Марија Стоилковска, и покрај тоа што живее со целосно оштетен вид, испиша историја во македонскиот образовен систем откако дипломира на Факултетот за правни и политички науки на АУЕ-ФОН, на насока политички науки, а дипломскиот труд го одбрани учејќи од аудиоверзија.
„Марија покажа што значи да се чекори храбро и достоинствено, без отстапување. Твојата сила е инспирација за сите нас! Честитки за дипломскиот труд, твојата приказна нека биде пример за тоа што значи да се сонува храбро и да се оди напред со цврста волја и јасна цел“, објави Универзитетот.
– За мене и за моето семејство, ова значи награда за вложеното во сите изминати години. А за овој успех ми беше потребна поддршка од семејството, од околината, морав да прикажам голема истрајност, борба, активност и капацитет на учење со разбирање – ги сподели Марија првите импресии за Факултети.мк.
Марија често слушала вести и контактни емисии во кои се јавувале граѓани за да ги кажат своите проблеми. Откако го слушнала гласот на народот, посакала да им се посвети на политичките науки надевајќи се дека така ќе може да направи барем мала промена за подобар живот на граѓаните.
– Верувам дека преку политиката како наука може да се подобрат условите и инклузивниот пристап за лицата со оштетен вид. Оптимист сум дека може да има промени – вели Марија