Екс премиерот Никола Груевски денеска полни 50 години, а на својот роденден се потсети на Тодор Александров кој на денешен ден е убиен. Тој со историска лекција и цитат од револуционерот, порача „вистината е поголема од светлината, но кој може и сака да ја види“.
TОДОР АЛЕКСАНДРОВ – IN MEMORIAM
“ Вистината е поголема и од светлината, но кој може и сака да ја види”.
Роден на 4 март 1881 година во легендарната населба Ново Село во Штип, од татко свештеник Александар Попорушов и мајка Марија Хаџијанева,и двајцата од Штип и со седум деца, од кои Тодор Александров е втор по ред и единствен син. Татко му кој подоцна станал учител во Радовиш, просветител и богато надарен човек, црковен пејач, поет, собирач на народни умотворби и соработник на Гоце Делчев, се дружел со Даме Груев и Гоце Делчев кои биле учители во Штип. Освен со нив 8-9 годишниот Тодор бил сведок како татко му се дружел и со други револуционери како Мише Развигоров, Тодор Лазаров, Ефрем Чучков и др.
Педагошко училиште завршил во Скопје со одличен успех во 1898 година, каде директор во тоа време бил Христо Матов, еден од идеолозите и теоретичарите на Организацијата, по чија препорака Александров во учебната 1897/98 положил заклетва за пристапување во редовите на организацијата. Потоа по препорака на Х.Матов е назначуван за учител во Виница, Кочани и Кратово каде соработувал со гемиџијата Павел Шатев кој за него во неговата книга “Во Македонија под ропство” ќе забележи: “Тодор гледаше многу пореално на нештата и се стремеше да биде полезен за делото, но без да прави експерименти…Тој ми направи впечаток на многу разумен трезвен ум и подготвен за сите жртви пред олтарот на слободното дело”.
Заедно со Павел Шатев, младиот учител Тодор Александров во Кочани учествувал во пренесување на дел од експлозивот кој бил искористен во познатите Солунски атентати во 1903 година. Во 1903 кога Александров дознал за планот за Илинденското востание, сметал дека е избрзано, но по одлуката се вклучил во подготовките. На 27 март 1903 година е уапсен и осуден на 5 години затвор, а по 13 месеци лежење во затворот Куршумли ан во Скопје, е амнестиран и повторно назначен за учител во Ново Село-Штип. Во затворот го усовршил францускиот јазик и ги зацврстил релациите со Сколскиот револуционерен округ.
На 10 јануари 1905 година при обид повторно да биде уапсен, кога османлиските власти му ја опколиле куќата, успеал да се извлече и да замине во четата на Мише Развигоров, каде станал секретар на четата. Одтогаш започнува неговата професионалната револуционерна кариера, низ која ќе се издигне до врвовите на организацијата. Одтогаш тој е во илегала а подоцна и во политичка емиграција во Бугарија, од каде делува со влез на неговите чети во Вардарска Македонија. Во некои години и во Бугарија е во затвор или е во полуилегала, како на пример во периодот на Премиерот Стамболиски.
Во монографијата за Ефрем Чучков од Проф.Др. Никола Жежов (2017) опишан е еден настан во пролетта 1905 година кога комитска чета предводена од Ефрем Чучков и Даме Груев требало се разбира илегално да премине од Кратовско Кнежево, преку Овчеполието кон југозападна Македонија и за истото требало Тодор Александров да уреди канал, за што веднаш штом бил подготвен по курир им испратил писмо.
Даме Груев одкако го прочитал писмото му се обратил на Лучков со зборовите: “Ти реков ли јас дека младото даскалче Александров брзо ќе уреди канал; еве ти, тој пишува дека ќе ја причека четата во Чифлигот П. и макар што дошол аскер од Овчеполието, ќе и даде канал и ќе го осигури преминувањето на Вардар; тоа многу ме радува…Така е штом на чело на движењето застанат млади и интелегентни сили. Развигоров многу го цени и навистина Тодор ветува да стане еден добар раководител…”.
