Само со работа, единство и контрола се постигнало искоренување на маларијата, кажува денес Трпеноски, учесник во тимот за спроведување на мерките во Охридскиот Регион
Светот денес го тресе голема криза поради коронавирусот. И додека луѓето се во исчекување на вакцината и лекот за спас на човештвото, заборавени се болестите што пред 100-ина години беснееле низ светот, на пример, маларијата. Иако Ковид-19 е заразна болест што прерасна во светска пандемија и сее страв, одземајќи многу човечки животи и во моментов е мистерија и е неспоредлива со маларијата, сепак, сведоштвата за болеста која во минатото одзеде милиони животи во светот се потсетување дека човештвото отсекогаш било исправено пред предизвици да се бори со тешки болести.
Маларијата била совладана со упорност, но и наука
Тoa се случило и со борбата против маларијата која траела многу долго. Била совладана на светско ниво со упорност на експерти, здравствени работници и поддршка на Светската здравствена организација дури по Втората светска војна. Денес, охридскиот Здравствен дом го носи името „Маларична“ како потсетник на тие тешки времиња.
Oхридскиот здравствен дом го носи името „Маларична“
Маларијата била честа гостинка во домовите на охриѓани и стружани, како и во многу македонски градови на почетокот од 20 век. Населението многу често се соочувало со тешки здравствени и социјални проблеми кои се должеле, пред сѐ, на лошата комунална инфраструктура и големите мочуришта што биле легло на комарци. Болеста се манифестирала со напади на треска и истоштеност. Доведувала до масовна анемија, телесна и душевна заостанатост и го смалувала прирастот на населението. Маларијата многу често завршувала фатално со маларична треска, која била најтешката компликација на болеста. Во периодот меѓу 20-тите и 30-тите години од 20 век ваквите лоши здравствени состојби во Охридско-струшкиот Регион ги поттикнувалe луѓето да бараат начини како да ја спречат појавата на маларија. Почнaле да се расчистуваат мочуриштата и да се школуваат доктори за да ги лекуваат жителите.
Во Втората светска војна во Македонија имало 18.000 заболени од маларија
Охриѓанецот Миле Трпеноски во 1958 година, по завршување на средното медицинско училиште во Скопје, се вклучил во тимот за искоренување на маларијата во тогашниот завод за здравствена хигиенска заштита.
Во средината на 50-тите години од 20 век почнала посериозна борба со помош на Светската здравствена организација. Во 1955 година Светската здравствена организација во Мексико донела одлука за ерадикација на маларијата на Балканот и Европа.
– Заложбите на Светската здравствена организација да се уништи маларијата на Балканот и пошироко биле придружени со давање помош со лекови и хемиски препарати кои вродиле со плод. Терените каде што беа леглата на комарци беа третирани со хемиски препарати, а беа дистрибуирани ефикасни лекови како кинин. Светската здравствена организација го реализира искоренувањето на маларијата во 4 фази – раскажува Трпеноски.
Само со работа, единство и контрола се постигнало искоренување на маларијата, кажува денес Трпеноски.
– За време на Втората светска војна во Македонија биле регистрирани 18.000 заболени од маларија. Ова не била точната бројка, таа била многу поголема. Луѓето немале пари и не оделе на лекар, а болеста брзо се ширела и бројот бил поголем од регистрираните. И на фронтовите многу војници умирале или биле повлекувани заради болеста маларија и завршувале во воените болници – вели тој.
Се граделе центри за лекување маларија
Трпеноски раскажува дека маларија доаѓа од италијанскиот збор „мал“ што во превод значи лош. Порано се претпоставувало дека болеста се пренесува од лошиот воздух. Се појавувала покрај мочуришта, бари, реки каде што се развивале комарци.
– Но, причина за болеста маларија е крвна протозоа, паразит од родот плaзмодиум, кој го пренесува женскиот комарец со каснување на човек. Во борбата против маларијата важни беа лекарите-малариози, подоцна наречени епидемиолози, кои ги лекувале луѓето. Пионери во охридското здравство биле лекарите д-р Ристо Бавчанџиев, д-р Благоја Блаже Арнаудов и д-р Љубен Савев, кои завршиле студии по медицина во Германија – вели Трпеноски.
Семејството Каваеви
По завршување на Првата светска војна со воената репарација во СХС речиси во секој град биле изградени маларични центри, здравствени домови и амбуланти. Во 1924 година во Охрид и во Струга биле донесени декерови бараки, во Охрид биле поставени на просторот кај денешниот Здравствен дом „ Маларична“. Амбулантната станица по нив го добива истоимениот назив кој се употребува до денес. Трпеноски ги споделува и случувањата во периодот од 20-тите години од 20 век во Струга и Охрид, од она што го слушал од кажувањата на повозрасните колеги при обидите во справување со причините за појавата на маларијата.
– Стружанецот д-р Владимир Каваев и неговата сопруга, Русинката д-р Елена по завршувањето на студиите дошле во Струга и издејствувале со нив да дојде и д-р Никола Незлобински за да работат на уништување на маларијата. Тоа значело санација на ѓубриштата, мочуриштата и блатото. Д-р Кавај, како градоначалник на Струга, при справувањето со маларијата започнал со чистење на речното корито на Црни Дрим. Во 1924 година пробале да го исчистат со воловски запреги, но не успеале. Во 1926 година обезбедиле средства од Рокфелеровата фондација и купиле багер. Меѓу стружани и охриѓани до ден-денес се прераскажува анегдота поврзана со санацијата на мочуриштето. Со малото вовче дошол багерот, а стружани му приредиле свечен пречек мислејќи дека станува збор за господин по име Багер – раскажува со насмевка Трпеноски.
Д-р Елена со медицинскиот персонал
Во Македонија дури на крајот од 60-тите години биле евидентирани само околу 400 случаи. Во охридско-струшката околина последните случаи на маларија биле евидентирани пред пет и пол децении.
Денес, со драстична промена на начинот на живеење, со изградба на современа инфраструктура, редовно прскање против комарците, како и ефикасните лекови може лесно да се дише и да се заборави на маларијата, болеста која некогаш го пустошела населението во овој регион.
Извор: Факултети
Подготвил: Валентина Неловска