Веќе беше 8 часот, а од татко ми немаше абер, што веќе беше чудно, да спие до толку доцна не се случило. Му пишав јас, но забалежав дека не бил активен од претходниот ден, што беше несвојствено за него. Целиот ден сите во семејството бевме вознемирени од фактот што не знаевме што се случило. Дури попладнето околу 17 часот, разбравме дека утрото му се влошила состојбата и дека е ставен на машина за дишење, фамозниот респиратор.

13-17 април, пон-пет: Следните денови беа исти. Јас ја добивав терапијата во болничката соба, (не знам точно што, но секако сумамед и трицеф), веќе добро се запознавме и со “цимерите”, па низ разговори времето поминуваше некако побрзо. Покачената температура и треските беа веќе минато, тие денови имав само кашлица. Кон крајот на неделата, по направените контролни анализи, на тројца од веќе петтемина во собата ни беше кажано дека ќе бидеме пуштени на домашно лекување, поради добра општа состојба.
За татко ми целата недела немаше никаква новост. “Состојбата му е иста, ни полошо, ни подобро”, ни повторуваа секој ден од клиниката.

18 април, сабота: Со возило на Брза помош бев донесен дома саботата, ден пред Велигден. Добив антибиотици како терапија за уште една недела и задолжителна изолација до два негативни тестови.

19 април, Велигден: На големиот празник, дојде првата добра вест по подолг период. Сопругата и синот се негативни на тестот за вирусот. Веднаш по неа, истиот и следните два дена доаѓаа добри вести и од колегите кои беа ставени во самоизолација, по проценка на епидемиологот. Вкупно осуммина, сите негативни.

20-24 април, пон-пет: Продолжи неизвесноста со татко ми. Тој веќе втора недела беше приклучен на машината за дишење. Само еднаш (четвртокот на 23 април) ни кажаа дека има некакво подобрување на крвната слика и рентгенот, но предупредија дека рано е за било каква радост.

25 април, сабота: По една недела дома, дојде денот за првиот мој контролен брис. Ми беше земен на прагот од влезната врата од станот.

26 април, недела: Веќе не се чекаше многу за резултатите како претходно, но сепак бев изненаден што веќе следниот ден, во неделата попладне, го добив резултатот. Беше негативен, односно вирусот веќе го немаше. Според процедурата, следното утро во понеделникот ми беше земен втор контролен брис.

27 април, понеделник: При редовниот телефонски контакт со лекарите во Инфективна (секој ден од 14-15 часот се јавуваше сестра ми) добивме информација дека состојбата на татко ми по повеќе витални параметри се влошила.

Околу 18 часот ми ѕвонеше непознат број. Уште пред да одговорам, интуицијата веќе ми говореше дека не е за арно. “Дали сте вие синот на Марјан?”, ме праша непознатиот машки глас. Откако одговорив потврдно, ми ја соопшти лошата вест. “Се јавувам да ве информирам дека татко ви поч ина”, рече човекот.

Веста брзо беше проширена и кај одговорните за погреби во Прилеп, па веќе вечерта експресно неговото тело, со сите процедури за вакви случаи, беше пренесено во капелата на прилепските гро бишта.

Вечерта ми беше соопштено дека и вториот мој тест е негативен, односно и дефинитивно го нема веќе вирусот во мене. Тоа барем ми овозможи да присуствувам на погребот.

28 април, вторник: Погребот беше извршен рано, повторно според процедурите за вакви случаи, со полициски надзор. Имаше 63 години и беше релативно здрав човек, без некои сериозни хронични болести. Присуствуваме само неколкумина од најтесното семејство, сите со маски и на растојание поголемо од 2 метри.

Веќе во раните попладневни часови се вратив во Скопје, неколку минути пред министерот да ја соопшти статистиката за последното деноноќие. Во неа ме имаше и мене, го имаше и татко ми. Јас во оздравените, тој во поч инатите.

Така, еден месец подоцна можам да кажам дека битката со вирусот ја добив, но не можам да кажам дека ја добив(ме) и војната. Од борбата со оваа подла болест до крајот на животот ќе ми останат две лузни – една на лицето и една во душата.

