Премиерот Христијан Мицкоски го коментираше навредливото и националистичко скандирање на мечот Македонија-Романија во Куманово. Премиерот рече дека Кошаркарската федерација на Македонија и Општина Куманово го осудија скандирањето, но истакна дека тој „искрено не го забележал додека бил таму“. Според Мицкоски, станувало збор за мала група на луѓе.
-Се приклучувам кон осудата на национализмот и ксенофобијата за време на натпреварот. Упатувам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски и да го бодрат својот и националниот тим на Мкаоеднија. Тоа го прифаќаме како Влада, а сето останато ќе биде предмет на истрага и санкции, без разлика од која страна доаѓа. Уште еднаш го осудувам националистичкото навивање на неколкумина кои што не наидоа на поддршка од останатите присутни во салата, рече денеска Мицкоски при поставување на камен-темелник на нова спортска сала во Воената Академија.
На натпреварот се слушаше националистички антиалбански скандирања од трибините во спортската сала, додека на настанот присуствуваше и владина делегација на чело со премиерот Мицкоски и градоначалникот Максим Димитриевски.
Натпреварот беше прв од квалификацискиот циклус за Светското првенство во 2027 година, а македонската репрезентација загуби од Романија со резултат 72:80. Со овој спортски настан беше свечено пуштена во употреба реконструираната спортска сала во Куманово.