Новинарот Бранко Героски во својата објава за случајот „Рекет“ објаснува дека се стега обрачот околу Зоран Заев и оти Фросина Ременски и Боки 13 ќе ја кажат вистината за овој случај и каде завршиле парите.
Геро објаснува дека Ременски и Јовановски се свесни дека ќе добијат високи затворски казни и оти не сакаат да бидат единствените виновници.
Еве што сакав да му кажам на другарот Заев, драги мои.
Опасниот советник
Прво, не бев сосема сигурен дали Знае знае кој е човекот кој ја оркестрира не само целата медиумска операција на Бојан Јовановски во Македонија (1ТВ со нејзините „мегаѕвезди“), го гради неговиот имиџ на добротвор и активист во граѓанското општество и со него соработува на најразлични начини, меѓу другото и финансиски. Поточно, секако дека премиерот Заев морал да знае за големата поврзаност на еден свој многу важен советник од странска земја со Јовановски, но не бев сигурен дали има јасна претстава до каде води тој канал и што сѐ од таа линија на влијание може еден ден да се изроди. Тогаш, во една прилика, српскиот претседател Александар Вучиќ ја даде онаа негова прочуена изјава „ја сам рекао Зајеву…“ во врска со скандалот, после што ми стана совршено јасно дека Заев сепак не е способен да ја процени политичката штета од инволвираноста на својот советник во овој скандал.
Инаку, да знаете една работа што можеби не сте ја знаеле. Со должна почит кон „медиумскиот гениј“ Бојан Јовановски, главната конфигурација на 1ТВ ја состави и јадрото на „ѕвездениот тим“ го избра токму тој советник на Заев, веројатно во консултација со луѓе од опкружувањето на премиерот. Истиот човек ја подготви и „евакуацијата“ на истиот тим по пропаста на 1ТВ и го дизајнираше и новиот телевизиски проект, во медиум во кој советникот на Заев има и сериозно влијание, но и многу близок пријател во сопственичката структура.
Моите информации се дека истиот човек во почетокот го менаџирал и движењето на парите собрани во рекетирањето од страна на талентираниот Боки, на неговите асистенти од Меѓународен сојуз, но – сега конечно мора и тоа да се каже! – и на еден човек од екипата на 1ТВ, кој сепак бил инволвиран во рекетирањето на бизнисмените. Така било во почетокот. Подоцна, откако државниот врв ќе сфати дека под негово покровителство се рекетираат милиони (се сеќавате на онаа реплика „многу си го обрал друже“?), во контролата на рекетот ќе се вклучи и човек од најголема доверба на Заев, човек за кого велат дека без него не може да се стокми ниту еден бизнис во земјата и кој не седнува на маса без аванс од извесна сума евра, без оглед на исходот на зделката. Знаете на кого мислам, нели?
Но, тоа не е сѐ. Ни советникот на Заев, ни неговиот многу близок човек што ги контролира бизнисите, најмалку пак исфрустрираната Фросина Ременски, не се тие што ги споија Боки Јовановски и Катица Јанева.
Создавањето на тој неверојатен рекетарски тандем, според моите информации, е дело на најмалку четири лика: носител на акцијата е блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ (која, како што слушам, после изборите планира евакуација од извршната власт), идеолог е еден наш познат интелектуалец кој остварува значајна блискост со Јанева веднаш по нејзиното назначување, човек за врска е еден наш познат новинар кој е близок и со неа и со Боки, а целата операција сепак не можела да помине без знаење на самиот Заев.
Всушност, на таа средба со Заев што не се оствари, јас сакав директно да го прашам премиерот – друже, дали ти го одобри создавањето на рекетарскиот тандем на столетието, или некој ти подметна кукавичко јајце?Сега веќе не сакам и не морам ништо да прашувам. Сега буквално сѐ ми е јасно. Единствено не можам да предвидам како ќе се однесуваат обвинетите во аферата „Рекет“, дали ќе молчат и ќе го преземат товарот на вината (измерен во долгогодишни затворски казни, какви што очекува предизборно воспалената јавност), или сепак ќе проговорат за целата вистина.
Дали е Боки будала да лежи за сите?
