-3.1 C
Ohrid
вторник, ноември 30, 2021
Почетна Македонија Академик КОЦАРЕВ: АКО ЈА ИЗГУБИМЕ НАЦИЈАТА, НЕ НИ ТРЕБА ЕВРОПСКА ИНТЕГРАЦИЈА!   

Академик КОЦАРЕВ: АКО ЈА ИЗГУБИМЕ НАЦИЈАТА, НЕ НИ ТРЕБА ЕВРОПСКА ИНТЕГРАЦИЈА!   

Translate (Eng):[gtranslate]

Во Македонската академија на науките и уметностите се одржа свечена седница по повод 54-годишнината од нејзиното формирање. Во рамките на одбележувањето беше доделено меѓународното признание “Блаже Конески” на годинашните добитници Елена Верижникова и Фрсоа Пејоска-Бушро. Пригодни говори по повод доделувањето на признанието одржаа академик Марјан Марковиќ и академик Катица Ќулавкова.

Пренесуваме дел од обраќањето на претседателот на МАНУ проф.д-р Љупчо Коцарев на свечената седница од годишнината на МАНУ.

“Периодот на владеење од 2017-та година до денес, најдобро се карактеризира со синтагмата понижена држава. Ако за претходната власт важеше синтагмата заробена држава, актуелната власт ја направи Македонија понижена држава. Со актуелните политики последниов период директно се удира врз македонските национални интереси и македонската историја, која се менува по барање на други.

РЕКЛАМА

Ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европска интеграција! Ако пак ја изгубиме Македонската држава, нема да постои државен ентитет за интеграција во Европската Унија. Така, Европската Унија ќе нема што да интегрира, а ние што да одбележуваме и прославиме. Но, имаме визија и капацитет да одговориме на актуелните предизвици.

Понижувањата се предизвикани и од домашни и од надворешни потреби, а сите имаат заеднички атрибут владеење. Ова е време кога владејачките елити се впуштија во друга крајност, национален инженеринг преку бришење на сите одлики на современата Македонска нација, со образложение дека тоа е услов за европска интеграција.

Македонската политичка елита го има хибрис синдромот, кој претставува прикажување на лице како месија, односно тенденција кон величење на самиот себе, идентификација на сопствената личност со државата, како и претерана верба во себе и во личните можни постигнувања. Често се граничи со чувството на семоќност.

Властодршците, не само во Македонија, без јавна контрола, многу брзо пројавуваат симптоми на синдромот хибрис, стекнато нарушување на личноста. Лицата со овој синдром ги имаат следните одлики: нарцисоидност, ароганција, некомпетентност за носење геостратешки одлуки и за креирање политики.

Потребен ни е нов фундаментален договор за државните интереси, поддржан од релевантните политички субјекти, независно дали се на власт или во опозиција. На тоа не’ обврзуваат и двата јубилеја кои ги славиме оваа година, одбележувањето на 30 години од независноста на државата и 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

Ако во изминатите 30 години бевме сведоци на ерозија и на уништување на Македонската држава, вклучувајќи ги тука науката, уметноста, културата, образованието, здравството, судството, економијата, јавната администрација, македонската мисла и интелигенција или кажано со еден збор – се’, тогаш неминовно се наметнува прашањето, како понатаму? Ако секоја досегашна влада нудеше се’ понови и се’ поиновативни пристапи во разнебитувањето на Македонската држава, зарем не е време да се каже: Вака повеќе не може!

Ако и наредната влада од која било провениенција продолжи со деструктивни и коруптивни политики, тогаш треба да се соочиме со реалноста и со предизвиците на државата која неумоливо тоне.

Ние како членови на највисоката научна и уметничка институција во државата не можеме да бидеме неми сведоци на ваквите тенденции, да не предупредуваме и да не нудиме решение и визии.

Непристрасна анализа на неодамнешните говори на поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов и на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, кажани на свечениот научен собир, укажуваат дека на државата и’ е потребен нов фундаментален договор со широк национален и државен консензус, поддржан од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција, во кој треба да се вклучи и академската и интелектуалната јавност.

За жал, историјата на современата Македонска држава не’ учи дека вториот дел од пораката нема лесно да се оствари. Во 1997 година МАНУ издаде национална стратегија за економски развој, подготвена од 100 научници, експерти и деловни луѓе. Таа остана непрочитана, нереализирана, незабележана, само од една причина – Не беше поддржана од оние на кои им беше упатена и кои требаше да ја реализираат – политичките центри на моќ.

Истото се случи и во 2021 година, кога МАНУ и сите образовни-научни институции јасно искажаа недоверба во реформите на образованието, но тие сепак се имплементираат.

Оттука, дури и да се осмисли документ за развој на Македонската држава и да се напише и да се предложи акциски план со конкретни чекори за негова имплементација, за жал, не верувам дека тој ќе биде поддржан од политичките субјекти во подолг временски период, оти интересите на политичките елити не се државнички, туку лични и партиски. Нужно е будење на колективниот ум!

Предлагам да се донесе закон со кој ќе се одземат ингеренциите на Министерството за образование и наука да изготвува стратегии за развој за образованието и науката, здравството, или да подготвува реформи во образовниот и научниот систем. Второ, стратегиите и реформите во синергија треба да ги подготвуваат МАНУ, универзитетите и стопанските комори. МОН ќе биде само обврзан да ги имплементира така подготвените стратегии и реформи!“