Вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи, кон крајот на ноември, побарала затворска казна за Васил Јованов, кој според првостепената пресуда беше осуден на воспитно поправна мерка, од 6 месеци до 5 години, за продажба на марихуана и кокаин.
Поточно, како што дознава ,,Фокус”, обвинителката Фетаи била задолжена да го застапува предметот пред Апелација, поради што обвинителката поднела предлог да се одбие жалбата на Јованов, а да се уважи жалбата на скопското јавно обвинителство, кое побарало построга кривична санкција за осудениот, кој пред неколку дена ја прегази и усмрти 22-годишната студентка Фросина Кулакова.
,,Обжаленото решение да се преиначи во делот на одлуката на кривичната санкција со тоа што обвинетиот Васил Јованов би бил построго санкциониран со соодветна кривична санкција која би влијаела врз обвинетиот во иднина да не врши кривични дела, а истовремено со истите би се постигнале целите на казнувањето во секоја смисла”, напишала обвинителката Фетаи.
Обвинителката, во предлогот до Апелација, навела и дека Кривичниот суд правилно ја утврдил фактичката состојба и го прогласил Васил за виновен, но забележува дека казната требало да биде построга.
,,Сепак ваквото правилно постапување наоѓам дека се менува во негативна насока во делот на изборот на кривичната санкција, а на што основано се укажува во изјавената жалба, посочила обвинителката.
Таа појаснува дека првостепениот суд, одмерувајќи ја казната,ги ценел олестителните околности на Јованов, дека бил млад, дотогаш неосудуван, студент…, но ги занемариле отежителните околности.
,,При изборот на видот на санкцијата наоѓам дека судот требало да ја цени личноста на обвинетиот, кој, за жал е со ниска морална свест во смисла на неговата возраст, општествен статус и држење пред судот… Во текот на целата главна расправа обвинетиот покажал манипулативно однесување и негирање на материјалните, така и на вербалните докази, а самиот факт дека истиот не ја признал својата вина пред судот и доброволно да ги прифати последиците од своето однесување, со кое нешто би покажал сериозно каење за стореното, доволно зборува за неговата свесност и истрајност како млада личност да се занимава со продажба на наркотична дрога, во станови специјално изнајмени за таа намена, каде таргет е младата популација, што е доволна слика за неговата ниска морална свест и лукративни побуди на лесен начин да дојде до профит на незаконит начин”, истакнала Фетаи.
Таа додала дека казната која ја добил Јованов нема воспитно да делува врз него во понатамошниот живот, бидејќи станува збор за сериозно кривично дело, со сериозни последици.
Како што дознаваме, истата обвинителка Фетаи во два наврати дала и негативно мислење да се укине притворот на Јованов и барала обвинетиот да остане зад решетки.
Инаку, предметот е во Апелација, а според најавите за неколку денови се очекува одлука. Овој случај во второстепениот суд стигнал на 7 ноември 2024 година. Потоа го пратиле на мислење во Вишото обвинителатво, и го добиле назад на 27 ноември.
Додека Јованов на слобода ја чекал одлуката на Апелација, тој на 29 јануари годинава ја прегази младата Фросина Кулакова, додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје.
Јованов возел пијан, без возачка дозвола, со голема брзина и минал на црвено светло. Тој во моментот се наоѓа во притвор во истражниот затвор ,,Скопје”.
Валентина Вурмо Фокус