Директорот на Регионалната дирекција во Русе на Министерството за внатрешни работи на Бугарија, вишиот началник Николај Кожухаров, 40 минути по полноќ е нападнат од четири машки лица на возраст меѓу 15 и 19 години додека се враќал дома од теретана.
Откако им дофрлил на младинците што се возеле со автомобил брзо и опасно во тесна улица, тие застанале и физички го нападнале, иако им се претставил.
„Колку што разбрав, еден од напаѓачите изјавил дека не го интересира кој е тој. Преку напорите на сите институции, се надевам дека отсега натаму само тоа ќе го интересира и дека неговиот личен простор ќе биде многу, многу стеснет. Нападот врз институциите на Бугарија – секој полицаец ја претставува државата – ќе биде многу строго гонет. Стигнавме дотука поради ерозијата на бугарските институции во последните години“, изјави министерот за внатрешни работи Даниел Митов.
Кожухаров е на интензивна нега и е надвор од животна опасност, но загубил над 1,5 литар крв и докторите одвај му го спасиле едниот бубрег. Од болницата повикаа да се дарува крв од групата А позитив за шефот на полицијата.