Кој е Христо Кондовски, сигурната карта на СДСМ за локалните избори во Битола?
Христо Кондовски е млад бизнисмен ,фамилијарен човек, татко на три деца , кој го започнува својот работен ангажман веднаш по дипломирањето во врвот на својата класа на Економскиотфакултет–Прилеп при Универзитетот „Св. КлиментОхридски“ Битола. Со титулата магистер се стекнува на Универзитетот заТуризам и Менаџмент во Скопје (2010-2012), a образованието го продолжува на докторски студии на отсекот – осигурување при Битолскиот универзитет на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Првиот работен ангажман Кондовски го имал како агент за осигурување во осигурителното друштво “Вардар осигурување” (подоцна Триглав Осигурување) Скопје, каде метриката на неговиот учинок веднаш го позиционира како најуспешен осигурителен агент, именуван за Главен агент за големи клиенти.
Веќе докажаниот осигурителен професионалец во 2014 година заедно со бизнисменот Зоран Пејчиновски, во соработка со веќе афирмирани деловни луѓе од земјава го основа денес најголемото осигурително брокерско друштво во државата, СН Осигурителен брокер АД Битола. Тој, всушност, е моторот за развојната компонента на друштвото, кој врз себе ја презел и обврската за следење и унапредување на човечките ресурси.
Во еден наврат Кондовски ќе изјави, дека можеби е необично за еден извршен директор, но неговиот личен телефонски број е во именикот на секого од скоро петстотини непосредни, но и посредни вработени и соработници ширум земјава. За цело време тој е отворен и достапен за досегашните околу 80.000 клиенти во базата на „СН Брокер“, од кои 40.000 се во Општина Битола.
Во 2017 година своето искуство, знаење и неуморен претприемачки креативен дух ги имплементира како косопственик на групацијата „СН“ што ја сочинуваат повеќе правни лица со различен профил на работа. Од 2020 година се фаќа во костец со нов предизвик како коосновач и сопственик на Друштвото за управување со инвестициски фондови „СНИФ“ ДОО Битола.
Капацитетите на овој претставник на новата бизнис генерација во Битола се препознаени и од деловни професионалци од целиот свет. Во 2019 година тој се вбројува во добитниците на меѓународната награда “40 највлијателни и најуспешни бизнис лидери под 40 години” (”Business elite’s 40 under 40) за Југоисточна Европа.
Од март 2021 година со одлука на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство станува член на работната група за воспоставување на концепт за развој на земјоделски осигурителен пул, несебично ставајќи се на располагање на државата со своите стручни капацитети. Добитник е и на признанието на земјоделската платформа Агротим „Најуспешни во областа на земјоделството за 2021“.
Освен во развојот на осигурувањето, како исклучително значаен облик за управување со ризик, Кондовски активно придонесува за подобрување на условите за работа и живот на различни целни групи преку членувањето во Ротари клубот. Од 2015 година тој е и член на Управниот Одбор и бил дел од многубројни активности за поддршка на различни категории граѓани и институции.
За неговото изострено чувство за општествена одговорност најдобро зборува фактот што одсекогаш ја препознавал неопходноста од брзо и ефикасно помагање во заедницата. Најдобар пример за тоа е што „СН Групацијата“ имаше значаен удел во поддршката на вакциналните пунктови и процесот на имунизација во Битола и Охрид во најтешките денови предизвикани од ковид пандемијата.Кондовски и неговата „СН Осигурителен Брокер“, се појавуваат и како најголеми поединачни донатори на Медицински Центри за време на пандемијата со ковид 19,
Тој е голем поддржувач на образованието, културата и спортот, каде досега се реализирани бројни донации. Паралелно со доделувањето на спонзорството од половина милион денари, тој поведe иницијатива за „реанимирање“ на најголемата битолска спортска гордост, ФК Пелистер.
Токму поради сето ова многумина прават паралела помеѓу Кондовски и Јанковиќ, очекувајќи од него градоначалник кој испорачува резултати, бидејќи со резултати веќе се докажал во бизнис секторот.
Со импозантен бекграунд на докажан и успешен менаџер, сега како кандидат за градоначалник на Општина Битола од СДСМ и коалицијата, Кондовски веќе порача дека сите свои знаења, вештини, способности и контакти ќе ги стави во функција на локалната самоуправа со цел Битола да продолжи по патот на развојот и просперитетот со една забрзана динамика. „Мојата улога ја гледам во тоа преку агресивни менаџерски практики и максимална примена на принципот на ефикасност да обезбедам забрзан општествено економски развој на Општина Битола.“-рече Кондовски.