Ирена Јовева е гласот на новата генерација европратеници – млада, смела, принципиелна и цврсто втемелена во вредностите на правдата, транспарентноста и човечноста.
Родена е во Словенија, во градот Јесенице, Јовева негува силна врска со своите македонски корени – нејзините родители потекнуваат од Македонија, од Кратовскиот регион и Куманово. Денес, како европратеничка, таа не само што ја претставува Словенија, туку носи и глас од Балканот во срцето на Европската унија.
Во интервјуто за Женски магазин, Јовева зборува за своите македонски корени, за своето детство, мајчинството, политиката, жените во европската арена, идентитетот, борбата против предрасудите,но и за тоа што значи да се биде мост меѓу две култури – словенечката и македонската. Нејзините зборови се инспирација, но и потсетник – дека интегритетот, емпатијата и чесноста сè уште имаат место во политиката.
Детството е темелот врз кој се гради целото човечко. Тоа е периодот кога се учиме што значи љубов, припадност и идентитет. За многумина, спомените од детството се како стара фотографија: избледена, но топла. Иако времето минува, тие слики остануваат врежани во срцето. Во случајот на Јовева, детството не било совршено, но било вистинско – полно со убавини што тогаш можеби не ги разбиралацелосно, но денес ги чува како најголемо богатство.
-Имам најубави спомени на моето детство. Не беше сè совршено, секако, но што е совршено на овој свет? – Немавме сè, ама всушност имавме сè, само што во тоа време не бев доволно свесна дека е така. Родена сум во Словенија, пораснав во мал град, Јесенице. За мене, тоа секогаш ќе биде најубавиот град на свет – не во физичка смисла, туку токму поради сите спомени што ги имам. Пораснав во станбена зграда, со семејства од цела поранешна Југославија – во тоа време таа се распаѓаше, имаше војни, се сеќавам на многу работи. Но … ние не бевме само „комшија на комшија“, бевме „човек на човек“.
Невозможно е да се опише со зборови колку сум благодарна на моите родители, кои ме воспитаа со многу јасен став: сине, твојата татковина е Словенија, почитувај ја, сакај ја, но сепак никогаш не заборавај од каде доаѓаме.
Затоа никогаш не се срамев од моето потекло, семејство, презиме … речиси една деценија посетував дополнителни часови по македонски јазик, 20 години бев дел од македонскиот фолклор и сè уште сум член на Македонското културно друштво „Илинден“ во Јесенице. Она што сакам да го кажам, е дека дома ги негувавме двете култури, словенечката и македонската. Моето воспитување е „измешано“ и со двете, и не би ги менувала спомените за ништо на светот.
Патувањата во татковината отсекогаш за неа претставувале нешто повеќе од обично менување на локација – тие биле враќање кон корените, кон луѓето што значат дом, без разлика каде се наоѓа на картата. Секоја посета за неа била како нова приказна вплетена во старата традиција, секој разговор – потсетник на припадноста, на љубовта и на врските што не ги раскинува ниту времето, ниту растојанието. Во тие моменти, идентитетот не било нешто за кое се размислувало – туку се чувствувало.
-Ја посетувавме многу често, неколку пати годишно. Се сеќавам колку едвај чекав да ги посетам моите тетки. Посебни спомени ме врзуваат за Зрновци, каде што долго време живееше татко ми, а особено и на Куманово, каде што живееја и сè уште живеат роднини од мајчина страна. Таму се случија вистинските пријателства, таму се случи мојата прва љубов …
За жал, во 2009 година, татко ми и јас останавме сами, мајка ми почина по долга и храбра борба со најтешката болест на светот – рак. Тукушто наполнив 20 години, тешко се справував со оваа загуба, но денес сум благодарна што имав можност да бидам со најдобрата личност на светот барем првите 20 години од мојот живот и да учам од неа.
Оттогаш, не ја посетувам Македонија толку често. Не само поради тоа што мајка ми не е повеќе тука, тукуво меѓувреме јас пораснав, се вработив, создадов семејство … одредени одговорности доаѓаат со тоа и тешко е да се комбинираат работите на начин на кој човек би сакал.
Секако, би сакала да дознаам повеќе за моите роднини, но јас веќе знам многу, редовно сум во контакт со нив.
Јас сум дете на два народа, дете со македонски и бугарски корени, морам да бидам јасна тука, никогаш не сум го криела тоа. Знам каде е роден татко ми, знам кога се преселил, каде се преселил како дете и каде во младоста, знам и зошто, знам кој е, знам што е. Како што знае и тој. Знам и дека никогаш немал никакви проблеми поради тоа – никогаш никаде. Истото важи и за мајка ми, која е од кратовскиот регион.
Никогаш не сум негирала и нема да негирам ниту еден народ, а на манипулациите и лагите одговарам исклучиво со факти. Ги почитувам сите нации, сите јазици и сите идентитети на оваа планета, на крајот на краиштата, токму тоа ме научија моите родители. Патриотизмот не се докажува со омраза кон другите. Но, мојот идентитет е мое право. Никој не може да ми го одземе тоа право и нема да дозволам никој да ми го одземе. Никогаш.
Да се зборува во Европскиот парламент не е само чест, туку и голема одговорност – не само затоа што светот слуша, туку затоа што таму се кажуваат зборови што остануваат. Говорот во Европскиот парламент кој го посвети Јовева на македонскиот идентитет, обраќајќи им се на бугарските европратеници, беше силна порака. Зборуваш со верба дека интегритетот и храброста мора да стојат повисоко од политичките калкулации и националните поделби.
– Моите единствени обврски се да си легнам и да се разбудам со чиста совест и да го осигурам моето дете, да не му недостасува ништо што зависи или може да зависи од мене.
Одговорноста во овој случај ја гледам само од гледна точка дека сè што кажав, секако дека го кажав со најголем можен степен на одговорност. Но, всушност, ако ме прашате мене, тука станува збор за пристојност и правда. Интегритет. Веројатно и храброст … во основа, за она што го кажав и во мојот говор. Секогаш ќе се поставам на страната на правдата, не ме интересира кој или што е на другата страна.
Некои моменти не се планираат до последен детаљ – се чувствуваат. Не доаѓаат од стратегија, туку од внатрешна потреба да се каже нешто што одамна ви „лежи на душа“. Кога човек носи силна порака, таа едноставно мора да излезе – без калкулации, без сценарија, без очекувања. Токму така се случи и со говоротна Јовеа во Европскиот парламент: искрен, личен и без задни намери. Како што вели не очекувала аплауз – сакала само да се слушне пораката.
– Дали ќе ми поверувате ако ви кажам дека воопшто не помислив какви ќе бидат реакциите?!- Навистина не помислив. Никому не кажав точно што ќе кажам и како точно ќе го кажам тоа – половина час пред да започне дебатата, го испратив текстот на мојот тим. Тие немаа никакви негативни коментари, но искрено, дури и да имаа, немаше да го сменам текстот. Знаев што сакам и што имам да кажам. И не е тоа дека „морав“ на сила, поради некого или нешто. „Морав“ затоа што чекав на ваква прилика да го изнесам сето тоа, да го кажам јавно, да им кажам на одредени луѓе што треба да им се каже, да и кажам на Европа, да му кажам на светот. Затоа што некој едноставно, ете, „мораше“.
Немав никакви очекувања, сè уште ги немам; само кажав она што би требало да им биде јасно на сите. Но, апсолутно сум среќна и задоволна што не беше залудно. Многу луѓе ја слушнаа пораката – дури и оние кои не сакаа. Тоа беше мојата цел.