12 C
Ohrid
четврток, мај 28, 2020
Почетна Македонија Отец Партениј избран за владика, Бигорски станува епархиско седиште

Отец Партениј избран за владика, Бигорски станува епархиско седиште

Translate (Eng):[gtranslate]

Игуменот на Бигорската Обител, отец Партениј е новиот епископ на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, а Бигорскиот манастир станува епископско седиште.

Синодот на МПЦ-ОА го избра за владика на денешната седница на предлог на дебарско кичевскиот митрополит г. Тимотеј.

Денес, кога го славиме споменот на Светиот Апостол и Евангелист Јован Богослов, во црковното предание нарекуван уште и „Апостолот на љубовта“, тој ни благовести уште една радосна вест: нашиот Старец и игумен, Архимандрит Партениј, нашиот нов апостол на љубовта Христова, од страна на светите архиереи од Свештениот Синод на МПЦ – Охридска Архиепископија, едногласно беше удостоен со највозвишениот и свет, апостолски архиерејски чин, објави bigorski.org.mk.

РЕКЛАМА

Ова ново послушание, овој голем крст во служењето на народот Божји, Светиот Синод му го возложи на нашиот Старец по барање на нашиот многупочитуван и возљубен владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој го побара за викарен епископ на нашата богочувана епархија. Новата владичка титула на Старецот ќе му биде Епископ Антаниски и игумен на Свештената Бигорска Обител. Насловот на оваа епископската титула доаѓа од древниот град Антанија, чијашто местоположба била кај денешниот Чебренски манастир и кој во доцното римско доба бил епископско седиште.

Наречението на Старецот за епископ ќе се одржи Претечевиот храм на Бигорската Обител, на 11 јули, во навечерието на празникот Собор на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле, а хиротонијата – наредниот ден, на самиот апостолски спомен, во древниот и преубав храм на Премудроста Божја, „Света Софија“ во Охрид.

За нашата Свештена Обител е посебна радост што возљубениот ни Старец станува владика во годината кога таа го слави своето илјадалетие.

На монашкиот синаксис пред некој ден, на кој Старецот ни соопшти на браќата за неговиот избор за епископ, тој меѓу другото уште еднаш ја предочи неговата главна животна цел – духовниот напредок на монашката заедница и спасението на што повеќе луѓе:

Старец и игумен, Архимандрит Партениј
„Чеда мои, вие добро знаете колку сум чувствителен за секого од вас, колку многу секој од вас поединечно ми значи; зашто, сите вас со многу маки и со големо трпение сум ве раѓал во монашкиот живот, пролевајќи обилна духовна крв. Затоа пак ќе ви повторам: сите вие сте ми неопходни, бесценети. Потребни ми сте, бидејќи сте мои деца. Без вас не можам и не сакам со ништо да продолжам. Ние сме меѓусебно поврзани со врската на совршенството – љубовта во Христа (сп. Колос. 3,14), во едно тело, во еден духовен организам.

Вие сте сведоци дека вашиот пад, бил и мој пад; вашата тага е и моја тага, вашата радост – моја радост. Преку благодатта Божја и по молитвеното покровителство на нашата заедничка Мајка Богородица и на нашиот закрилник Свети Јован Крстител, тоа така и ќе остане докрај! Мене ништо друго не ми е поскапоцено од моите монаси, монахињи и духовните чеда.

За ништо од овој живот не би ве оставил и не би ве менувал. За мене нема ништо поскапо и попосакувано од вас. Па дури и ако би ме удостоил Бог со Рајот, а да треба да останам без некои од вас, јас, ви кажувам отворено, нема да одам. Или сите заедно, макар какви и да биле некои, или ниту јас.

Сакам ова добро да го запаметите. Да имате секогаш на ум колку многу ми значите и колку ве љубам. Без вас животот навистина не можам да го замислам. Затоа, ве замолувам да бидете внимателни и трезвени. Со вашите молитви и со вашиот подвиг да ми помагате во носењето на крстот. Оти, архиерејската служба во правилна смисла значи постојано распетие за словесното стадо Христово. Неутешениот свет, во вас гледа голема утеха, гледа Христови ученици.

