Актерката со која пораснаа голем број генерации и која беше дел од легендарното актерско дуо Колозови – Шенка Колозова, во интервју за Бекстејџ зборувала за работите со кои сега се занимава, за животот по смртта на сопругот Ѓорѓи…
По бројните претстави за возрасни и за деца кои ги играла низ цела Македонија, Шенка решила да се повлече од актерството:
“Пред две години реков: “Мене ми е доста, не можам веќе” и затоа прифатив да бидам зад сцената”, изјавила таа и додала дека го користи слободното време за одмор во старата куќа во едно охридско село.
За смртта на сопругот Ѓорѓи Колозов раскажала дека жали што тој не е тука за да се радува на одредени моменти, но и признала дека со текот на времето ѝ е сè потешко:
“Има моменти што знам колку многу ги сакал и ден-денес ми е тешко што не може да го доживее тоа. Секогаш велат “Леле, ти ..греота…” – не сум јас за греота, јас сум тука и живеам – не сум за жалење, него го нема”.
Колозова е ќерка на Стоица и Катерина Димитрови (подоцна, Станојкови). Родена е на 1 февруари 1947 во Добрево, Пробиштипско). Дипломирала на Катедрата за јужнословенска книжевност при Филозофскиот факултет во Скопје. Целиот работен век го поминала како професионална глумица во народните театри во Штип и Куманово, а подоцна и во Македонскиот народен театар од Скопје, каде се пензионирала. Во кариерата одиграла над 100 премиери во трите народни театри, и уште 16 премиери со приватниот театар „Колозов“. Таа има одиграно повеќе од 6 000 претстави во овие три театри, не вклучувајќи ги и гостувањата во Велешкиот театар и други театри во Македонија. Најзначајни театарски ролји на Колозова се во претставите „Свирачот на покрив“, „За сите мои синови“, „Електра“ на Еврипид (во улогата на Клитемнестра), „Сè за градината“, „Печалбари“ и други. Покрај актерството, таа е автор на бројни сценарија и драматизации, меѓу кои и Цепенковите народни приказни.