Комитската чета безбедно ја поминала реката Вардар, додека Т. Александров си обезбедил уште поголеми симпатии во очите на Даме Груев и Ефрем Чучков во тој момент членови на окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ на ТМОРО (под кој тогаш припаѓа и Штип и околијата) , односно претседател и секретар. Од тој момент започнало неговото издигнување во организацијата.
Подоцна на Ќустендилскиот конгрес во 1908 Тодор Александров и Ефрем Чучков се дел од делегатите на Скопскиот револуционерен округ а Ефрем Чучков станува член на тричлениот ЦК на ВМОРО заедно со Павел Христов и Петко Пенчев.
Александров и Чучков во 1908 година, за разлика од многу други чети, одбиваат легализирање на нивните чети по победата на младотурците.
Во почетокот на 1911 година, преку писмено договарање на раководителите на организацијата, како најистакнат преставник на Скопскоот револуционерен округ за член во ЦК на ВМОРО бил избран тогаш триесетгодишниот Тодор Александров кој станал доминантна личност во организацијата се до неговото убиство во 1924 година. Заедно со него во ЦК биле избрани и Петар Чаулев како еден од најпопуларните членови на Битолскиот револуционерен округ и војводата Христо Чернопеев како преставник на Серскиот револуционерен округ, а Александар Протогеров се избира како резервен член.
Во 1919 од името се изостанува “Одринска” и ВМОРО станува ВМРО. Истата година тројцата членови на ЦК заминале за Цетиње каде се сретнале со албанските водачи со цел да се договорат за заедничка дејност против османлиската власт во Македонија а истата година испраќаат мемоар до генералните конзули во Солун, Скопје, Битола и Одрин во кој се укажувало за неподносливата положба во Македонија под власта на младотурскиот режим, во кој мемоар побарале воведување автономна управа под покровителство и гаранција на големите сили. Таа година војводите и атентаторските месни групи на Организацијата извршиле повеќе системски бомбашки напади и атентати врз возови, железнички мостови и станици, полициски станици и на многу други места. По повод атентатите во Македонија, ЦК на ВМОРО во ноември 1911 издал декларација во која се критикувала Европа поради нејзиниот рамнодушен однос кон македонското прашање, при што се укажувало дека “ВМОРО нема да ја остави Македонија незаштитена од мирното истребување”, посочувајќи на употребата на револуционерни средства и истата ја завршил со повик: “ Поздрав до борците! Да живее слободата на Македонија!”. Османлиските власти веќе нудат 4000 лири за неговата глава, слично како што претходно нуделе за Гоце Делчев и за Дамјан Груев…
По неговиот избор за член на ЦК на организацијата, следуваат многу бурни тринаесет и пол години (1911-1924) за Тодор Александров, за ВМРО и за Македонија, но за тоа во некоја друга прилика.
Тодор Александров е еден од ретките македонски дејци кој, уште додека е жив, си обезбеди најголем авторитет во организацијата и за време на својот живот стана жива легенда.
Според еден од најголемите идеолози на организацијата, проф. Никола Милев, тоа место Александров си го извојувал со своите лични квалитети: упорна воља, цврст карактер и прониклив ум, ставен во целосна служба на еден голем народен идеал: ослободувањето на Македонија.
Појавата на Тодор Александров во македонското револуционерно движење ја забележал Даме Груев. Часови пред неговото последно заминување во Македонија, во декември 1906 година тој на еден свој соборец му рекол:”Во редовите на организацијата влегуваат нови, свежи сили, кои ќе ги надминат своите учители. Меѓу многуте, ќе го споменам името на само еден од нив: тој е Тодор Александров-слабото даскалче. Навидум никој не би се посомневал дека во таа женствена надворешност се крие револуционер по душа, одличен организатор со цврст карактер и челична воља. Скромен, разумен и тактичен, познавајќи ја одблизу народната душа и болка, тој доминира над народните маси. Строг, пред себе си, тој е роден за народен водач. На него се полагаат големи надежи од сите наши пријатели; да се надеваме дека ќе закрепне физички и дека нема да се потроши предвреме, зашто е смел до безумие. Големата желба кај мене да си ги видам пријателите ми претскажува дека јас ќе заминам за да не се видиме повеќе. Но, запомнете ми ги зборовите, дека ако тоа момче закрепне, ќе биде голем човек” (Дамјан Груев, “Спомени”Цочо Билјарски).
