Во разговорот за МКД.мк на оваа тема министерот Никола Димитров вели дека во оваа Изјава има многу еднострани услови од бугарска страна што во голем дел се спротивни и на одредбите од Договорот за пријателство и добрососедство. Македонскиот јазик е клучен и нераскинлив елемент на нашиот национален идентитет, вели шефот на македонската дипломатија.
Изјавата на Бугарија во однос на преговарачкиот пакет главно се повикува на Договорот за пријателство. Дали сметате дека нивните барања се надвор од рамката на Договорот?
– Советот за општи работи на ЕУ на 24 март (формално на 25 март) едногласно, вклучувајќи ја и Бугарија, безусловно одлучи да ги отвори преговорите со Северна Македонија. Ваквиот заклучок на 26 март едногласно беше одобрен и од шефовите на влади и држави во Европскиот совет. Оперативниот пасус на заклучокот на Советот во делот на Северна Македонија не содржи ниту еден услов.
Изјавата на Бугарија вложена отпосле во записникот од усвојувањето на заклучоците на Советот за општи работи претставува стриктно унилатерална интерпретативна изјава, која не може да го исклучи или измени правниот ефект на одлуката за почеток на преговорите, ниту значењето и опфатот на заклучоците. Бугарија во изјавата експлицитно се повикува на „свое разбирање“ на имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и рефлектирајќи ја позицијата на нивниот парламент од октомври минатата година, наведува редица еднострани услови, кои во огромен дел не само што немаат никаква поткрепа во Договорот, туку се и спротивни на неговите одредби.
Барањето за македонскиот јазик се коси со основните европски вредности. Добрососедските односи се двонасочна улица. Пријателството подразбира почит и разбирање за другиот. Самиот Договор за пријателство во преамбулата вели дека двете страни се „длабоко убедени во потребата од развој на соработката врз основа на меѓусебното почитување, доверба, разбирање, добрососедство и заемно почитување…“. Македонскиот јазик е кодифициран во 1945 и денес е глобално призната реалност. Се изучува на лингвистичките катедри на многу светски универзитети. Тој е целосно оформен литературен јазик, во семејството на словенски јазици и дел од модерното европско јазично богатство.
На глобално ниво формално е афирмиран на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња во Атина во 1977, а беше и еден од трите официјални јазици во поранешната СФРЈ, покрај српско-хрватскиот и словенечкиот јазик. Македонскиот јазик е клучен и нераскинлив елемент на нашиот национален идентитет.
Затоа, нарекувањето на македонскиот јазик како „таканаречен” е навредливо за македонскиот народ. Наместо кон зближување, ваквите позиции водат кон оддалечување и рушење мостови, а воопшто не одат во прилог ниту на величината на нивните творци, ниту на сликата на европска Бугарија.
Ова барање, можеби предизвикано од внатрешнополитички наддавања, не произведува пријателство, туку ќе создава непријателство. Според меѓународното право, јазиците не се предмет на признавање, ниту на негирање од страна на државите, но во 21 век во Европа, правото на самоопределување и самоизјаснување не може да биде спорно. Прифаќањето на сегашноста и на минатото, еден благороден процес што го почнавме со Бугарија, мора да се темели токму на ова право.
Како на хероите од минатото, кои се значајни и за македонскиот и за бугарскиот народ, така и на живите Македонци.
Меѓу другото, во Изјавата на Бугарија, билатералната јазична формула што двете земји ја употребуваат во меѓусебните договорни односи од 1999 година, не е воопшто коректно цитирана. Потенцирам дека оваа формула, стриктно билатерална, е симетрична и реципрочна, и се однесува како на македонскиот јазик, така и на бугарскиот јазик. Барањето оваа формула да ја користи ЕУ во својата суштина е антиевропско и во смисла на европските вредности за почитување на културните и јазични различности, кои го чинат европското културно наследство и во смисла на европските принципи утврдени во Лисабонскиот договор и во Повелбата за фундаментални права на Европската Унија.
Тука е и барањето за „заборавање“ на македонското малцинство?
