Жителка на Русиново го дигна селото на нозе против огнената стихија
Синоќа точно на полноќ кај месноста Св. Марко, во близина на селото Русиново, избувна пожар кој се закануваше да се прошири кон блиските куќи. Прва што ја алармираше Територијалната противпожарна единица во Берово беше Сања Мирчовска, жителка на Русиново, која веднаш ја забележала опасноста.
Благодарение на нејзината навремена реакција, веќе по кратко време се мобилизирале околу 200 жители од селото, кои сложно и пожртвувано интервенираа со цел да го локализираат и изгаснат пожарот пред да направи поголема штета.
Денес, на местото каде што избувна огнот, сè уште се видливи остатоци од запалените борови дрвја. Како што вели Благој Механџиски – Зегин, кој потекнува од Русиново, опасноста била сериозна, со оглед на тоа што пожарот се доближил до куќите и постоела реална закана за поширока материјална штета.
Во знак на благодарност за нејзината брза и совесна реакција, Зегин денес ѝ изрази јавна благодарност на Сања Мирчовска и ѝ понуди вработување. Воедно изрази огромна благодарност до сите кои помогнаа да се спречи понатамошна катастрофа.