16.5 C
Ohrid
недела, мај 16, 2021
Почетна Македонија Владимир Ѓорчев: Татко ми е во кома и се бори за својот...

Владимир Ѓорчев: Татко ми е во кома и се бори за својот живот откако се вакцинираше во Ниш, тој е човек со 3 бајпаса и 3 стента…

Translate (Eng):[gtranslate]

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев информираше дека неговиот татко е во длабока кома и се бори за живот на респиратор во Ниш. Тој на својот Фејсбук профил напиша:

Мојот татко Проф. Др. Анѓелко Ѓорчев е во длабока кома и се бори за животот на респиратор.

Се надеваме и се молиме да му се подобри состојбата. Да отвори очи и да го преживее ова. Повторно да ги види своите деца и внуци.

РЕКЛАМА

Денес ми се јавија повеќе новинари со повеќе прашања, но не можев веднаш да кренам, како и голем број на негови роднини, пријатели и познаници.

Вчера рано наутро (недела) тргнал за Ниш да се вакцинира, затоа што неговата сакана Македонија тотално потфрли со вакцините. Појде на вакцинација заедно со неколку негови колеги доктори.

Стар човек (роден 1948 година), со 3 бајпаса и 3 стента. Отиде за Ниш, затоа што цела година беше дома. Речиси без излегување, со минимум, минимум социјални контакти поради ковид кризата.

Татко ми има 72 години, а цели 45 години е доктор. Лечеше ИЛЈАДНИЦИ и ИЛЈАДНИЦИ луѓе на Клиниката за пулмологија во клиничкиот ценатр во Скопје.

Спасуваше и спасува животи. Има пациенти од СЕКОЈ град речиси секое село. Низ цела Македонија, која толку многу ја сака. Да, силно ја сака Македонија и секогаш ќе ја сака со целото свое срце и битие.

И, после 45 години стаж во лечење и медицина, власта во неговата сакана Македонија НЕ му обезбеди 1 (една) обична вакцина. Не обезбедија вакцини речиси за никого.

Македонија немаше вакцина за старите луѓе со нарушено здравје. Тој е лекар, пулмолог, интернист, професор што предаваше на студенти, човек што лечи луѓе, сеуште активен доктор, со 45 години лекарски стаж, со слабо срце.

Не е само татко ми, туку НЕМА вакцини за илјадници други. Ниту за старите, ниту за медицинските работници. Поради овој дебакл, фијаско и катастрофа.

За вакцинацијата сметам дека треба да продложи и дека тоа е начинот да се заштити јавното здравје.

Инаку, Проф. Др. Ангелко Ѓорчев, сеуште прегледува пациенти, со намален и повремен ангажман. На возраст од 72 години, како сеуште активен лекар, со 3 бајпаса и 3 стента, беше на некоја забаталена листа на чекање за вакцинација, која со месеци, месеци и месеци ја чекаше.

Затоа отиде во Ниш заедно со неколку колеги доктори. Мислам дека отиде од револт, но и желба за имунизација, сакајќи повторно да се дружи со внуците и пријателите. Отиде без да ми каже, без да ми најави, а знам дека со месеци чекаше да се вакцинира во Скопје.

Да бевме елементарно нормална држава, старите луѓе ќе беа вакцинирани уште пред неколку месеци.

Кратко откако ја примил вакцината, му се слошило и загубил свест. Го реанимирале на лице место, па го однеле со брза помош на кардиологија, а од денес е на интензивна нега во новиот клинички центар во Ниш.Не знаеме колку долго не можел да дише. Не знаеме во која мерка му е оштетен мозокот поради немање на кислород. Сега е на респиратор, во кома.

Не знаеме сеуште дали се работи за инфаркт, анафилактичен шок, за редок шок предизвикан од реакција на вакцината, за комбинација од фактори или нешто трето. Сега е најважно да преживее.

А ние? Нашиот народ? Како бегалци, се оди по соседните земји да се добие вакцина, да се добие здравје. По спортски сали, по паркинзи, по гранични премини. Буквално како бегалци.

Бегалци од една неспособност и фијаско. Бегалци од еден систем што тотално и целосно потфрли.

Со најмногу заразени, со најголема смртност и со најмаллу вакцини. Се умира низ цела Македонија. Со 30 погреби дневно, со 30 загубени луѓе секој ден.

Стоиме по болнички ходници и чекаме некоја вест за нашите родители. Чекаме докторите да ни кажат дали родителите ни се живи, дали уште дишат.

Плачеме навечер, гледаме стари фотографии со стегната душа и чекаме дали нашите родители повторно ќе отворат очи.

Голема благодарност до докторите и медиционскиот персонал на Клиничкиот центар во Ниш. Им благодарам за грижата за мојот татко, за помошта и третманот кон него.

Благодарност до сите негови пријатели и пациенти што се јавуваат да прашаат како е. Се извинувам што не можам поединечно да им одговорам на сите.

Тато, држи се. Ти си борец. Не се давај.

Сите те сакаме, напиша Ѓорчев на Фејсбук.

- Реклами -