Конфедерација на слободни синдикати на Македонија предлага анти кризни мерки за борба против ковид -19, нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
-Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС во период на вонредна состојба предизвикана од пандемија од корона вирусот, а во неможност својот став да го искаже легитимно на Економско Социјалниот Совет(ЕСС), затоа што реално не функционира, како општествено одговорна организација чувствува потреба и одговорност да предложи сет на мерки и план за излез од кризата за стопирање на вирусот кој секојдневно се побрзо се шири и економски спас на стопанството кое е во екстремно тешка ситуација, и крајна цел спасување на работните места на работниците.
КСС е премногу загрижен од рестриктивните мерки кои ги предлага една од партиите на власт (СДСМ) како и предвидувањата на министерот за здравство Венко Филипче, дека пикот на епидемијата ќе биде кон средината на април со најмалку 2000 заразени лица. Знаејќи дека повеќе од 10 000 граѓани се во карантин или самоизаолација, што секако е загрижувачки за нормалниот животот на граѓаните, јасно е дека тоа ќе биде уште поголем удар врз стопанството.
Од тие причини, КСС упатува барање до одредени институции:
Банките итно да се произнесат за времетраењето на одложување на отплата на ратите од кредитите и да испратат пораки или електронски да ги известат граѓаните. Ова го предлагаме затоа што почнува да се прави метеж пред експозитурите, пред се од работниците кои добија отказ.
Владата да се произнесе попрецизно и да донесе Уредба за одложувањата на извршните решенија.
Владата да направи стратегија, изнајде решенија за надминување на оваа криза, каде што ќе има минимум губење на работни места, без намалување на платите на вработените во јавниот сектор.
КСС бара од Владата како социјален партнер, да не носи избрзани чекори и уредби од сверата на социјално економскиот статус на работниците, без консултација со синдикатите.
КСС, разгледувајќи ги состојбите и изготвувајќи темелни анализи и претпоставки, предлага ефикасна мерка за ставање на епидемијата под контрола, од причина што овие мерки очигледно не ги даваат посакуваните резултати и бројот на заразени луѓе од ден на ден се повеќе расте.
Заради тоа КСС предлага:
Прво, пред влезот во маркетите задолжтелно дезинфицирање на рацете, честа дезинфекција на подот и делење маски за влез во маркет, како и мерење телесна температура на сите.
Исто така предлагаме да се фаворизира On line продажбата, на сметка на традиционалното пазарење во маркетите. Доколку оваа мерка се примени, предлагаме трговските претпријатија за храна да работат во скратена една смена.
Имајќи предвид дека претпоставките се дека епдемијата ќе го доживее пикот на средината на април, а тогаш е и големиот христијански празник Велигден, постои опасност вирусот да не опфати во уште поголеми размери. Заради тоа, предлагаме од 04 Април до 20 Април да се прогласат за неработни денови, затоа што и во тој период има само 9 (девет) работни дена поради празникот Велигден (а севкупно се седумнаесет денови). Товарот за плата односно дневници за тие денови на работниците да го преземе 100% државата, освен моќните претпријатија и фирмите кои остваруваат и во вакви услови профит, со што ќе покажат солидарност и сами ќе го понесат товарот за плати.
Со оваа мерка ќе бидат опфатени околу 180 000 работници, кои се најзагрозени, што за 9 (девет) дена знаејќи го просекот на плати на тие што се сега загрозени не би ја чинела државата повеќе од 20 милиони евра.
Во периодот од 4 Април до 20 Април полицискиот час би бил многу порано и би траел многу повеќе.
Исто така предлагаме, во тој период да се направат дежурни тимови во администрацијата кои би работеле со скратено работно време, со цел да се реализираат само итни и неодложни предмети, секако битни за непречено функционирање на државните органи.
Максимална опременост со заштитни средства на сите изложени на ризик во овој период, пред се здравствените работници, полицијата, армијата, судската и затворската полиција, инспекторатите, царинарниците и сите останати во јавниот и приватниот сектор ( аптекари, трговци, дистрибутери…) кои се потребни за нормално функционирање на државата.
Полицијата во периодот од 4 Април до 20 Април строго да го контролира излезот и влезот во секој поголем град и по нивна процена и во населени места каде што ќе проценат ризик и жариште на корона вирусот.
Со овие мерки, сигурни сме, ќе се спречи групирањето и масовното движење на граѓаните и ќе помогне на надлежните во релативно краток период да ги лоцираат граѓаните кои се носители на вирусот, како и негово ширење. Во овој временски период, од 4 Април до 20 Април, со прогласување на неработни денови за сите (со исклучоци на клучни дејности) и максимално ограничување на движењето, во домашни услови би поминал периодот на инкубација на заразени лица, со помасовни тестирања би се детектирале, изолирале, и би се спречило понатамошното ширење на вирусот.
Мерките кои сега се во сила, модифицирани да продолжат и по 20 Април, знаејќи дека во тој период има опасност од масовни собирања заради верски празници како што е почетокот на Рамазанските пости кои почнуваат на 24 Април како и прзникот 1 Мај.
Ваквите порестриктивни мерки секако ќе придонесат за многу побргу и поедноставно ставање под контрола на епидемијата, а со тоа и побрзо заздравување на стопанстовото, особено на оние гранки кои се најмногу погодени, како на пример такси превозниците, угостителите, занаетчиите, берберите и фризерите и.т.н.
Како второ, предлагаме Владата во тој период да направи задолжување и да започне со екстремно брзо темпо во реализација на веќе постоечките капитални проекти, но и да се направи план за отпочнување на нови проекти. Нашето убедување е дека во период на економска криза, еден од успешните начини за излегување од неа е инвестирање во капитални инвестиции, ангажирање на што повеќе работници и компании, давајќи приоритет на домашниот бизнис сектор.
Како трето, бараме да се отпочне и направи солидарен фонд на национално ниво за работниците кои го изгубија или ќе го изгубат работното место, со што би им се помогнало во преживување на оваа тешка година за сите нас.
КСС има морална обврска кон сите работници и граѓани на Македонија да даде свој придонес во надминување на кризата предизвикана од корона вирусот, особено од социјално економски аспект. Гранските синдикати во КСС особено се загрижени од најавите за намалување на платите во јавниот сектор, губењето на работните места во приватниот сектор, период на економска криза, инфлација и т.н..
Од тие причини, Извршниот одбор на КСС ги усвои овие предлог мерки кои ќе ги упати до Владата на Р. Македонија, со надеж дека сериозно ќе бидат разгледани и усвоени. Исто така, Извршниот одбор на КСС донесе Заклучок дека енергично ќе се спротивстави на идејата за намалување на платите во јавниот сектор, во висина на минималната плата од 14 500 денари. Упатуваме и апел до верските заедници да ги повикаат граѓаните да останат дома во периодот на големите Христијански и Муслимански празници, со што сите заедно ќе допринесеме за стопирање на оваа пандемија.
На крај повикуваме на солидарност од стопанството кое располага со поголем капитал, од работниците кои имаат можност да ги користат слободните денови и одморите. Очекуваме од државата да направи максимални напори, прифати добронамерни сугестии и изнајде средства, како би се пербродила оваа криза без намалување на плати и губење на работни места, пишува во нивното соопштение.
Извор:Republika.mk