Деветта иницијатива на ИПА Охрид за изградба на велосипедски патеки во охридско-струшкиот регион
Армија велосипедисти (вкупно 178 велосипедисти рекреативци , од Охрид, Струга, Скопје, Ресен, Тетово, Гостивар и Херцег Нови-Црна Гора), викендов во Охрид, учествуваа на спортскиот ИПА вело викенд „На точак, Охрид и Струга да видам“ и по деветти пат, ја возеа вело турата Охрид-Струга-Радожда. ИПА Охрид со бројната ИПА вело армија, уште еднаш упати силна порака до надлежните на локално и централно ниво, конечно и сериозно да пристапат кон проект за велосипедско поврзување на двата крајезерски града-Охрид и Струга но и од Охрид до Свети Стефан, со современо сообраќајно уредена, функционална и безбедна велосипедска патека. Идејата ја започнавме пред 9 години како 14 члена група велосипедисти, низ годините бројката учесници постојано растеше за да денеска, имаме бројка од 178 велосипедисти-вљубеници во велосипедизмот од 7 до 77 години кои, „во еден здив“, по небезбедниот „стар пат“ преполн со автомобили, камиони, автобуси, покрај атрактивното езерско крајбрежје, извозија од Охрид до Радожда и назад до Охрид.
Сигурни сме дека има иљјадници граѓани-вљубеници во велосипедизмот кои би ја подржале ИПА иницијативата за вело поврзување на двата крајезерски града-идеални места за велосипедизам и вело конекцијата Охрид-Струга и Охрид-Св.Стефан, да станат реалност.
Охрид и Струга како туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристичките мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи од Македонија и светот што, ќе има огромен економски бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките и угостителски работници, за рент а бајк агенциите и сл.
Во време кога во светот се градат велосипедски автопати, ИПА Охрид прави обид плус за промовирање на крајезерскиот регион, како атрактивна туристичка вело дестинација што ќе биде причина повеќе за зголемен број туристи на ривиерата. Крајно време е, живописните пејсажи на охридско-струшка ривиера и природните убавини на Охрид и Струга, да бидат`видени и од точак, вело авантурата да биде незаборавна и преполна со насмевки и емоции предизвикани од езерскиот ветар а среќата и широката насмевка, да ја исполнат душата дека еден, не така далечен ден, безбедно ќе возиме точак по велосипедски патеки по светски стандарди , а не, покрај автомобили, автобуси и камиони, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Возењето велосипед е љубов, спорт, потреба, рекреација, незаборавна авантура и неповторливо доживување.
Огромна благодарност до сите учесници, до сообраќајната полиција при СВР Охрид и до Црвениот крст Охрид, за грижата околу безбедноста на ИПА вело турата. Останува надежта дека во пресрет на јубилејната 10 годишнина од ИПА вело иницијативата, во 2026 ќе се радуваме на прекрасна крајезерска вело патека.