4 C
Ohrid
понеделник, декември 23, 2024
ПочетнаМакедонијаГазели, антилопи, зебри, жирафи, галопирале низ Тиквешко во минатото

Газели, антилопи, зебри, жирафи, галопирале низ Тиквешко во минатото

spot_img

Газели, антилопи, зебри, жирафи, егзотични животни галопирале низ Тиквешко во минатото. Ова го покажуваат палеонтолошките истражувања за животот од пред милиони години во Неготинско.

Екипа од научници открива нови наоѓалишта од кои се вадат фосилни коски, кои сведочат за животот некогаш. МИА деновиве беше на терен и поразговара со стручните лица од природонаучните музеи од Скопје и Софија, кои внимателно и со многу љубов истражуваа над селото Долни Дисан.

Тука живееле претци на денешните Африкански слонови и носорози

Откако пред повеќе години во Неготинско биле пронајдени кљови или бивници од слон што пред милиони години живеел во Тиквешко, а се засега најголеми во Европа, а пред четири години беа колекционирани фосилни фрагменти од коњи со три прсти и козорог, во текот на септември годинава кај Долни Дисан беа откопани млечни заби од младо животно слон и други интересни пронајдоци.

-Се што е досега откопано од овој крај говори дека во најлозаро-винарски регион на државата некогаш живееле предци на животни кои се денес карактеристика на Африка. Се очекува и овие пронајдоци да бидат дел од идна специјална палеонтолошка поставка во рамките на неготинскиот музеј, со што на туристите кои го посетуваат регионот, освен вински туризам и археологија, историја и етнологија, ќе им се понуди и биологија. Би било тоа голема атракција за туристите бидејќи во светот постои интерес за ваков вид туризам и посета на музеи со палеонтолошки поставки. Дека подрачјето е интересно и недоистражено, докажува и фактот што веќе неколку години влегува во годишните програми за истражување на Природонаучниот музеј од Скопје, рече Билјана Гаревска, магистер по палеонтологија, вработена во Музејот. Таа е раководител на проектот поддржан од Министерството за култура.

Гаревска потсети дека станува збор за миоценска фауна која е стара милиони години.

-Се нарекува пикермиска фауна, живеела во минатото кога тука имало езерски басени и степска фауна, саванска фауна која денес е автентична за Африка. Станува збор за носорози, слонови, жирафи, доста богата фауна. Тоа значи дека овде некогаш живееле тие праисториски видови животни. Станува збор за предци на денешните слонови, кои живеат во Африка, Азија и предци на денешните носорози, нагласи таа.

Материјалот традиционално има детална детерминација по што се публикува. Климатските промени го земаат данокот Преку една палеонтолошка поставка во неготинскиот музеј во иднина, посетителите ќе се запознаваат со тоа каква била еволуцијата и како настанувале промените на ова тло.

-Оваа фауна е всушност доказ дека копното со Афика било споено и дека фауната без никаков проблем функционирала тука. Меѓутоа, поради климатски услови и поради одвојување на копната фауната тука изумрела а се уште живее на африканското копно, потсети мојата соговорничка.

Фауната која се ископува е многу постара од еволуцијата на човекот, така што досега не се пронајдени никакви човечки артефакти.

-Оваа фауна што ја ископуваме единствено ни покажува каква била климата во минатото. Имало савански живот. Постоеле скопски, тиквешки, велешки езерски басен, а животот најмногу се разивал покрај вода. Остатоците обично секогаш ги наоѓаме на онаа како што велиме, прва речна тераса, таму изумирале. Хипотезата која што е за изумирањето на овие видови, е дека поради неповолни климатски услови и недостаток на храна, но и можни пожари, барајќи го спасот кон водата, тие се давеле. Или можеби поплави. Затоа најчесто овие животни ги наоѓаме покрај поранешните водни басени, категорична беше младата жена палеонтолог.

