Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека секунди го делеле да си даде оставка од морални причини по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но дека го разубедил таткото на полицаецот од Радовиш кој загина во кобната вечер.
Јас размислував во тој период да дадам оставка и бев многу блиску да го сторам тоа од морални причини. Но кога бев на погребот на полицискиот службеник кој загина во онаа ужасна несреќа која ја имавме, ми пристапи таткото на истиот и пред повеќе од 2-3000 луѓе, едно десетина секунди откако го спуштија телото на неговиот син во земја, ми порача дека ме прати од кога сум започнал со оваа функција, и дека ме гледа дека се кршам морално, но најголема грешка која и би ја направил на Македонија би било да се повлечам, дека тоа би било најлесно да го сторам, но и најпогубно за Македонија во тој момент, и дека очекува од мене максимално професионално и максимално посветено да се посветам во овој период во расчистување како на тој случај така и на сите останати криминали кои ја разораа државата изминативе 30 години.
Така да, тоа беше иницијалниот момент зошто во тој момент одлучив така како што одлучив, рече Тошковски во денешното интервју за РСЕ.