37-годишниот Љупчо Бојчевски од Скопје е единствениот Македонец осуден на затворска казна за учество во странска војска во конфликтот во Украина, борејќи се на руска страна. Тој е осуден на четири години затвор, а на судењето изјавил дека се кае за стореното, што е забележано и во пресудата, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).
Според законот воведен во септември 2014 година, целта е да се спречи заминување на македонски државјани во странски конфликти, претходно поврзани со формации како ИСИС. Случајот на Бојчевски е прв поврзан со војната во Украина, која започна со руската инвазија во 2022 година.
„Бев на забрзана обука и веднаш испратен на фронт. Сум видел непријатни сцени и колеги кои правеле ѕверства“, изјавил Бојчевски.
Тој тврди дека се борел од лични убедувања и дека месечно требало да добива 3.000 евра.
Државните институции нагласуваат дека ова се индивидуални случаи и нема организирано регрутирање на македонски државјани за конфликтот во Украина.