Данче Пенова е самохрана мајка и жртва на семејно насилство. Потекнува од Скопје. Живеела со родителите во населбата Драчево до својата 22 година. И тогаш одлучува да го каже судбоносното да, не претпоставувајќи дека со тој избор, ќе си ја смени и судбината, а и судбината на своето дете.
Првата година од бракот бил со проблеми, немало семејно насилство. Но, откако и се родил синот Атанас, таа и детето биле жртви на нејзиниот сопруг, кој наместо вода, пиел ракија. Вака низ солзи, Данче се присетува на нејзиниот макотрпен живот кој со сопругот и детето, го живеела во Гевгелија. Секој ден, без причина, солзите ќе станат секојдневие во животот на овие мајка и син. И 17 часа се многу некој да ве малтретира, а 17 години се и премногу.
Траумите од тешкиот живот ќе остават белег во животот на Данче, но и во животот на нејзиното дете. А, за Насе, како што нагалено го вика Данче нејзиниот син, таа е подготвена да направи сè. Тој е единствената убава работа што и се случила во животот. Секоја мајка го сака најдоброто за своето чедо, споделува таа за емисијата Срце на дланка.
Еден ден, кога Насе завршува осмо одделение, а двајцата родители на Данче се разболуваат, таа одлучува да ја напушти Гевгелија и домот на сопругот, и да дојде во семејниот дом на родителите. Со тоа става точка на долгогодишното малтретирање и насилство.
Насе е веќе за средно образование. Во Скопје учи за келнер. Данче се вработува во приватна фирма. Животот им добива некаков тек, а двајца се водат од паролата: „И леб и сол ќе јадеме, само мир да имаме“.
Во новата етапа на нејзиниот живот, Данче сака да го реновира станот на родителите, бидејќи мебелот е уште од нејзиното детство. Се одлучува да подигне кредит и да ја направи таа промена, за да може полесно да живеат со синот и нејзините родители.
Но, лошото со лошо доаѓа. Па, еден ден, додека таа мирно работи, а Насе го изучува занаетот на угостителството, Данче добива отказ, а со тоа уште една шлаканица од животот.
Кредитот веќе е одобрен. Наместо парите да отидат за реновирање на станот, тие одат за храна додека таа не се снајде повторно со вработување. Како ова сè да не е доволно, еден по друг и умираат и двајцата родители.
А, банките, каматите и извршителите не чекаат. Нов прилив на средства Данче нема. Следи е блокирање на нејзината сметка, која и ден денес е нефункционална.
Станот на Данче е многу стар. Мебелот е пред распаѓање. Апаратите не функционираат, па таа за да одржува хигиена, топли вода на шпорет, а не функционира ни останатата техника во куќата. Цената за нов бојлер, казанче и машина за перење не е скапа, но за неа тие пари се богатство, вели Данче. Во зима се греат на нафта, но бидејќи и за неа немаат пари, се наоблекуваат, а се случува и преку ден седат покриени со јоргани, молејќи се да изгрее Сонцето за да се згреат побрзо.
Понекогаш Данче и Насе јадат само леб и сол. Ако синот се снајде и го викне некој за привремена работа, тој со дневницата купува леб и паштета, за да може барем малку да го залажат стомакот со мајка си.
Иако, живее тешко, таа не сака да плаче пред детето. А знае и да се насмее,само ако Насе е среќен. Но, тоа е многу ретко.
Данче понекогаш добива донации. Луѓето што знаат колку тешко живее, и донираат облека и храна, за што таа е многу благодарна. Таа веќе е навикната на болка и солзи. Оваа несреќна мајка ќе биде благодарна, ако хуманите луѓе и помогнат.
Најголема желба на Данче е да се вработат со синот, за да може да го врати долгот кон банката и да купи основни намирници и работи за дома.
Доколку сакате да им помогнете, тоа може да го направите на следната сметка:
Атанас Пенов
300007028734690
Комерцијална банка
Телефон: 078/920 005
Автор: Оливера Петрушевска