Осумдесет и пет годишната прилепчанка Елена Макалоска која, нјаверојатно, е најстариот пациент кој се излекувал од Ковид-19 ги направи среќни и им даде голем мотив за работа на медицинскиот персонал на Инфективното одделение во Прилеп.
Откако нејзината фотографија со дел од медицинскиот тим на одделението осамна на социјалните мрежи и порталите, создаде нова надеж во битката со Ковид-19.
Доктор Мирјана Крстеска од прилепското Инфективно одделение телефонски ни ја раскажа битката на 85-годишната прилепчанка која ја водела со смртоносната зараза. Особно зашто Макалоска пред 21 ден била примена во многу тешка состојба – со пневмонија и слабокрвна. Првите 10 дена многу тешко одело лекувањето.
-Пред 21 ден беше примена. Беше во исклучително лоша состојба, со слаба крв, тешкотии во дишењето, со тешка пневмонија. Процесот на нејзиното лекување течеше бавно за разлика од некои помлади пациенти. Првите десет дена имавме една терапија која кај други оди вообичаено, но кај неа одеше бавно, немаше подобрувања. Доби друга антибиотска терапија со поширок спектар. Дадовме и антикоагулантна терапија која, исто така, многу помогна. Поради слабокрвноста, на два наврати дадовме крв, се разбира, во консултација со интернистите. И тоа помогна за пациентката да живне, на некој начин, раскажува Крстеска.
Тешкиот процес на лекување ги натерал да размислуваат да ја пратат пациентката на лекување во Скопје.
-Кога 10-иот ден не ни одеше со терапијата, сакавме да ја испратиме на лекување во Скопје, но семејството не знаеше каква ќе и биде состојбата таму сама, вели Крстеска.
Нагласува дека во целиот процес помогнала нејзината ќерка која, до неа на одделението, се лекувала од Ковид-19 и е излекувана.
Вчера направените комплетни контролни анализи покажаа дека е добро и добро се чувствува.
-Една недела нема температура. Добивме два негативни теста за Ковид-19. Таа се чувствува одлично. Последните денови нема потреба од кислородна поддршка. Крвните анализи и се подобри, така што, за дома и дадовме само краткотрајна антибиотска и витаминска терапија и контрола по потреба. Најверојатно, 85-годишната Елена Макалоска е и најстариот пациент излекуван во земјава. Самата баба рече дека доколку остане жива, да ја споменеме на социјалните мрежи, нагласува Крстеска.
Како тим се чувствуваме среќни, вели доктор Мирјана Крстеска од прилепското Инфективно одделение.
-Среќни сме и многу моптивирани што успеавме бабата да ја излекуваме од тешката ситуација во која беше. Тоа е голем мотив да продолжиме и сите да бидеме упорни, вели Крстеска.
Во моментов, на Инфективното одделение има околу 20 пациенти, од кои 16 се со Ковид-19, а другите чекаат резултати. Пациентите се во релативно добра состојба. Пациентите во тешка состојба кои имаат потреба од респиратор се испраќаат на лекување во Скопје.
– На одделението имаме уште две пациентки на околу 80-годишна возраст и се во релативно добра состојба. За нас, секој излекуван пациент ни е голем мотив да продолжиме понатаму. Работиме, секогаш помошта е добредојдена. Имаме одлична соработка со службата за епидемиологија од каде навреме добиваме резултати, а одлично соработуваме и со другите одделенија: рендгенологија, со болничката лабораторија, трансфузиологија, со Интерното одделение, заклучува доктор Мирјана Крстеска./МИА