– Доследното почитување на Договорот, од Северна Македонија значи немешање во внатрешните работи на Бугарија (исто така и наша уставна обврска кон сите соседи), но не значи и не може да значи откажување од нашите обврски како демократска држава, членка на ОН и Советот на Европа и договорна страна на сите релевантни меѓународни мултилатерални договори за заштита и промоција на човековите права. Впрочем, во членот 14 од Договорот децидно стои дека тој „на никаков начин, нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори, чии страни се“ двете држави. Ние веруваме и ќе продолжиме да веруваме и да ја поддржуваме меѓународно-правната заштита на човековите права, вклучително и правата на припадниците на националните малцинства. Понатаму, беспредметна е која било декларација, на која било држава, вклучително и на Северна Македонија, со која се декларира постоење или непостоење елементи или факти за припадност кон кое било национално малцинство. Припадноста кон одредено национално малцинство е прашање на индивидуално самоопределување и самоидентификација и не се утврдува врз основа на политички декларации на државите. Тоа начело целосно го почитуваме и ќе продолжиме да го почитуваме и во однос на сите македонски граѓани, вклучувајќи ги и тие што се изјаснуваат како етнички Бугари.
Дел од барањата одат дури и против Договорот од Преспа? Како тоа ќе помине во Брисел?
– Преспанскиот договор е правна основа за конечно заокружување на постапката за членство на Северна Македонија во ОН и бришење на референцата поранешна Југословенска Република Македонија, која беше пролонгирана врз основа на две резолуции на Советот за безбедност на ОН од 1993 година. Врз основа на принципот на еднаквост и суверени права на државите личната карта на Република Северна Македонија во номенклатурата на ОН (вклучувајќи го и македонскиот јазик) се глобална референца што никој, освен Северна Македонија, не може да ја смени. Консеквентно, сите меѓународни организации, вклучително и ЕУ, се должни да ги почитуваат и да ги применуваат атрибутите за Северна Македонија, вклучувајќи го и македонскиот јазик и кратенката МК или МКД.
Во оваа смисла, полното име на нашата држава, Република Северна Македонија, и краткото име, Северна Македонија, се еднакво валидни и треба да се употребуваат во меѓународните односи, вклучително и во ЕУ. Истовремено, повеќе од јасно е дека, полното и краткото име на нашата држава не се и не може да бидат интерпретирани како географска референца за кој било регион, туку само како имиња на суверена држава со точно определени граници, како политички ентитет во меѓународните односи.
Додавањето на географската одредница „Северна“ (придавка) кон името „Македонија“ (именка) за сите употреби беше единствено можно паралелно со, како што неодамна резимираше самиот медијатор Нимиц „глобално прифаќање на идентитетот на народот … дека тие се Македонци што говорат македонски јазик“. Не може да се замисли Европската Унија, која конзистентно повикува на имплементација на Преспанскиот договор, самата да не го почитува, заедно со сопствените вредности и меѓународното право.
Може ли процесот на преговарање да застане? Каде е нашиот маневарски простор?
– Ние како и досега планираме засилена комуникација и консултација на политичко ниво со Европската комисија, со Бугарија, како и со останатите земји членки на ЕУ. Исто така ќе продолжиме со доследно, во добра волја, проактивно и опипливо спроведување на Договорот за пријателство, како и негова редовна евалуација низ воспоставените билатерални механизми. На вкупно 9 средби Комисијата за образовни и историски прашања донесе заклучоци за заедничко чествување на 6 личности од средновековниот период.
Усогласени се препораки за подобрување на учебниците за античкиот и средновековниот период до 18 век. Ова се значајни резултати за релативно краток временски период, споредено со компаративни искуства на вакви заеднички комисии на други држави. Во овој контекст се посебно значајни позитивните европски и светски искуства засновани на принципите и препораките на УНЕСКО и Советот на Европа.
Со Софија почнавме еден исклучително важен и сложен процес на заедничко растење. Влогот е голем и искрено се надевам дека со мудрост ќе продолжиме по патот на зближување и градење пријателство, низ заемно почитување, како две соседни европски држави. Но никогаш нема да прифатиме вметнување на антиевропски билатерални услови што навлегуваат во македонскиот идентитет во преговарачката рамка за пристапување кон европското семејство.
Превземено од мкд.мк
Александар Дамовски
Фото: Роберт Атанасовски