Порталот Вечер, кој се потврди како добро информиран за некои клучни аспекти на аферата, тврди дека во петокот на 20 декември, во исказ пред обвинителката Вилма Русковска, запишан на 30 страници текст, Бојан Јовановски кажал сѐ. Дури и тоа дека поголем дел од парите што ги зел од рекетот (наводно околу 7 милиони евра) ги предал на луѓе блиски до Заев, вклучувајќи и извесен В.З. Не знам дали е тоа точно, но моите извори уште минатото лето ме известија дека во телефонот на Боки навистина чуда имало и дека ништо не било избришано. За разлика од Катица, Боки не бришел. Меѓу чудата имало и снимки од комуникации на Бојан Јовановски со луѓе многу блиски до Заев, некакви белешки во апликација за пишување (таму наводно била спомната и Фросина Ременски) и куп други докази кои, според порталот Вечер, обвинетиот Боки сега сака да излезат на виделина.
Пак ќе речам, не знам дали е тоа точно, но многу добро се сеќавам на написите во српските весници „Курир“, „Ало“ и „Информер“ дека ако дојде густо, ако Бојан Јовановски почувствува дека ќе биде ставен на клада за другите да преживеат, има депонирано докази кои ќе ја откријат вистината. Можеби тогаш тоа биле само закани на еден очаен човек, но сега Јовановски се соочува со тешка пресуда и сигурно си го поставува прашањето – па дали сум јас будала да лежам за сите нив? На тоа укажува фактот дека Боки сега се претставува како политички затвореник, се чувствува загрозен и дека е под закана од физичка ликвидација. Да ви кажам право, му верувам за заканите, бидејќи се слуша дека во околината на Заев има еден нему близок човек кој има обичај и така да се заканува.
Не знам како ќе се однесува Фросина Ременски, која е обвинета за дело за кое може да заработи затворска казна. Како вистинска бомба одекна нејзината изјава дека очекува соработка со новиот министер за внатрешни работи, кој, како што рече, можеби ќе имал сенс за некои прашања кои што не биле отворени во изминатиот период. СДСМ после се обиде невешто да ја спинува оваа изјава, но факт е дека таа беше дадена во контекст на аферата „Рекет“. Зошто Фросина Ременски, која беше тивко елиминирана од врвот на СДСМ, би го презела врз себе товарот на одговорноста и за луѓето кои ги влечеле конците на аферата од позадина и го собирале кајмакот?
Конечно, но не и неважно – што ли значеше онаа загадочна реплика „Заев заврши“, од устата на обвинетата Катица Јанева? Ќе пропее ли и Катица Јанева?
Она што го знаеме за „Рекет“ е само врвот на ледениот брег
Ако се обелоденат новите искази на Бојан Јовановски, ако има нови искази на засегнатите (не само на Фросина Ременски, нешто ми кажува дека и Зоран Милевски Кичеец го нема кажано последниот збор), веројатно целата јавност непосредно ќе се осведочи дека покрај актерите на аферата „Рекет“, обвинети и исфрлени во прв план – Боки, Катица, Фросина и другите – неколку луѓе од втор план ги влечат конците и го собрале кајмакот.
Се надевам дека нема да се лутите што нема да ги именувам овие луѓе, но јасно ќе посочам на нив – тоа се блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ, многу близок советник на Заев од една странска земја, познат интелектуалец и познат лик од 1ТВ кои ги воспоставуваат линковите меѓу Боки и Катица, а најстрашно од сѐ, многу близок човек на Зоран Заев, кој ги менаџира и ги контролира сите поголеми бизнис зделки во земјава. Конечно, останува отворено прашањето дали целата операција е водена со дозвола на Заев, или и Заев бил само „изманипулиран“.
Во поглед на политичката одговорност на овие луѓе, јас одамна донесов пресуда. Но, ако обвинетите одлучат да проговорат, нема да биде изненадување ако има и нови обвиненија, како што најавува порталот Вечер. На овој или на оној начин, вистината полека се дознава и станува јасно дека она што до сега го знаеме за „Рекет“, сепак е само врвот на ледениот брег.
Целиот текст на Плусинфо.мк