Бројни се македонските училишта од каде децата се испишуваат, и заминуваат во странство заедно со родителите.
Дел од учениците веќе заминале, а некои допрва најавуваат дека ќе го прекинат школувањето во Македонија. Во селото Скудриње во Западна Македонија, основното училиште „Блаже Конески“ во 1996 година имало 580 ученици, а денес има 162 ученика. Директорот Зурат Куртоски, кој 40 години работи во образование ги наведува овие бројки како пример за тоа колкав е одливот.
„Оваа година заминаа 5 ученици, од октомври наваму, а за следната година уште 5 ученици ќе си одат, тоа родителите ми го најавија. Колку има ненајавени што ќе заминат, не знам, навистина тоа е штета. Ние тој бран не можеме да го спречиме. 90% од нив одат во Германија или Италија. Скудриње има индустриски погони, егзистенцијата не е загрозена, но луѓето бараат подобар живот“, вели тој.
Од основното училиште „Благој Кирков“ од Велес велат дека секоја година по неколку ученици го прекинуваат образованието од истите причини.
„Децата со родителите одат за Германија, но се надевам дека тој одлив ќе се намали“, велат оттаму.
Во селото Моноспитово, Струмичко каде функционира основното училиште „Борис Трајковски“ објаснуваат дека сега имаат стагнација со одливот на деца.
„Веќе две години таа појава стагнира, а претходно заминуваа по 5-6 ученици годишно. Децата се отселуваа во Швајцарија и Германија“, рече Соња Вучковска, директорка на „Борис Трајковски“.
Aлармантно е во малото гратче Пехчево, во Источна Македонија.
„Оваа година ни се испишаа 2 деца, а во јуни откако ќе заврши учебната година ќе се иселат уште 4 деца. Тие ќе одат во Германија. Кај нас е ова алармантно, затоа што ние изгубивме многу деца. Од 521, сега имаме 306 деца“, вели Добрила Јовевска, директорка на основното училиште „Ванчо Китанов“.
Во „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип скоро се испишале 5 деца, од две семејства, односно едно семејство со три, и друго со две деца заминале надвор од државата.