По јавната расправија помеѓу Митко Јанчев и Спасен Силјаноски, со свое обраќање се јави и познатиот пејач Ефто Пупиноски. Со силна и критичка порака, тој упати остри зборови и за колегите и за политичарите, но и за македонското општество во целина.
„Господине Спасен, ги почитувам твоите напори, ама пред сè требаше да се консултираш со мене – овие теми јас ги отворам уште пред половина век. Сум укажувал на решенија, сум се впуштал во оган и сум останувал сам. За тоа сум добивал навреди, сопки и клевети, а мојата фела ме нарече ‘незгоден’“, напиша Пупиноски.
Тој остро ја критикува македонската навика да се поддржува туѓото на сметка на своето:
„Нашите патриоти полупијани го вејат знамето и рецитираат ‘Македонијо во срце те носиме’, а потоа свршуваат на српска шунд музика и строго водат сметка македонските пејачи да не се збогатат. Нашите великани Христоски, Сариевски, Бадев, Илиева – умреа сиромашни, додека ‘ѕвездите од север’ беа преплатувани и обожавани.“
Пупиноски посочи и на неорганизираноста на естрадата:
„Ние како естрадна фела во Македонија официјално не постоиме. Немаме синдикат, немаме заштита, немаме законска регулација. Затоа никој не застана во одбрана на пејачите кога им беа откажани настапи во дијаспората.“
На крај, неговата порака е мрачна:
„Господине Спасен – ни нема спас. Најголемиот проблем е чипот во главата на македонскиот патриот.