Да не ги разочараме жедните за Бога души. Низ целата историја, најголемата утеха и просвета доаѓала токму од Црквата, особено од манастирите… И немојте да мислите дека некој е безначаен. Сетете се на зборовите што ги кажа Спасителот, дека само една душа човечка е поскапоцена во Неговиот очи од целиот свет (сп. Матеј 16,26). Вие сте виделе како сум се натажувал кога ќе разберев дека некому му се случило нешто лошо, или има некаков проблем, или паднал во грев, или, не – дај Боже – сосема отстапил. Кој изнемоштува, без да изнемоштам и јас? Кој се соблазнува, без да се распалам и јас? – вели Апостолот Павле (2. Кор. 11,29) Колку пати сме ги оставале 99-те овци, за да ја побараме загубената? Колку загубени души го нашле патот и се исправиле во нашите манастири, пронаоѓајќи се себеси и Бога?! Сме се труделе, сме тргале, сме влечеле нагоре, многупати и онаму каде што ни се чинело дека е непоправливо…

Колку солзи, молитви, зборување – сè додека заблудената овца не влезе во стадото. Ова го говорам не само за монасите, туку, пред сѐ, за духовните чеда во светот, коишто никако не смееме да ги оставаме без Божјата утеха. Зашто, како што сум секогаш тука за вас, така сум и за духовните чеда и тоа нема да се промени никогаш. И во нашево време, значи, ние сме тие што треба да се молиме за нашиот род, деца, да бараме милост и спасение. Во овој наш, 21 век, вие сте, всушност, Христовите апостоли. Вие треба да им ја пренесувате на светот пораката дека Исус Назареецот, Распнатиот, – воскресна (Марко 16,6).

А како ќе ја пренесувате оваа порака? Со тоа што, преку подвигот на љубовта и служењето на ближните, ќе станете сведоци по духот на Неговото славно Воскресение, ќе станете, на некој начин, живи евангелија… Срцето, значи, на нашата мисија, на нашиот призив, на нашиот живот, е спасението на душите на што повеќе ближни. Силата, пак, на таа мисија – сте вие монасите и сестрите монахињи, тие нови жени мироносици, коишто, исто така, премногу се трудат. Наскоро ќе станам владика, ќе го примам свештениот архиерејски чин, но тоа за мене преставува залог за уште повеќе да се трудам, секако, заедно со вас, во духовната работа со луѓето – да ги слушаме нивните исповеди, маки, таги, радости… и да ги приведуваме нив и сите заедно да се упатуваме кон тивкото пристаниште на Христовата утеха и љубов.

Па така, деца мои, како ваш духовен родител, ве замолувам да го сфатите овој призив сериозно, да бидете силни и да барате од Господ благодатна помош, за да излеземе од овој свет како достојни Христови ученици. Во која смисла велам достојни? Во тоа што докрај ќе останеме во Неговата љубов. Оти, љубејќи Го Него, ќе се љубиме и повеќе меѓу нас и полесно ќе ги победуваме сите искушенија…“

А ние, последните и најнедостојните синови на нашиот Старец и духовен татко, со нашите срца ќе му одговориме преку зборовите на големиот монашки учител, Преподобниот Јован Лествичник:

„Душата која се приврзала заради Христа со пастирот со љубов и доверба, останува до крв и не се оддалечува од него, особено ако има добиено од него исцеление на душевните рани, според зборовите на оној кој рече: Ни ангелите, ни властите, ни силите, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да не оддели од љубовта Божја во Христа Исуса (Рим. 8,38-39)“.

Да се молите, татко наш во Христа, овие божествени слова да се остварат и со нас, та да Ви останеме верни во послушанието, љубовта, и во служењето за спасение на мнозина. Оти, и да имаме десетици илјади наставници во Христа, татковци многу немаме, бидејќи Вие нѐ родивте во Исуса Христа преку Евангелието (сп. 1. Кор. 4,15).

Молитвите на Пречистата наша Богородица, на Чесниот Претеча, на Свети Партениј Лампсакиски, чиешто име достојно го носите, и на сите Светии нека бидат со Вас, Владико и татко наш, како и молитвите на предците од славниот мијачко-рекански крај, за чиешто севкупно воскресение Вие се вложивте како доброволна жртва сепаленица!

На многаја и благаја лета, наш духовен татко во Христа!

Би сакале тука да им ја изразиме и нашата неизмерна благодарност на нашиот возљубен Митрополит и архипастир на нашата Дебарско-кичевска епархија, г. Тимотеј, како и на сите архиереи од Светиот Синод, што денес го удостоија нашиот Старец со ова големо достоинство, за слава на Црквата Христова! На многаја лета, објави bigorski.org.mk.

Отец Партениј ќе ја има улогата на викарен епископ на дебарско-кичевската епархија останува во Бигорскиот манастир, каде ќе биде неговото епархиско седиште. Тој е четиринаесетиот владика во Синодот на МПЦ-ОА. Р.З.

- Реклами -