Како што наведуваат од синдикалните организации, причините за најавениот генерален штрајк се однесуваат и на загриженоста кај над 2 200 вработени за иднината на компанијата и неизвесноста за зачувување на нивните работни места
Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на АД Пошта на С Македонија денеска најавија оти на 14 месецов ќе стапат во генерален штрајк доколку во меѓувреме не бидат исполнети поставените барања за итно и неодложно линеарно покачување на нето платите на вработени во износ од 3 000 денари (50 евра).
„Поради неуспешниот трипартитен дијалог помеѓу Управниот одбор на Пошта на С Македонија, Владата и синдикалните организации на Пошта на С Македонија, и нереализирање на барањата на вработените и Синдикалните организации на АД Пошта на Северна Македонија, Централниот одбор на Синдикат на Македонска пошта (СМП) и Извршниот одбор на Синдикалната организација на АД Пошта на Северна Македонија (СОПСМ) на 31 март донесоа одлука за започнување генерален штрајк“, пишува 360 степени.
соопштија синдикалните организации, кои на 19 минатиот месец го ставија во мирување најавениот протест поради почнатите преговори за нивните синдикални барања.
Како што наведуваат оттаму, причините за генералниот штрајк што го најавија се однесуваат на загриженоста кај над 2 200 вработени за иднината на компанијата и неизвесноста за зачувување на нивните работни места.
Освен тоа, како што додаваат, причина за штрајкот е и незадоволството од нереализираното барање за линеарно покачување на нето-платите во висина од 3 000 денари кои не се покачени, како што велат од синдикатите, повеќе од 30 години, но и супстандардните услови за работа, незадоволството на вработените од постоечката систематизација и нереализирање на дел од барањата на вработените и синдикатите наведени во Заклучоците од 15 октомври минатата година.
„Со оглед на законското определување на времетраењето на постапката за помирување, штрајкот ќе биде во мирување до нејзиното завршување. Доколку не успееме да ги решиме заемните проблеми на мирен начин со помирувањето, Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на АД Пошта на Северна Македонија започнуваат со генерален штрајк на ден 14.4.2022 година со почеток во 8 часот, на работните места и простории кај работодавачот. Штрајкот ќе трае до исполнување на барањата на штрајкувачите, односно до склучување на спогодба“,
стои во соопштението од синдикалните организации.
Работата на АД Пошта на Северна Македонија, како што е наведено во соопштението, ќе биде целосно во прекин освен за неопходните активности кои давателите на поштенски услуги мора да ги обезбедат непречено, согласно Законот за поштенски услуги член 49 и Колективниот договор на ниво на работодавач, и тоа се до прифаќање на барањата на Синдикатите од страна на АД Пошта на Северна Македонија.