Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, пред граѓаните го презентираше отчетот за својата работа во изминатите четири години. Во своето обраќање тој нагласи дека отчетот не е само збир на бројки и проекти, туку сведоштво за заедничката работа, посветеност и напредок кој бил постигнат.
„Горд сум на секое реализирано дело – од изградбата и реконструкцијата на училишта и градинки, преку подобрувањето на патната инфраструктура, до инвестициите во спортот, културата и животната средина. Ова е резултат на нашата заедничка енергија, транспарентност и одговорно управување,“ истакна Пецаков, додавајќи дека пред Општината стојат нови предизвици и уште поголеми цели.
Инфраструктура и образование
Во изминатите четири години асфалтирани се 30 километри улици и краци, со инвестиции од над 300 милиони денари. Паралелно се работело на водоводни и канализациони линии, со што, според Пецаков, значително е подобрено секојдневието на охриѓани.
Во делот на образованието, градоначалникот посочи дека за прв пат по неколку децении е изградена нова училишна зграда за ОУ „Кочо Рацин“, опремена со современа технологија. Изградена е и спортска сала во с. Лескоец, додека скоро сите училишта и детски градинки биле реконструирани и опремени со нова опрема.
Проекти за развој и туризам
Особено место во отчетот зазема проектот „Ohrid Go“, финансиран од ЕУ со над 700.000 евра. Во рамки на овој проект изграден е авантуристички парк, памп-ап трака за велосипеди и поставени 25 електрични велосипеди со пет станици, како и 7 електрични возила за транспорт на туристи во Стариот град.
Општината субвенционирала занаетчии и започнала поставување на унифицирани рекламни паноа низ чаршијата и главната улица, со цел зајакнување на туристичката понуда.
Социјална заштита, спорт и млади
Во социјалната сфера се отворени дневен центар за стари лица и игротека за лица со попреченост која прерасна во дневен центар. Поддржани се и згрижувачки семејства, доделени стипендии и еднократни парични помошти за ученици и студенти.
Пецаков потенцираше дека Општината инвестирала и во спортот преку изградба и реконструкција на спортски објекти, како и поддршка за младите талентирани спортисти. Отворен е и првиот Младински центар во Охрид, кој веќе станал позитивен пример на национално ниво.
Култура и фестивали
Во делот на културата, посебен акцент е ставен на проектот „Културата расте со децата – За сите деца“, со кој се организираат редовни културни и едукативни настани за најмладите. Дигитализирани се 11 книги од „Охридското книжевно наследство“, како и споменици и спомен-обележја преку изработка на дигитална мапа.
Успешно се организирани фестивалите „Ohrid Wine Festival“, „Ohrid Water Festival“ и „Охрид Џез фестивал“.
Нови проекти одобрени од Владата
Пецаков најави дека следува реализација на уште повеќе капитални проекти, меѓу кои изградба на катна гаража, реконструкција на улици во повеќе населби и села, модернизација на водоводната мрежа и развој на јавните простори долж Кеј Македонија.
„Убеден сум дека со истата, па дури и засилена динамика, ќе продолжиме да создаваме за нашиот Охрид,“ порача градоначалникот Кирил Пецаков.