На околу еден месец пред неговото убиство, на 26 јули 1924 година, Тодор Александров во едно писмо до Иван Михајлов, негов секретар, се осврнува на овие зборови за него од Дамјан Груев:
“Македонија навистина има дадено големи великани, ништо сме ние во споредба со нив?!. Кога ги читам спомените на Коцето за Даме Груев и си помислувам што би бил тој денес, да беше жив и да го имаше искуството на 30-годишната борба, со силниот пргав ум, со својата голема активност и смелост, со своите ораторски и организаторски таленти, со својата железна воља, со силната енергија и со префинетиот психолошки усет?!…Пред еден великан каков што е Груев, јас ја чуствувам својата ништожност, стојам мирно и се поклонувам пред неговиот спомен и се срамам од изнасилените преувеличени процени за мојата досегашна дејност, особено за некакви мои “големи” способности и квалитети, какви што всушност не поседувам. Човек со просечен ум, но донекаде со силна воља и со навика да се посветам и да извршувам најсовесно и докрај едно славно дело, во чија што исправност и корисност сум се убедил, јас можев со огромни надчовечки напори да сторам нешто за воздигање на македонското име, поради недостиг на дејци подготвени од мене за нашите тешки услови за борба. Но колку многу ми недостига за местото што го заземам, јас најмногу сваќам и чуствувам”.
За многубројните пофалби кои доаѓале од сите страни како “најголем човек на Македонија” во писмо до неговиот пријател П. Стаматов, од 20 јуни 1924 ќе напише:
“Македонија во минатото даде великани, имиња кои ги изговара е со смирена благонаклоност и со страхопочит. Македонија и сега создава големи по душа и неповторливи маченици и херои, подготвени за самопожртвување, пред споменот или ликот на кои им симнуваме капа. Ако Македонија немаше создадено голем број гордо и скромни маченици, никому непознати, храбри луѓе, при многубројните непријатели кои ја опкружуваат, одамна би престанала да постои и како морална сила и како географски поим. Јас лично, со своите слаби сили и способности, не сум направил ништо повеќе од совесно исполнување на долгот кон распарчената и поробена борбена татковина -Македонија. Функцијата, инаку, ми помогна да работам во моментот со капитал, создаден од сите творци на македонската епопеја и да ги преставувам, засега идеализмот, моралната сила и цврстината на борбена Македонија. Драгоцените квалитети (и дарби) на Македонија се залог за сигурноста и за брзо извојување на независноста на Македонија, а не способностите на малкутемина водачи”.
Георги Димитров, негов идеен противник и лидер на Бугарската комунистичка партија, веднаш по неговото убиство, го кажува својот став за Александров:
“Негаторскиот однос кон Тодор Александров како бугарски националист, македонски предавник, главорез, бандит и сл., јас го сметам за апсолутно погрешен, политички нецелесообразен и крајно штетен”.
Еден од неговите најблиски соработници Ангел Узунов, во своите спомени запишал:
“…Беше роден за водач и организатор на револуционерното движење-чесен, пожртвуван, комуникативен, цврст, доследен, бескомпромисен кон себеси и кон другите…Неговото најсилно оружје е неговиот личен пример. Против него неможеа да издржат ни најнедисциплинираните војводи, четници и сл.или поточно кажано тие што пројавуваа лични сваќања… Тоа што го бараше да го направат другите-најпрвин го правеше тој. Според него, револуционерот во својот живот требаше да биде аскет-и тој беше таков. Од сите бараше работа-тој самиот работеше деноноќно, независно од тоа во какви услови се наоѓаше и во каква здравствена состојба беше….Александров-како водач на ВМРО-се истакнуваше пред се со својата морална чистота, доследност и посветеност на политичката линија усвоена од ВМРО…Беше умешен во изборот на средствата за борба, немаше скриени намери-директно ги напаѓаше непријатлите на Организацијата. Тоа го правеше да биде нејзин целосен господар”.
