6.9 C
Ohrid
понеделник, декември 23, 2024
ПочетнаМакедонијаКрлежот од кој почина 27-годишната штипјанка, на нејзиното тело бил прикачен само...

Крлежот од кој почина 27-годишната штипјанка, на нејзиното тело бил прикачен само еден час

spot_img

Крлежот што ѝ пренесе конго-кримска хеморагична треска на 27-годишната жена од штипското село Кучица по што таа почина, на нејзиното тело задржан бил само еден час, што укажува на потентноста на вирусот и неговата сериозност, тврдат за „Слободен печат“ извори од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби кои учествувале во нејзиното лекување. Од моментот на првите тегоби до смртниот исход на младата жена, поминале шест дена, но симптомите кај неа биле неспецифични, како температура, болки во мускулите и повраќање.

Сопругот и трите деца на жената се негативни на болеста, потврдува за „Слободен печат“ директорот на Институтот за јавно здравје, доктор Шабан Мемети. Тој додава дека и другите лица што биле во контакт со жената а биле под опсервација се негативни. Вирусот на Конго-кримска хеморагична треска е сериозен и брзо го зеде животот на младата жена. Смртноста од оваа болест достигнува и до 40 проценти.

Почетокот на болеста Конго-кримска хеморагична треска е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Исто така се јавува црвенило во очите, зацрвенето лице, црвено грло и црвени дамки на непцата. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи и промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуват големи делови со модрици, како и крварење од носот.

Советите од инфектолозите се граѓаните да не ги вадат крлежите од телото сами, туку на лекар.
При убод од крлеж граѓаните да одат на лекар за да се отстрани крлежот стручно. Доколку сами се обидувате да го отстраните крлежот, може да останат парчиња од крлежот и тој да не биде целосно изваден. Второ, доколку се работи со нестерилни инструменти се изложувате на ризик да закачите тетанус, вели за „Слободен печат“ доктор Коста Капсаров од Инфективната клиника.

Доктор Дејан Јакимовски од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за „Слободен печат“ вели дека сезоната на убоди од крлеж почнува од почетокот на мај и трае до доцната есен.

Крлежот се всадува во кожата и во 99 проценти, пациентите го забележуваат додека е прикачен на нив во интервал од пет минути до петнаесет дена. Симптомите кои би се јавиле од преносливи болести од крлежи се шаренолики, а главните се осип во форма на црвенило и покачена телесна температура, поврзани со одредена болест која доминира на нашето поднебје. Потоа може да се појави и осип во форма на кружно црвенило, кое е поретко, но е уште присутно и се поврзува со лајмската болест. Крлежите кои потенцијално може да го носат вирусот на конго-кримска хеморагична треска се докажани во дивечот и во тревните површини во нашата држава. За конго-кримска хеморагична треска како вирусно заболување од крлеж, најбитно е да се направи анализа за одредување на видот на крлежот за да знаеме дали пациентот потенцијално можело да биде изложен, а ако тоа не може да се направи, тогаш да се следи во наредните 14 дена од каснатината на крлежот дали се јавува покачена телесна температура како прв симптом, посочува доктор Јакимовски.

Директорката на Клиинката за инфективни болести и фебрилни состојби, доктор Милена Стевановиќ, за „Слободен печат“ вели дека пациентката била во многу тешка состојба и инфекцијата рапидно се развила.
-Ако крлежот е заразен, не може да се направи многу, бидејќи нема профилакса и нема терапии кои што може да спречат инфекција од крлеж, освен ако не се развие акутна инфекција. Ако се појави црвенило, се прави лекарски преглед и тестирања на инфекции кои може да ги пренесе крлежот. Но, ништо не може да ја спречи инфекцијата ако крлежот е заразен, а не можеме да знаеме дали е заразен, ако не поминат, за некои болести и по три недели за да се создадат антитела па да може да се дијагностицира, ни изјави доктор Стевановиќ.

Вирусот се пренесува пред се, од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв или други телесни течности на заболените лица. Станува збор за вирус ендемичен на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско.

Првпат епидемија на конго-кримска хеморагична треска во земјава е опишана во 1971 година, при што заболеле 13 лица со два смртни исходи во едно семејство, во селото Чифлик – Тетово. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед дека постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во земјава и ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски држави. Во 2017 година, Агенцијата за храна и ветеринарство пронајде конго-кримска хеморагична треска во примероци земени од овци од бачилото на гостиварското село Симница. Анализите кои тогаш беа направени на Факултетот за ветеринарна медицина потврдија дека во овците присутен бил вирусот кој се пренесува од крлежи, а од кој може да заболат луѓето.

Од секторот за контрола и превенција на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје препорачуваат граѓаните доколку престојуваат во место каде има крлежи, да носат облека која нема да остава откриени делови од телото, особено да бидат покриени рацете, нозете и другите експонирани делови како вратот и главата. Носењето на светла облека може да помогне лесно да се откријат крлежите на облеката. Дополнителна заштита обезбедуваат репелентите против крлежи и инсекти. За постигнување на максимален ефект, репелент треба да се нанесува на секои еден до два часа.

„После можно изложување на убоди на крлежи, направете детална проверка на своето тело и облека како и на телото и облеката на вашите деца. Посебно внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде крлежите најчесто се закачуваат, вклучително и на главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите често се закачуваат во пазувите, препоните, под градите кај жените итн. За да се намали ризикот од пренос од животно на човек, се препорачува да се носат ракавици, друга заштитна облека додека се ракува со животни или нивни ткива во ендемични области, особено за време на колење“, велат од ИЈЗ.

Извор: Слободен Печат

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

На универзитет во Солун се говореше за македонистиката, на македонски јазик

Насловна / Балкан • Македонија Објавено на: December 23, 2024 На универзитет во Солун се говореше за македонистиката, на македонски јазик t За првпат се случува конференција на...

Бајден помилуваше 37 од 40 затвореници осудени на смртна казна

Американскиот претседател Џо Бајден денеска им ги преиначи казните на 37 од 40 федерални осуденици на смрт во доживотен затвор без можност за условно...

Трамп: Во САД ќе има само два пола – машки и женски

Официјалната политика на САД ќе биде да има само два пола – машки и женски. Ова им го соопшти новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп,...

Тик Ток веднаш изреагира за забраната: Во Албанија одлучуваат Албанците, вели Еди Рама !!

По информациите дека кинеската интернет компанија БајтДенс, во чија сопственост е платформата Тик Ток, ќе побара „итно појаснување од албанската влада“ во врска со...