Пред две години, роденденската прослава на Леон, дете со аутизам, се претвори во една од најтажните глетки кога само едно девојче од неговиот клас му дојде на забавата.
Мајката, Амела Мемиш Апостоловска, организирала детска забава со балони, торта и го поканила целото одделение, но дворчето останало празно, а нејзиното срце скршено. Леон имал само една желба – никогаш повеќе да не слави роденден сам.
Ова видео ме прогонува веќе со месеци, па дури и години. Леон седи на столче, во дворот на баба му и дедо му. Околу него празни столчиња. Гледа на часовникот. Минутите поминуваат… но децата не доаѓаат.
Тишината на овие празни столчиња зборува гласно. Повеќе од илјада зборови. Таа тишина е болка што не се гледа на прв поглед болка на дете кое со години трпеливо чека да биде прифатено, видено, слушнато.
Решена да промени нешто, оваа година Амела го организираше првиот инклузивен роденден на отворено, преку кој на сите им одржа лекција за емпатија. На 12-тиот роденден на Леон присуствуваа повеќе од 100 дечиња и уште толку возрасни кои порачаа дека никој не треба да биде сам на роденденот.
„Долги години бев во тишина, а денес мојот сон се оствари. Денес знам дека Бог ја слушнал молитвата на мама. Сакам овој роденден да остане порака до цела Македонија дека сите деца заслужуваат да бидат сакани и прославени“ – рече среќниот славеник.
Фемина.мк