Ова го напишав за неколку пораки:

– Носете маска и држете растојание! Јас од почетокот на епидемијата ги практикував и двете, освен дома. Се покажа недоволно за мене, но доволно да не го пренесам вирусот никому. Сите што беа во контакт со мене – и лидерите, и колегите, и моите дома, останаа негативни. Жалам за непријатноста и неизвесноста што им ја предизвикав на сите што беа засегнати на некој начин.

– Вирусот веројатно веќе стивнува, но по игра на случајноста ако почувствувате некакви симптоми не чекајте, јавете се на лекар! Подобро е да мислите дека го имате, а тестот да го покаже спротивното, отколку да мислите дека го немате, па да задоцните со лечењето. Можеби татко ми ќе имаше шанси да побарал помош неколку дена порано.

– Да изразам благодарност за сите медицински лица што се грижеа за мене и се бореа за татко ми. Тие анонимни херои работат во смени и од по 24 часа во исклучително тешки услови со маски, скафандери, наочари, визири… Заслужуваат и повеќе и подобро.

– Јавно да се заблагодарам на сите пријатели кои ми помагаа мене и на моето семејство во овој период, особено во 10-те дена додека бев во болница, а сопругата и 3,5 годишниот син беа сами затворени во станот во двонеделна изолација. Не знаете како е да не можеш ниту ѓубрето да си го фрлиш. Во мака се гледаат вистинските пријатели, со право рекол нашиот народ.

– Да се заблагодарам на сите познати и непознати што на било каков начин, јавно или лично, ми изразивте поддршка за време на лекувањето и сочувство за загубата. Во тешки моменти значи и се памти секој кажан , но и премолчан збор.

Многумина позитивно ме изненадија, иако имаше и неколкумина кои особено ме разочараа. Посебна благодарност до менаџментот на Канал 5, кој беше со мене за целото ова време.

– На крајот. Јас сум здрав и наскоро ќе почнам да се излегувам од дома, полека да се враќам во нормален живот, колку што е можно тоа во сегашните услови. Сепак, познавајќи го нашиот менталитет, знам дека ќе има и такви на кои ќе им биде непријатно да бидат во моја близина. За нив:

Ако не ви е доволна дистанцата од 2 метри и маските за да се чувствувате безбедно, ве молам свртете си ја главата, искрено нема да ви забележам, го разбирам стравот кај луѓето, дури и кога е нерационален. Ова премрежје по кој знае кој пат потврди една вистина – семејството е единственото што е важно, без се друго се може.

П.с. Козарот ќе го тужам за лагите и клеветите, најмногу поради тоа што во најтешките моменти ми го вознемири семејството. Многу веројатно и татко ми во неговите последните часови при свест.

Очекувам да биде “храбар” како што е на тастатурата и да не се крие зад “не добив уредна покана”, “страната не е моја”, “некој ми ја хакирал” и сл. и на суд да ги докаже гадостите што ги пишуваше.

П.п.с. А, одамна “декодираната” новинарка нема да ја тужам. За неа имам само сожалување. Ретко се наоѓа толку многу злоба и фрустрација во еден човек.”

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

На универзитет во Солун се говореше за македонистиката, на македонски јазик

Насловна / Балкан • Македонија Објавено на: December 23, 2024 На универзитет во Солун се говореше за македонистиката, на македонски јазик t За првпат се случува конференција на...

Бајден помилуваше 37 од 40 затвореници осудени на смртна казна

Американскиот претседател Џо Бајден денеска им ги преиначи казните на 37 од 40 федерални осуденици на смрт во доживотен затвор без можност за условно...

Трамп: Во САД ќе има само два пола – машки и женски

Официјалната политика на САД ќе биде да има само два пола – машки и женски. Ова им го соопшти новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп,...

Тик Ток веднаш изреагира за забраната: Во Албанија одлучуваат Албанците, вели Еди Рама !!

По информациите дека кинеската интернет компанија БајтДенс, во чија сопственост е платформата Тик Ток, ќе побара „итно појаснување од албанската влада“ во врска со...