Десната страна од автопатската подделница Требеништа кон Охрид се очекува да биде комплетно завршена и пуштена кон почетокот на август, а левата до крај на годината, најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Тој изврши увид на градежните активности на подделницата, на 8,5 километри пред Охрид, при што информираше дека се во тек завршните асфалтерски работи. Денеска ќе се вградат 320 тони асфлат – прв слој, а веќе утре се засилуваат асфалтерските работи со вградување и по 900 тони асфалт дневно. Таквите активности ќе продолжат во тек на целата градежна сезона на сите подделници на автопатот во должина од 57 километри, во вредност од 598 милиони евра.
На терен, долж целата траса, како што рече Бочварски, се повеќе од 700 работници и над 280 градежни машини. Вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 70 проценти.
Министерот за транспорт порача дека мора да биде испочитуван рокот за изградба на автопатот посочувајќи дека постојано имаат средби и со изведувачот и надзорот, се координираат и ги преземаат сите активности со што, како што рече, полека се приближуваме кон роковите за привршување.
-Сакам да ја уверам целата јавност дека оваа автопатска делница е врвен приоритет и нема калкулации, ниту јас ниту Владата, ниту Министерството за транспорт и врски, ниту Јавното претпријатие за државни патишта, не прифаќаме повеќе пролонгирање на роковите за изградба. Имаме рок и тој мора да биде испочитуван од изведувачите, изјави Бочварски.
Според него, активно се работи и на останатите подделници на клучките и на тунелот којшто е во завршна фаза. Извршено е комплетно препроектирање на 25 проценти од целата траса, а Министерството ги одобри потребните 70 инфраструктурни проекти и сега, потенцира, имаме чист терен за работа.
Дополнително, укажа министерот, се водат и постапки и се градат паралелните пристапни патишта со приклучок на постоечките објекти во должина од околу 30 километри. Се гради контролен центар со комплетна опрема за сообраќајна сигнализација вдолж целата траса, така што, работата никаде не е застаната, континуирано се гради за да изградиме модерен и безбеден автопат.
– Свесни сме дека има реакции од граѓаните, но верувајте дека максимално сме посветени и сме во секојдневна комуникација и координација за разрешување на секој еден проблем од овој автопат за да биде изграден комплетно со сите елементи за да биде безбеден за патување на граѓаните, посочи министерот за транспорт.
Според него, моментно не може да се каже дали ќе се остварат најавите или прогнозите за зголемување на вредноста на целиот проекет поради поскапувањето на градежните материјали.
– Цената на чинење е утврдена на 598 милиони евра. Сведоци сме на осцилациите коишто се јавуваат согласно светските трендови на градежните материјали, но наша обврска е час поскоро да се заврши овој автопат, да биде безбеден за користење заради тоа што повеќе калкулации од ниту една страна во оваа постапка на градба не смее да има, рече Бочварски во одговор на новинарско прашање.
Како што информира директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми, при денешниот увид на терен констатирале дека се пробиени околу 95 проценти од трасата, како и дека е при крај решавањето на голем број постапки од страна на надлежните институции.
-И денес побаравме од изведувачот да ја зголемат динамиката на изградба на автопатот со позасилено темпо, се работи на поголем број на вујадукти, на неколку клучки, на алтернативни и паралелно пристапни патишта, на потпорни ѕидови, се работи и на тунелите и на сѐ друго што е предвидено согласно со динамиката на изградба, рече Рустеми.
МИА