Нападнати полицајци при контрола во локал со малолетници и алкохол.
Нападнати полицајци при контрола во Виница во објект кај Градскиот базен. 34-годишен угостител прво вербално, а потоа и физички нападнал двајца полициски службеници. Инцидентот се случил синоќа, при акција на СВР Штип заедно со неколку инспекторати, од 23:50 до 2:00 часот по полноќ.
Напаѓачот, идентификуван како У.М. од Виница, по нападот избегал и сè уште е во бегство. Министерството за внатрешни работи соопшти дека се преземаат мерки за негово пронаоѓање.
Во контролата биле вклучени инспектори од Дирекцијата за заштита и спасување, Пазарниот инспекторат, Инспекторатот за труд, УЈП и Центарот за јавно здравје – Кочани. Легитимирани се 19 лица, а извршена е проверка врз осум од нив. Во просторот биле затекнати и три малолетни девојчиња, две на 16 години од Виница и една на 14 години од Кочани, кои консумирале алкохол.
По насока од јавен обвинител од ОЈО Кочани, девојчињата биле алкотестирани. Исто така земени се изјави во присуство на родител, како и примероци за анализа. Настанот е третирано како кривично дело „точење алкохолни пијалаци на деца“ по член 204 од Кривичниот законик.