12 C
Ohrid
петок, мај 7, 2021
Почетна Македонија Малкумина знаат дека телото на битолчанецот Димитар Муратот повеќе од 30 години...

Малкумина знаат дека телото на битолчанецот Димитар Муратот повеќе од 30 години седи замрзнато на Хималаите на 8.200 метри надморска висoчина..

Translate (Eng):[gtranslate]

Австрискиот алпинист Курт Стив го видел смрзнатото тело на Илиевски на височина од 8.200 метри на само 300 метри оддалечен од базниот логор каде го чекале другарите

Пишува: Миодраг Мицковиќ ЕкипаМк

Изминаа 31 годинa од еден од најголемите подвизи на македонскиот спорт, освојувањето на највисокиот врв на светот-Монт Еверест на Хималаите, висок 8.884 метри, сон на секој алпинист во светот, бела и вечна гробница на многумина храбри алпинисти, кои својата преголема желба да се искачат на „покривот“ на светот ја платија со највисоката цена, со својот живот. Меѓу нив е и еден од најдобрите алпинисти во нашата држава, битолчанецот Димитар Илиевски-Мурато, кој остана засекогаш во тие бели снежни и смртоносни пространства под Мон Еверест, под мистериозни околности бидејќи никогаш нема да дознаеме што се има случено на тој пат од врвот кон базниот логор каде пресреќни, поради големиот подвиг, со голема радост го очекуваа неговите другари од експедиција. Го чекаа, за жал никогаш не го дочекаа.

РЕКЛАМА

Полни триесет години се зад нас, години на големата тајна на едно единствено прашање на кое никој немаше одговор, што се случи со Димитар Илиевски при неговото враќање од врвот, како загина и како исчезна во тие бели беспаќа, каде еден погрешен потег, една погрешна стапка може да биде трагична.

Во првото продолжение пишувавме за оваа трагедија, слушнавме и напишавме за многу претпоставки што се има случено со Димитар Илиевски. Што понатаму и да напишеме, ќе биде само повторување бидејќи само Димитар Илиевски ја знае правата вистина.

Сигурно многуте наши читатели ќе ги интересира дали е пронајдено телото на Илиевски, дали некој го има видено на тие преголеми височини од членовите на другите експедиции.

Првата информација за пронаоѓањето на смрзнатото тело на Илиевски ја лансираше американскиот алпинист Скот Фишер кој се има четири пати искачено на Монт Еверест. Тој на враќањето од Катманду, во авионот во кој бил и Стипе Божиќ му раскажал дека го видел телото на Илиевски на височина од 8.200 метри. Тоа се случило пет дена по подвигот на Илиевски, Фишер знаел за трагедијата на македонскиот алпинист.

-Мислев дека човекот е жив, беше паднат со лицето во снегот. Беше замрзнат, но сигурно не долго време. Често престојував на Хималаите и имам видено многу смрзнати тела на тие височини, така што знам дали телото е долго во снегот или не. Поради големата брада, и навлечената капа на главата, не му го видов лицето, но сигурен сум дека не беше шерпас, туку белец. Колку телото беше свежо, го „продрмав“ за да го разбудам. Потоа видов дека е мртов.

Приказната што Фишер му ја раскажал на Божиќ кој заедно со Илиевски го освоил Монт Еверест ја објавија сите тогашни југословенски весници, но според описот на облеката на тоа смрзнато тело, не беше тоа Димитар Илиевски што го видел Фишер туку телото на еден од петте алпинисти од тогашната Чехословачка кои загинале неколку месеци пред тоа во една голема снежна бура.

Телото на Димитар Илиевски беше пронајдено на височина од 8.200 метри на само околу 300 метри од последниот базен логор каде што го чекале Божиќ, Грошељ и Јочевски. На 19 мај, девет дена од трагедијата на Илиевски австрискиот алпинист Курт Стив, враќајки се од неуспешниот обид да го освои Монт Еверест поради екстремно лошо време, минал покрај телото на Илиевски. Добро го познавал, бидејќи заедно минале една недела во вториот базен логор и заеднол се искачувале за да го постават третиот базен логор на височина од 7.300 метри за да се аклиматизираат на тие височини. Го имаше фотографирано телото на смрзнатиот Илиевски што јасно покажуваше дека не згрешил.

– Сигурно заспал, беше наведнат на левата страна, со маска со кислород на лицето, со очила. Немаше траги од повреда, им раскажуваше Курт Стив на Димитар Тодоровски и Страшо Лозановски, кои последни чекале слободен термин да се вратат во Македонија. Смрзнатото тело на Илиевски подоцна го има виденио и шерпасот Сонам кој бил заедно со Илиевски на врвот, при неговите наредни експедиции, но многу пониско од местото каде што го има видено Стив. Тоа не е ништо чудно бидејќи, поради силниот ветер и лавините, телата на загинатите алпинисти се „движат“ и се претпоставува дека телото на Илиевски се наоѓа сега некаде на околу 6.800 метри.

Кога Курт Стив го видел смрзнатото тело на Димитар Илиевски на бисочина од 8.200 метри, тој бил оддалечен само 300 метри од базниот логор. „Слаткиот„ сон беше побрз од спасот. Колку малку требаше да се избегне оваа трагедија.

