-1.1 C
Ohrid
недела, декември 22, 2024
ПочетнаМакедонијаЗаев: Не се кандидирам за претседател на државата, немам амбиции…

Заев: Не се кандидирам за претседател на државата, немам амбиции…

spot_img

Нема да поднесам, ниту пак ќе прифатам кандидатура за претседател на државата. Јас никогаш нема ниту да помислам да го делам СДСМ, ниту да правам некаков си измислен пуч во СДСМ или било што слично, се вели во реакцијата на поранешниот македонски премиер и претседател на СДСМ Зоран Заев за информациите дека тој и негови блиски луѓе се дел од обид за пуч во владеачката партија.
Неговата реакција ја пренесуваме во целост:

„Изминативе денови, различни центри (и суетни, и криминални, и комбинации од двете, на кои им се приклучи поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски) ме споменуваат во различни конотации. Од тоа дека ќе сум правел пуч во СДСМ, до тоа дека ќе сум бил кандидат за претседател на Република Северна Македонија, со заедничка подршка на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Во повеќе наврати изминатиот период кажав дека немам политички амбиции и би сакал уште еднаш да ги демантирам ваквите инсинуации за мое повторно политичко ангажирање.

Јас нема да поднесам ниту ќе прифатам кандидатура за претседател на државата.

Како претседател на СДСМ ја обединив партијата. А, обединетиот СДСМ заедно со граѓаните урна режим и тоа баш кога тој режим беше најсилен и најразулавен. Јас никогаш нема ниту да помислам да го делам СДСМ, ниту да правам некаков си измислен пуч во СДСМ или било што слично. Доказ за тоа е моето осум и пол годишно раководење со партијата како и државните и изборните победи што ги освојуваше обединетиот и сплотен Социјалдемократски сојуз на Македонија, заедно со силното граѓанско општество.

Истовремено, македонската Влада предводена од СДСМ не престана да испишува историски успеси. Ја внесовме Северна Македонија во НАТО, ги решивме домашните меѓуетнички тензии и поделби, станавме пријатели со сите наши соседи и со целиот демократски свет. Благодарение на политичките на градење пријателство со соседите, но и севкупните меѓународни политики ја добивме Автокефалноста на нашата МПЦ-Охридска архиепископија, станавме една од трите држави кои ја основаа економската иницијатива Отворен Балкан и започнавме преговори со ЕУ.

Не може да се заборави дека и тогаш имаше противници на се што работевме и на се што постигнавме. Некои беа против само поради тоа што тие во нивното време не успеале да го направат она што ние за четири години го постигнавме заедно со народот. Меѓу нив беше и поранешниот премиер и бегалец од правдата Груевски, ама и други кои од исти или слични причини едноставно не сакаа да се случат македонските успеси. Некои заради тоа што суетата им е преголема (Геровски ќе се препознае овде веројатно). Трети, пак, беа против затоа што имаат потреба постојано да негодуваат, да мразат и мрчат, оние на кои ништо не им се погодува (тоа се луѓе како шкорпиите од приказната за шкорпијата и жабата). Четврта група беа тие што не можат едноставно да простат успех на друг, оти нели во Македонија може се да ти простат ама успех не ти се простува.

Но, времето и досега покажуваше, а особено допрва ќе покажува колку биле храбри, исправни и правилно насочени одлуките што сме ги донеле за македонскиот народ и државата, без разлика на блокадите кои постојано ни ги ставаат сите противници.

Заклучок…

Убавината на сите овие противења, кочења, негодувања, мрчења, суетности, вака од дистанца гледано, е во тоа што токму тие луѓе, со своето противење, несакајќи, а богами некои од нив и свесно и намерно (Груевски на пример) ги имаат помогнато сите овие процеси. Сите тие, со нивното делување и противење, го охрабрија мнозинството народ да опстои во својата верба за осигурување на евроатлантската иднина на државата, во градењето пријателството со соседните земји, во воспоставување на кохезијата во нашето мултиетничко општество преку концептoт на кој му аплаудира целиот демократски свет – концептот „Едно општество за сите”.

Тие луѓе, политичари, новинари, аналитичари … индиректно, а богами и директно, во клучните моменти за државата помогнаа за обезбедување дури и на двотретинско мнозинство во парламентот за Договорот од Преспа и другите важни одлуки, со што беа совладани тогашните анти-НАТО и анти-ЕУ политики на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Денес, Северна Македонија е земја членка на НАТО и не стравува за својот мир и безбедност. Денеска ги живееме деновите на скрининг процесот како фаза од преговорите со ЕУ кои ги отпочнавме пред неколку месеци. Денеска се радуваме на соживотот меѓу Македонците и Албанците и сите етнички заедници кои живеат во нашата татковина. Денеска се радуваме на признатиот македонски јазик и на плодовите од Преспа како што е отворањето на Центарот за македонски јазик во Грција. Оваа наша генерација го дочека и признавањето на автокефалноста на нашата Македонска православна црква. И сето тоа во четири години. Знам дека нашиот народ ги цени овие историски чекори, во спротивно довербата кон патот по кој се движиме немаше да остане со високи над 70%.

Колку и да не сакаме, мораме да признаеме дека треба да им бидеме благодарни на тие луѓе кои беа и се уште се противници на сите големи успеси што ги постигнала Македонија и целиот македонски народ, затоа што токму со нивното јавно делување, пишување и противење всушност ги помогнаа овие големи македонски успеси. Тие беа една од главните причини за од спротива да се формира силниот демократски блок кој ја носи земјата напред.

п.с. Посебна благодарност до некои од тие луѓе што и директно го помогнаа клучниот чин (ќе се препознаат верувам таквите) за земјата неповратно да се постави на шините кон НАТО и ЕУ, чинот со кој 80 пратеници дадоа согласност за Договорот од Преспа“.

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Тик Ток веднаш изреагира за забраната: Во Албанија одлучуваат Албанците, вели Еди Рама !!

По информациите дека кинеската интернет компанија БајтДенс, во чија сопственост е платформата Тик Ток, ќе побара „итно појаснување од албанската влада“ во врска со...

Горан Пандев назначен за спортски директор на македонските репрезентации

Македонската фудбалска легенда, Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите македонски репрезентативни селекции. - Илија Најдоски, еден од великаните на македонскиот фудбал, заедно со...

Баба од Скопје го тепала внукот со тврд предмет.

Во полициска станица во Скопје од 25-годишна жена било пријавено дека во семејниот дом кој се наоѓал на подрачјето на Бит Пазар нејзинот малолетен...

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид Вчера (21.12.2024 ) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид и волонтерите од Црвениот...