Откако во јавноста излегоа грешки од учебниците кои се недозволиви како погрешни страни исток и запад или погрешно знаме на Шпанија, сега се огласија авторките Ангеловска и Илиоска преку заедничко соопштение за јавноста, кои веднаш ги забележале грешките по печатењето.
Веднаш по печатењето на финалната верзија на учебникот, ги забележавме грешките, кои се настанати во текот на неговата финална подготовка, кои за жал, не се забележани, и покрај тоа што учебниците ги поминаа сите филтри, кои се законски предвидени. Истите грешки ги има и во учебникот преведен на албански јазик, кој е споделен во електронската верзија. Веднаш по констатираните грешки, писмено се обративме до надлежното министерство за да се направат исправки, барем во електронските верзии на учебниците.
Навистина ни е жал што во нашите напори да не пропуштиме нешто суштинско, сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста. Учебникот кој е тема на дискусија е предаден на регуларен конкурс од Педагошката служба, уште во мај годинава. Сите сугестии кои беа од техничка природа, се земени предвид при подготовката на неговата финална верзија. Ниту ние авторите, ниту рецензентите, немавме прилика да го прегледаме учебникот пред печатење“, велат авторките.
Како што додаваат во заедничкото писмо, тие се навредени од констатацијата на јавноста дека биле неписмени, нестручни и некомпетентни.
Ако е така, зошто немаше други автори за овој предмет, кои ќе бидат компетентни и гласни со дела, а не со коментари, кои се недолични и даваат политичка позадина на се’ во општеството. Во прилог споделуваме фотографии од деловите во кои ги констатиравме грешките, во македонската и во албанската верзија на учебникот, бидејќи во јавноста прошетаа само македонските учебници. Ги замолуваме надлежните во МОН да ги коригираат електронските верзии на посочените места. Исто така, ги замолуваме наставниците да им објаснат на учениците дека во тие делови од учебникот има технички пропусти, како што им посочуваат и за сите други учебници, каде ќе констатираат грешка“, додаваат тие.
Тие упатија молба до јавноста – да не влегуваат во нивната приватност и да престанат со пишување на недолични коментари на социјалните мрежи.
Со влегувањето нашите профили и недоличните коментари, влегувате во нашите семејства, во кои има деца. Јавното линчување луѓе е средновековна практика, која сега е во модерна форма. Печатните и ненамерно направените грешки се исправаат. Ама, насилството кое се промовира на социјалните мрежи остава длабоки траги врз луѓето и нивните семејства. Сајбер насилството е модерно силеџиство, кое го читаат деца и на тој начин директно се изложени на негативен пример, кој упатува страшна и многу загрижувачка порака. Секој може да навлезе во вашата приватност и да ви го руши личниот и професионален интегритет кој сте го граделе со години. Го повикувамe Министерството за внатрешни работи да реагира на сите форми на насилство упатени кон нас и нашите семејства и заканувачките пораки кои ги добиваме јавно“, се вели во соопштението.