Пронајдени остатоци од младо слонче бебе

Со многу љубов и трпение, копаат полека со разни алати меѓу кои копачи, чекани и што ли уште не. Па со мало четкиче подзаметуваа, за да откријат со многу возбуда и исчекување, што тоа се крие под слоевите земја на ритчето.

-Тука има една голема ризница на фосили. Од истата причина произлегува и нашата голема заинтересираност за локалитетот, како и заинтересираноста на нашите колеги палеонтолози од Природонаучниот музеј од Софија. Ние постојано откриваме видови кои веќе и ги знаеме. Меѓутоа вообичаено има и нови видови кои треба и дополнително да се детерминираат. Предизвикот е голем од причина што претходно најдовме фрагменти од еден вид кој не е нов за светската наука, но е нов за македонската наука, специфичен по својата градба на бивните на долната вилица. Тука предизвикот станува поголем, бидејќи на еден ист локалитет се наоѓаат повеќе различни видови фосилни слонови, рече Гаревска.

Поради нивното постоење, додаде, може да се одреди и староста на локалитетот.

-Најново во моментов е фосилен мастодонт јувениле, младо слонче, затоа го нарековме бебе, светска реткост, нагласи таа.

Очекува и нови материјали од нови видови во иднина. Тоа е, рече, целта.- Тука е многу интересно. Голема е провокацијата да се најде поголема колекција на тие примати кои тука живееле, многу е мал тој колекциониран материјал. Голема провокација за секој палеонтолог да пронајде уште, но и нешто ново, секако, призна таа.

Долни Дисан одамна ми е во срцето

Професор доктор Николај Спасов од Националниот Природонаучен музеј при Бугарската академија на науките и уметностите во Софија, Бугарија, ми раскажа дека за прв пат дошол во Долни Дисан пред 20 години.

-Тогаш првпат ја посетив и палеонтолошката колекција на Природонаучниот музеј на Македонија. Тогаш видов дека тоа што беше го собрал професорот Ристо Гаревски е исклучително интересно за палеонтолошката наука. И тоа не само за Македонија, туку и за светот воопшто. Започнавме малку по малку работа, работевме години со ред, собравме колекција и подготвивме палеонтолошка монографија. Се гордеам со таа монографија. Затоа што во неа се опишани уникатни нешта од светот на палеонтологијата. Од времето кога Балканот имал фауна блиска на денешната африканска саванска фауна. Во овој регион има многу фосилни коски. Долни Дисан навистина е едно од најбогатите палеонтолошки наоѓалишта во Македонија и едно од најбогатите на Балканот воопшто. Што и да пронајдеме, е исклучително интересно. Како на пример сегашниот пронајдок, млечните заби на еден древен мастодонт, кои се наоѓаат многу малку и по нив може да се работи на еволуцијата на тие видови и родови. Ние се надеваме дека тука ќе успееме да пронајдеме, порано или подоцна, значајни пронајдоци за животни кои му претходеле на човештвото. Како и да е, Долни Дисан одамна ми е во срцето со прекрасната природа, прекрасните луѓе со кои се запознавме тука и со интересната работа. Се надевам дека уште многу години ќе имаме вака интересна работа, рече Спасов.

Прашина, како во пустина

Долни Дисан е оддалечено седум километри од градот Неготино. До него води асфалтиран пат. Селото е поврзано и со Кавадарци со земјен шумски пат и од многу одамна тиквешани сонуваат за асфалтирање на овој пат, кој би ги олеснил комуникацијата и транспортот на земјоделските производи во овој крај. До локалитетот на која работат истражувачите се стигнува пеш два километри по земјен пат, покриен со огромни пластови прашина. Наоколу, познатите дисански лозја, натоварени со грозје. Марјан Нојков и Васо Ташев и нивните фамилии, се мештаните кои помагаат на истражувачите во лоцирање на локалитетите на кои би можело да има нешто интересно од палеонтолошка гледна точка. Гаревска упати голема благодарност до нив и останатите жители од селото за соработката со музејот и пред се за нивните дојави, бидејќи како што нагласи, само така може да се заштити природното национално богатсво.