Имаше иницијатива, едно време се подготвуваше една експедиција да го симне телото на Илиевски до височина од 4.800 метри каде се спалуваат сите симнати пронајдени смрзнати тела од целиот свет, а потоа доколку се идентификуваат, урните со нивната пепел се испраќаат до семејствата. Но сето тоа беше само иницијатива, бидејќи за ова се потребни големи средства. Згора на тоа е потребна и дозвола од владата на Непал на која се чека мошне долго.

Иако остана засекогаш замрзнат во тие бели опасни беспаќа на големите височини на Хималаите каде и птиците не летаат, еден од нашите најдобри алпинисти Димитар Илиевски-Мурато, првиот освојувач на највисокиот врв на светот Монт Еверест од Македонија, сепак не е заборавен, ниту пак некогаш ќе биде заборавен неговиот подвиг. Во спомен на него и на овој алпинистички потфат тука некаде на половина пат до Монт Еверест е поставена спомен плоча, на која е изгравирано неговото име и датата на освојувањето на Монт Еверест.

По трагичната смрт на Илиевски постоеше голема желба неговото тело да биде симнато до глечерот Кунгу, каде се спалуваат сите пронајдени алпинисти кои останаа замрзнати на тие хималајски беспаќа, бидејќи непалските власти не дозволуваат телата да се транспортираат до Катманду.

Меѓутоа таа желба и обид пропадна бидејќи беа потребни огромни средства, за да се ангажира покрај нашата и непалска експедиција составена од искусни шерпаси, да се исчисти теренот до местото каде се претпостсавуваше дека се наоѓа телото на Илиевски, потоа и со години се чека дозвола од непалската влада која чини околу 70.000 долари.

Но сепак од средствата што ги има обезбедено Македонскиот Олимписки Комитет, една група на алпинисти од Македонија, предводена од водачот на експедицијата кога беше освоен Монт Еверест Јове Поповски, 2007 година, тука под Монт Еверест кај глечерот Кунгу со поглед кон него, поставија спомен плоча во чест на Димитар Илиевски-Мурато, на местото каде што се поставени голем број спомен плочи на загинатите алпинисти од целиот свет, наречени хималајските споменици на вечноста.

-Спомен плочата е поставена и изгравирана на еден голем камен блок, на едно од највидните места на глечерот Кунгу, ни раскажуваше тогаш водачот на експедицијата Поповски. Тука покрај спомен плочата минува патот кон највисокиот врв на светот, покрај тие споменици се поклонуваат сите алпинисти кои се обидуваат да го освојат Монт Еверест. Тука е вечноста на светските алпинисти бидејќи според една статистика, секој дваесетти освојувач на Монт Еверест останува вечно во неговите прегратки.

На плочата јасно пишува: Во спомен на нашиот член Димитар Илиевски-Мурато кој се искачи на Сагармата (така непалците го викаат Монт Еверест) на 10 мај 1989 година, но загина при спуштањето од врвот.

Интересно е да се напише дека кај глечерот Кунгу има споменици и на познати шерпаси, и на алпинисти што го освоиле врвот и на тие што не успеале да стигнат до него. Тука се спалуваат и телата на загинати и симнати од височините алпинисти. Доколку се утврди нивниот иденитет, урните со пепелта се праќаат на семејствата. На Монт Еверест, како света планина, според традицијата на непалците, не смее да се пали оган со хартија на височина од над 4.950 метри. Дури ниту едно гранче. Тоа го почитуваат сите, бидејќи според верувањето на непалците тоа ќе предизвика голема несреќа и лошо време.

Од големиот подвиг на Димитар Илиевски, Стипе Божиќ и Виктор Грошељ на највисокиот врв на светот постои само една фотографија и тоа токму на Димитар Илиевски, но многу нејасна. Кога Божиќ и Илиевски се нашле сами на врвот,се разбира сакале да направат неколку фотографии со своите апарати, но тие не реагирале. И двата апарати биле смрзнати од ниската температура од минус 40 степени. Сите обиди подоцна да се стопли апаратот на Божиќ, подоцна и на Грошељ не вродиле со плод. Истото се случило и со апартот на Виктор Грошељ кој стигнал подоцна на врвот. За среќа имал и една рачна камера со федер, која се обидел да ја активира снимајќи го Илиевски на врвот. Во тоа некако успеал, направил само 3 -4 снимки од кои едната била успешна но доста матна. И тоа е цел материјал од врвот. Апаратот на Илиевски останал заедно со него во белата гробница под Монт Еверест.

Еве ги и имињата на македонската експедиција на Монт Еверест 1989 година: Јован Поповски, водач на експедицијата, Борче Јовчевски, Серафим Серафимовски, Ѓорѓи Костовски, Страшо Лозановски, Димитар Тодоровски, Слободан Ѓорѓевиќ, Владимир Андреевски, Румен Ќамилов, како и докторите Горазд Росоклија и Владимир Бошков. На нашата експедиција се приклучија и Стипе Божиќ и Виктор Грошељ.

За повеќе детали може да кликнете на :ЕкипаМк

- Реклами -