Неговиот личен секретар Иван Михајлов неколку години по убиството на Александров, запишал:
“…колку што беше страшен при зададениот удар, толку беше загадочен и страшен при изборот на маневарот, заобиколувајќи го непријателот оддалеку…тој секогаш беше оптимист, фанатично веруваше во успехот на Делото…Духот на македонската револуција Тодор го познаваше од основа, а самиот тој беше негово олицетворение”.
Историчарот Д-р Зоран Тодоровски во монографијата за Тодор Александров од 2014 подвлекува:
“во дводецениската револуционерна и лидерска дејност името на Тодор Александров стана “синоним” на ВМРО и главен “организатор и душа” на Организацијата. Едни го нарекуваа “генијален водач” , “најголем воин на Балканот”, “фанатичен патриот” , “најсилна пројава на борбениот македонски дух”, “последен мохиканец на Балканот”, “Робин Худ на Балканот”, “Исус на Балканот”, “голем Апостол” и “легенда” на ВМРО, додека за други беше: “предавник на македонското дело”, “родоотпадник”,” врховист”, “главорез” и сл. И покрај се, во народните песни остана опејуван како “единствен борец за слобода на Македонија”. Неговата фотографија на прославите и свеченосите на македонските емигрантски и организации и братства во Бугарија во меѓувоениот период, секогаш го завземаше централното место, како неизбежна иконографија, далеку пославен и од Гоце Делчев.
По наредба на Тодор Александров се убиваа министри, партиски лидери и политички противници на ВМРО, се заплашуваа со смрт кралеви и претседатели на влади, се ослободуваа и окупираа градови и села. Во својата политичка програма за слободата на Македонија, Александров соработуваше со крајни реакционерни-буржоаски до прогресивно комунистички движења и партии и секогаш диктираше и поставуваше свои услови и барања. За ваквите негови политички маневрирања, а во услуга на македонското ослободително дело, Благој Видов, активист на ВМРО (Обединета), идеен противник на Александров во своите ракописни матерјали ќе забележи: “Многу обвинувања можат да му се припишат на Тодор Александров, но во едно треба да се согласиме, дека, сепак, бил искрен и доследен во стремежот да биде полезен за Македонија и за македонското дело. Дури и да го прифатиме тврдењето дека Тодор Александров бил агент на германската разузнавачка служба во Првата светска војна, ќе треба да се согласиме дека тој тоа го вршел не од корист, туку од вербата дека со помош на Германците ќе се добие слободата на Македонија. Не бил поттикнат од корист и тогаш кога ќе реши да ги потпише виенските протоколи. Неговиот потпис врз манифестот и протоколите беше само стратегија и тактика, сметајќи дека тоа ќе биде во услуга на делото за слободна Македонија.
Др Зоран Тодоровски понатаму потенцира:
“Тодор Александров е еден од ретките македонски револуционери кој, без да биде објективно и документарно истражен и валоризиран, беше бесрамно анатемисан и свесно идеолошки распнат и долго време беше држен под ембарго од повоените балкански комунистички историографии. Неговата улога во македонското револуционерно движење и македонската историографија беше оцрнета одамна. Нашите “ангажирани” историчари, кои го држеа монополот на историската вистина, не дозволуваа да се изврши преотценување на нивните партиски и идеолошки сознанија и оцени за личноста и делото на Александров, и покрај тоа што неговото политичко поведение по првата светска војна беше на македонски државни и политички позиции…. Претчуствувајки ја таквата историска судбина, Тодор Александров во писмото до Наум Томалевски во 1923 година резигнирано ќе напише: “Историјата се повторува, но длабоко верувам дека ќе се најдат родољубци да го запрат одењето удулу, за да се насочиме сите угоре и напред!”
А во отвореното писмо до претседателот на бугарската влада, Александар Стамболиски, од 17 мај 1923 година, Тодор Александров визионерски ќе предупреди:
“ Вистината е поголема и од светлината, но кој може и сака да ја види”.