-Во околината на Долни Дисан се наоѓа најголемото наоѓалиште, ризница на оваа фауна. Откриени се фосили од пет вида на мастодонти, претходници на денешните слонови. Стари повеќе од десет милиони години. Фосилите кои ги пронаоѓам најчесто се наоѓаат во глинеста почва затоа што глината е водонепропустлива и коската во таа глина со време се фосилизира и истата се скаменува. Во пролетните или есенските месеци се случува да има обилни врнежи од дожд, поројни. Од тие дождови понекогаш на места се носи земјата и се откриваат делови од тие подземни фосили. Овие фосилни пронајдоци се од големо значење за научниот свет и ја сместуваат нашата држава високо на палеонтолошката мапа во Европа и светот. Досега имам пронајдено неколку локалитети во месноста Змијовец, секогаш кога ќе најдам фосили им се јавувам во музејот. Тие доаѓаат, ги откопуваат и ги носат на понатамошни истражувања, рече Нојков.

Можности за палеонтолошки парк среде лозја

-Апсолутно може да се прави палеонтолошки туризам, своевиден палеонтолошки парк. Целта на нашето работење тука е да изготвам елаборат, донекаде веќе и ми е напишан, сега да не ги откривам сите тајни, треба да се доработи и ќе се даде како предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, па се надеваме дека во брзо време сето тоа ќе биде усвоено. Што носи тоа. Тоа носи дека при евентуално прогласување на Дисан за локалитет со природни реткости, општината ќе има една обврска што воопшто не е голема и воопшто не е финансиски скапа. Ќе треба да постави табли со патокази кои ќе ги изготви заедно со нас како музеј, на кои ќе бидат информации и фотографии од фосилните видови со латинските имиња ископани на одредено место. Мислам дека со десетина такви табли би можело да го покриеме регионот. Сепак е тоа доста возбудливо за туристите. Пред се за авантуристички туристи да речеме бајкерите кои обожаваат да возат по вакви патеки помеѓу лозјата. И зошто да не направат една пазуа и да видат какво богатство крие македонското тло. Со чаша вино, дисанска ракија, да видат какви животни имало некогаш, децидна беше Гаревска.

Љубовта кон палеонтологијата наследство од дедо и

Љубовта кон палеонтологијата, Гаревска ја наследила од дедо и кој бил палеонтолог и професор на Рударско геолошкиот факултет во Штип.

-Откако паметам за себе, со восхит го слушав како и сите други, со огромна љубов зборуваше за професијата. Знаеше тоа да го раскаже описно и атрактивно што секој би се заљубил во науката. Кога се запишав да студирам биологија при Природно математичкиот факултет во Скопје, почнав да одам со него на терен, откри таа.

Се шегувавме малку дека спротивно на онаа народната од минатото, “учи сине да не копаш”, еве дури и луѓето кои се посветуваат на наука сепак мораат да копаат и да трагаат по тајните кои ги сокрило времето. Таа додаде дека љубовта кон науката секогаш мора да има и жртва, а понекогаш од љубов кон професијата се копа и тоа како. Па дури и на пеколни горештини./МИА.

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Тик Ток веднаш изреагира за забраната: Во Албанија одлучуваат Албанците, вели Еди Рама !!

По информациите дека кинеската интернет компанија БајтДенс, во чија сопственост е платформата Тик Ток, ќе побара „итно појаснување од албанската влада“ во врска со...

Горан Пандев назначен за спортски директор на македонските репрезентации

Македонската фудбалска легенда, Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите македонски репрезентативни селекции. - Илија Најдоски, еден од великаните на македонскиот фудбал, заедно со...

Баба од Скопје го тепала внукот со тврд предмет.

Во полициска станица во Скопје од 25-годишна жена било пријавено дека во семејниот дом кој се наоѓал на подрачјето на Бит Пазар нејзинот малолетен...

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид Вчера (21.12.2024 ) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид и волонтерите од Црвениот...