Почитувана амбасадорка на САД,
Почитуван министер,
Почитуван началник на Генералштабот на македонската Армија,
Почитувани припадници на македонската Армија,
Драги гости, пријатели,
За мене претставува голема чест и задоволство што можам да бидам денеска во ова друштво. Зошто? Затоа што кога инвестирате и ја јакнете армијата тоа значи дека инвестирате во траен мир и инвестирате во одбрана на сопствената татковина.
Како претседател на Владата, секогаш еден од моите врвни приоритети била безбедноста на државата, за чување на мирот, стабилноста на државата, бидејќи тоа се основните услови за да можеме да развиваме општество коешто ќе напредува и општество коешто ќе нуди иднина за сите граѓани, нераскинлива алка се разбира од овие амбиции е и македонската Армија.
Денеска присуствуваме на овој настан којшто е продолжение би рекол на настанот што се случи пред една година за којшто зборуваше почитуваната амбасадорка на САД и јас сум навистина горд што ете полека но сигурно се доекипираме, се комплетираме и ја јакнеме македонската Армија.
Тука нема да застанеме, ќе продолжиме и понатаму.
Во насока на дефинирање на приоритетите, нешто за коешто претходно зборувавме со началникот на Генералштабот, со министерот, со амбасадорката и со останатите колеги во годините коишто следат за да можеме да го планираме буџетот, да инвестираме и во развој на државата и во развој на Армијата,
Но исто така кога зборуваме за вложување во Армијата зборуваме и за модернизација и конструкција на двата многу важни коридори, а тоа се Коридорот 10 и Коридорот 8 коишто во суштина не само сега туку и во иднина ќе претставуваат одлична логистика за Јужното крило на НАТО каде што и ние како Македонија припаѓаме и тоа е еден од нашите главни амбиции и планови во годините коишто следат, модернизација на Армијата, снабдување на она коешто е потребно и дефинирање на приоритети и реализирање на тие приоритети од аспект на опрема. Но исто така и модернизација и конструкција на овие 2 важни логистички коридори за НАТО, посебно за Јужното крило на НАТО.
На крај би сакал да се заблагодарам на сите оние коишто се дел од македонската Армија, на војниците, на старешините, на генералите, на началник на Генералштабот, да се заблагодарам на министерот со којшто работиме секојдневно, разговараме што можеме нешто плус да направиме за македонската Армија се разбира, да се заблагодарам на амбасадорката на САД којашто секогаш дава поддршка, секогаш е тука кога треба да разговараме во делот на модернизација на македонските вооружени сили и убеден сум дека како стратешки партнери, можеби ние сме во случајот многу помал партнер споредено со САД, но сме значаен партнер бидејќи партнерствата се градат, партнерствата се одржуваат, партнерствата се негуваат и во таа насока ќе продолжиме во годините коишто следат.
Уште еднаш амбасадорке благодарам за вашата поддршка што ја давате во изминатиот период и нормално Ви благодарам на вас новинарите што секогаш сте тука да ги проследите ваквите промоции и ваквите настани.